Ли Кечијанг: Кина не сака да ја подели ЕУ
7 јули 2018„Форматот 16+1 не е политичка платфoрма“, изјави вчеравечер кинескиот премиер Ли Кечијанг по разговорите со бугарскиот колега Бојко Борисов во Софија.
На седмиот самит на Ли Кечијанг со премиерите на 16 земји од Централна и Источна Европа, денеска во Софија би требало да се разговара за соработката во сферата на инфраструктурата, енергетиката, технологиите и туризмот.
Повеќе: Новиот пат на свилата и зависноста од Кина
Соработката на Кина со центрано и источноевропските земји преку форматот 16+1 го алармира Брисел. „Подели, па владеј“ е стратегија со која се поткопува европското единство, се жалат ЕУ-дипломати.
„Не станува збор за поделба на Унијата“, тврди бугарскиот премиер Борисов во „пораката од Софија“ упатена до колегите од Европа по средбата со Ли. Според него, Балканот, кој заостанува зад остатокот на Европа, се обидува да го надополни пропуштеното. Ли Кечијанг нагласи дека Кина е подготвена, почитувајќи ги законите, правилата на слободната трговија и на ЕУ, да инвестира во регионот.
Повеќе: Економската моќ и политичките амбиции на Кина
На самитот во Софија денеска присуствува и владина делегација од Македонија, која ќе има и официјална средба со кинеската владина делегација.
Кинескиот премиер Ли Кечијанг во понеделник во Берлин треба да се сретне со германската канцеларка Ангела Меркел во рамки на германско-кинеските владини консултации.