1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Трип-терапија: Враќање на психоделичните дроги во медицината

Матијас фон Хајн
2 октомври 2021

Милиони лица страдаат од депресија. Забранети дроги како ЛСД или Псилоцибин ветуваат заздравување - и профит.

https://p.dw.com/p/41Ah5
Symbolbild I Magic Mushrooms
Фотографија: Richard Vogel/AP/picture alliance

13 јули во Манхајм беше мрачен ден. А, токму тој мрачен ден може да донесе нова надеж за милиони лица кои страдаат оддепресија.Токму тогаш првиот пациент од научниот проект на Централниот институт за душевно здравје во Манхајм имаше психоделично доживување. Со врзани очи, музика на слушалки и во присуство на двајца терапевти. Халуциногеното средство за внатрешното патување: Псилоцибин.

Таа материја е позната веќе шеесет години. На т.н. „magic mushrooms" (магични печурки) им ја дава нивната магија, односно нивното дејство да се промени свеста. Таа речиси насекаде во светот е забранета, во Германија повеќе од половина век.

Дури и за научниците од Манхајм „најголема пречка се покажала набавката на супстанцијата”, вели човекот кој ја води студијата, Герхард Гриндер, за ДВ. „Не постојат толку многу производители во светот од кои би можеле да ја добиете супстанцијата во бараниот квалитет. Тоа беше долг и напорен процес."

Научниците сѐ повеќе се нафаќаат на ваков долг процес. Халуциногените трипови одамна не се „резервирани” само како хоби на хипици. Растечки број научни студии укажува на потенцијалот на терапија со Псилоцибин за пациенти кои страдаат од депресија – дури и кај оние кај кои други терапии веќе не покажуваат никаков ефект. Студијата во Манхајм опфаќа 144 лица, односно е толку голема што Гриндер „очекува статистички одржани заклучоци”.

Symbolbild I Magic Mushrooms
Псилоцибинот им ја дава магијата на „магичните печурки“Фотографија: David Herraez Calzada/Zoonar/picture alliance

Народна болест - депресија

Според проценките на СЗО, во светот околу 300 милиони лица страдаат од депресија. Во Германија, според проценките, се пет милиони. Министерството за здравство ја нарекува „народна болест”. Со внимателна проценка на речиси една петтина од нив не може да им се помогне со постоечките терапии. „Има огромна побарувачка“, заклучува Гриндер и додава дека неговиот институт е пренатрупан од барања од пациенти.

Во класичните терапии пациентите дневно се третираат со антидепресивни супстаници. Новиот пристап е фундаментално различен: „Работиме на тоа само еднаш или двапати да се прими оваа супстанција“, објаснува професорот по психијатрија, Гриндер. „Тоа е една многу дисруптивна терапија, која е интегрирана во психотерапевтска програма".

Тест лица од поранешни студии велат дека е тоа искуство што го менува животот, дека имаат значително подобра душевна состојба, дека можат дури да ги остават и антидепресивите. Тоа е состојба која трае уште многу месеци по трипот. Заради шансите со само неколку психоделични сеанси значително да се подобри состојбата на лица кои страдаат од тешка депресија, Министерството за наука одвои преку два милиони евра за студијата.

Тоа што сега Германија дава јавни пари за истражувања поврзани со Псилоцибин покажува дека психоделичните истражувања од егзотичните маргини навлегуваат во медицински мејнстрим.

Психоделичните супстанци така се враќаат на своите почетоци во 1950-тите и 1960-тите години: во психијатриските, медицинските и психолошките истражувања.

Bonn Gewalt gegen Maenner
Во светот околу 300 милиони лица страдаат од депресијаФотографија: Ute Grabowsky/photothek/imago images

Меѓународни експерти на средба во „Шарите“

Тоа можеше да се види и кон средината на септември во Берлин. Таму се одржа конференцијата insight2021, организирана од фондацијата „Мајнд”. Таа, според податоците на нивната интернет страница, се залага за „безбедна, легална и на докази базирана примена на психоделичните искуства во медицината и општеството”. Местото каде се сретнаа дите водечки имиња од областа на психоделичните истражувања беше берлинската „Шарите“, една од најугледните медицински институции во Германија.

Четири дена се разјаснуваа невролошки процеси, на дијаграми споредбено се претставуваше дејството наЛСД, Псилоцибин и други дроги и се реферираше до каде се стасани истражувањата во различни области. Присутна беше дури и претставничка на германската Агенција за издавање дозволи за лекови.

„Успеавме да ја дестигматизираме темата", сумира коосновачката на фондацијата, Андреа Јунгаберле и продолжува замислено: „Како дебатата ќе се одрази на секојдневниот медицински бизнис допрва ќе се покаже”.

Стручната фела е одушевена. „Како Екстази и Псилоцибин ја превртеа психијатријата наопаку", е насловот на научниот магацин „Нејчр” од почетокот на годината.

LSD-Trip
Фотографија: picture-alliance

Псилоцибин на берза

Ентузијастички настроени се и растечки број компании. Ако се прашуваат тие, Псилоцибин, супстанцијата од Екстази - МДМА и други супстанции наскоро наголемо би се користеле против депресии, болести на зависност и широк дијапазон други заболувања. Тоа е целта на биотек-холдингот Атај Лајф Сајенсес на германскиот инвеститор Кристијан Ангермајер.

Средовечниот човек во интервјуа за неделниците „Ханделсблат” и „Виртшафтсвохе” зборува за сопствените искуства со Псилоцибин и неговата компанија од летово е на њујоршката берза. Само три години по основањето, холдингот за психоделични супстанции е вреден преку две милијарди долари.

Атај, меѓу другото, има удели во „Компас Петвејс”, британска компанија која разви синтетички Псилоцибин и моментално е втора во фаза од клинички студии со преку 200 пациенти на 22 места во десет земји. Тоа е најголема студија со Псилоцибин во моментов на светот. Компанијата исто така е на њујоршката берза и за пет години постоење вредноста ѝ скокна на преку една милијарда долари.

„Берлинскиот регистар” на фондацијата „Мајнд” покажува дека од трип-бумот е причина за процут на цела бранша. Во него има 130 фирми во психоделичната индустрија, од холандски рисорт за трипови со Псилоцибин до специјалисти за соодветен квалитет на звукот на слушалките за музика за трипот. Брзиот развој дури и за Јунгаберле е застрашувачки. „Кога нештото е ултра барано, тоа ни е и најдобар другар и најлош непријател”, вели таа и трезвено објаснува дека е „потребен соодветен баланс меѓу демонизирањето и фаворизирањето” на супстанциите.

Петер Гасер го дели таквиот став. Швајцарскиот психотерапевт работи веќе 30 години со ЛСД и МДМА и важи за особено искусен. Брзината на развојот на нештата „речиси и да го плаши”, вели брадестиот маж со кусо потстрижана коса за ДВ. „Тоа зголемување на малите пропратни третмани... До скоро само неколкумина пациенти како дел од истражувањата, а веќе се размислува во милиони.“ Гасер стравува дека може да страда квалитетот на третманот, „затоа што погледот на лекувањето би бил премногу технолошки или премногу шематски“.