1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеГерманија

Нелегални дроги: Невидливите мртовци

Лиза Хенел
21 јули 2022

Во Германија со години расте бројот на луѓе кои умираат како последица на конзумирање нелегални дроги. ДВ во Хамбург посети просторија за конзумирање дрога.

https://p.dw.com/p/4ESir
Hamburg Drogenkonsumraum Abrigado
Фотографија: Lisa Hänel/DW

Гонзо фрла краток поглед на белата тапета. Слаб е, но добро облечен, џемперот го има повлечено нагоре. Гонзо внимателно ги избира своите зборови, говори со типичен мек хамбуршки изговор. „Со имињата на луѓето што се умрени, а што сум ги познавал, можеш да го тапацираш ѕидов”, вели Гонзо кој е корисник на дроги од својата 18-та година. Денес е веќе 55-годишен. Неговите очи се стаклести, но одговорите му се јасни.

Седи во просторијата на социјалниот работник задолжен за неговиот случај во т.н. простор за консумирање дроги во Хамбург. Името на институцијата е Абригадо, што на шпански значи „заштитен”. Тука лица кои се корисници на дрога, најчесто хероин и кокаин, може да ги земаат дрогите во клинички чиста средина со чисти шприцеви.

Покрај тоа, може да се тушираат, медицинско лице да им ги прегледа раните, во кафулето во состав на институцијата по нешто да каснат или да се напијат и ако сакаат - да закажат термин со социјалниот работник за да може да добијат поддршка кога завршуваат работи во институциите.

Социјалните работници Херман и Оли во т.н. просторија за притисок подготвуваат сѐ за отворањето. Таму после пладне ќе може до четири лица истовремено да ги примат дрогите што си ги носат со себе. Оли ги плакне лажиците што цела ноќ биле потопени во средство за дезинфекција. Херман поставува спакувани шприцеви, памукчиња со алкохол и фластери.

По краток состанок со остатокот од тимот, околу 13:30 часот се отвораат вратите. Надвор, во дворот, повеќе десетици лица веќе чекаат на ред. Првите брзо влегувааат во просторијата за дрогирање.

Повеќето доаѓаат редовно и веќе ги знаат правилата: стави маска, запиши се во листата и, ако е зафатено, чекај трпеливо. И Гонзо е меѓу првите тој ден. Веќе 28 години, откако постои Абригадо, доаѓа тука и сигурен е дека „би бил веќе мртов да го нема ова. Порано во некој двор или во наркоманско пеколно место спремавме сѐ, таму сѐ е валкано. Никој не мие раце, не се дезинфицира. А, тука луѓето внимаваат да ги правиме тие работи”.

Hamburg Drogenkonsumraum Abrigado
Социјалните работници Херман и Оли во т.н. просторија за притисок во АбригадоФотографија: Lisa Hänel/DW

Сѐ повеќе смртни случаи од дроги

Во 2021 година Германија четврта година по ред забележува пораст на лица починати како последица на конзумирање нелегални дроги: вкупно 1826 мажи и жени. Најчесто причинител е хероин или слични опијати.

Специјалниот ополномоштеник на сојузната влада за дроги, Буркард Блинерт, ваквиот развој го коментира на овој начин: „Таквите бројки ме прават тажен. Тие шокираат и покажуваат дека не е можно во политиката за дрогата да продолжиме исто како и досега."

Проблемот го има и надвор од границите на Германија. Во САД со години владее криза со опиоиди од невидени размери. На секои пет минути таму статистички има по едно предозирање со смртни последици. Но, и во Германија бројките не опаѓаат, напротив.

Во Абригадо, во Хамбург, во првите пролетни месеци ситуацијата била посебно лоша. За секој починат гостин, како што тука ги нарекуваат консументите на дроги, социјалните работници ја отвораат книгата за кондоленции. „Воопшто не ни стасавме да ја тргнеме”, вели Оли. „Беше страшно”, дополнува Херман.

Двајцата се среде подготовки за Меѓународниот ден за помен на починати наркозависници кој секоја година се обележува на 21 јули. Ќе дојде говорник по тој повод, а гостите и соработниците на институцијата поставуваат камења со имињата на мртвите.

Hamburg Drogenkonsumraum Abrigado
Социјалниот работник Оли со респиратор во случај на потребаФотографија: Lisa Hänel/DW

Опремени за итни случаи

Во просториите на Абригадо досега не починал никој, сите итни случаи досега биле менаџирани со рутинирани постапки, мерач на пулс и апарат за реанимација. „Првите итни случаи што сум ги доживеал ме дотераа до моите лични граници", вели Херман. Но, сега веќе има повеќе познавања, вели тој и додава: „Знаеме како да постапиме, сме го доживеале тоа и наоѓаме решение."

Но, смртните случаи кои не можат да ги спречат надвор од нивната институција, многу ги погодуваат двајцата социјални работници. Оли се потсетува на првиот гостин што го водел како едуциран социјален работник и кој потоа умрел. „Тоа многу ме погоди, уште го памтам тоа многу добро", вели Оли.

Колегата Херман пак вака ја опишува ситуацијата: „Човек со кого си имал тука речиси секојдневно работа, на крајот станува само број на предмет”. Социјалните работници често преку други гости дознаваат за смртта, без да имаат информација од што умреле лицата и каде се погребани.

Поинаква политика за дрога?

Кога станува збор за починати од дрога, често се слушаат обвинувања дека строгата политика за дрога води до повеќе починати нарко-корисници. Но тоа не е едноставна равенка, посочуваат експертите интервјуирани од Бајерише рундфунк во неодамнешната проверка на факти.

Аналитичарот Хајно Штевер, директор на Институтот за зависности во Франкфурт, со децении предава и истражува на темата превенција од зависности и помош за зависници. Тој е поддржувач на политиката за декриминализација на консумирањето дроги.

„Од една страна, имаме една многу попустлива политика за цигари и алкохол, би рекол доста либерална политика и доста нерегулирана. Од друга страна, кон илегалната конзумација на дрога сме доста репресивни. Таа поделеност е карактеристика на германската политика за дрога“, вели Штевер за ДВ.

Hamburg Drogenkonsumraum Abrigado
Во Германија има 24 простории за консумирање дрога како оваа во ХамбургФотографија: Lisa Hänel/DW

И додека консументите на мали количества на канабисги прогонуваат и казнуваат, нема таква стратегија за „народните дроги“, како што се цигари и алкохол.

„Годишно имаме околу 127.000 починати од цигари, а околу 74.000 од алкохол. Жртви од дрога се и луѓето кои прерано починале поради ризично консумирање алкохол или тутун,“ вели Штевер.

Сепак се наѕираат промени во Германија на овој план. Канабисот треба да се легализира, се тестира и Налоксон, спреј за нос со кој моментално се спречува предозирање со хероин, а во центрите за зависници, пак, се проверува чистотата на дрогата.

Германија се чини дека се отвора кон нова политика за наркотици која се оддалечува од криминализација на консумирањето дрога. Конзервативните политичари од ЦДУ и ЦСУ го критикуваат ова, нагласувајќи дека постои опасност и од канабис, и стравуваат да не се пробие браната и за легализација на потешки дроги.

- повеќе: Трип-терапија: Враќање на психоделичните дроги во медицината

Меморијален ден во знак на починатите од дрога

Социјалните работници во Абригадо ја поздравуваат промената на курсот на владата.

„Оптимист сум“, вели Оли, иако критикува дека често институции како неговата имаат потешкотии со финансирањето и тој гледа уште потенцијал за подобрување.

Во Абригадо кон своите гости тие не се однесуваат како тутори и не настојуваат по секоја цена да ги одвратат од живот без дрога. А, ако некој почине од предозираност или како последица на долготрајно консумирање дрога, персоналот не го гледа тоа како неуспех што не го одвратиле лицето навреме од користење наркотици.

„Кога некој ќе почине, без разлика дали консумирал дрога или не, тоа е секогаш тажно, бидејќи некој умрел и нѐ напуштил. И мислам дека тоа треба да ни биде првиот импулс“, вели Оли.

- повеќе: Германија- оригиналната лабораторија за најпознатите дроги

Од друга страна, и тој и Херман забележуваат дека и нивните гости се свесни оти зависноста од дрога е опасна и дека нивниот начин на живот може да значи и рана смрт.

„Знам дека веројатно нема да доживеам 90 години“, вели Гонзо за кого овој Меморијален ден ќе биде во знак на неговите починати пријатели, меѓу кои и неговиот долгогодишен пријател кого го нашол починат во кревет во април годинава. Не знае ни што била причината за смртта, а ниту каде е погребан.