1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На прошетка низ најстариот град во Германија

31 октомври 2010

Трир е стар повеќе од 2.000 години и се простира по течението на реката Мозел. Градот е познат по богатата културна историја и архитектонски ископини од времето на Римјаните, но и по производството на вино.

https://p.dw.com/p/Pjxb
Порта НиграФотографија: picture-alliance / dpa

Најлесниот и воедно најубавиот начин да стигнете до Трир е да патувате со воз покрај реката Мозел. Нашиот прв совет е да се прошетате низ градот, да ги разгледате старите, повеќевековни зданија и да го почувствувате животот на улиците. Трир е голем опен-ер музеј, бидејќи тука се наоѓаат римската бања, базиликата, античката порта наречена Порта Нигра, средовековниот плоштад и многу историска архитектура. Влезот за повеќето знаменитости и музеи чини околу три евра. Шетајќи се низ градот, најверојатно ќе поминете низ населбата наречена Катедрал Сити, а ќе ја препознаете по тесните улички, високите ѕидови и стари куќи со римски натписи и, се разбира, по самата катедрала. Посетата на катедралата е уште еден од нашите совети. Во неа, меѓу другото, се наоѓа и наметка, за која се верува дека Исус Христос ја носел пред да биде распнат на крст.

Mosel, Deutschland entdecken, Stadt Trier
Кнежевската палатаФотографија: M.Nelioubin

Веднаш пред катедралата започнува пешачката зона. Оттука ќе стигнете на главниот пазар, каде можете да купите свежо овошје и да продолжите на шопинг низ соседните улички. На улиците има многу улични музичари, но и слободни уметници кои ќе ви понудат да ви нацртаат портрет. Пред музичарите секогаш се собира голема група луѓе, што дури ја блокира улицата. Не е за чудење, бидејќи нема подобар начин да се посети бесплатен концерт. Секоја година, околу три милиони туристи го посетуваат градот.

Ако сакате да побегнете од турканиците, следете го нашиот втор совет

Наместо да останете во центарот, тргнете кон Петрисберг. По Втората светска војна, француската армија ја користела оваа зона како воена база, а денес тука се наоѓа една од најскапите населби во Трир. Ако сакате повеќе возбуда тогаш вратете се кај Римјаните. Иако тие многу одамна поминале низ Трир, се' уште се дел од секојдневието во градот, и тоа не само поради архитектонското наследство што го оставиле. Имено, Трир има многу стара култура на производство на вино, која потекнува од времето на Римјаните, пред две илјади години. Денес особено се препорачува виното од сортата Ризлинг, што се одгледува на стрмните падини покрај реката Мозел. Доколку, пак, сакате да го запознаете локалното население, најдобро е да отидете во градината Паласт. Тоа е главниот парк во центарот на градот и многу добро место за одмор и шетање. Луѓето таму јадат, пијат, учат, разговараат, играат фудбал или свират гитара или, пак, едноставно се сончаат. Нашиот совет број четири е да купите јадење од продавница и да им се придружите на луѓето во паркот.

Kaiserthermen in Trier
Ископини од римските бањиФотографија: Stadt Trier

Како студентски град, Трир има богат ноќен живот

Но, без разлика дали сакате мирна или бурна вечер, има нешто што не смеете да пропуштите, а тоа е воедно и нашиот совет број пет: качете се на Петрисберг, на ритчето зад римскиот амфитеатар. Оттаму имате прекрасен поглед на винските падини и ако отидете приквечер можете со една чаша вино да уживате во прекрасното заоѓање на сонцето.

Автор: Моника Грибелер / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска