1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кравата Пенка и апсурдните закони на ЕУ

БГ
4 јуни 2018

Случајот со кравата Пенка ги крена на нозе активистите во Бугарија и на виделина изнесе некои апсурдни правила на ЕУ. Пенка од Бугарија влегла во Србија, а сега мора да биде убиена - согласно правилата на ЕУ.

https://p.dw.com/p/2yt2W
BdT Deutschlands schönste Kuh
Фотографија: picture-alliance/dap/M. Assanimoghaddam

Кон средината на мај годинава кравата Пенка одеднаш исчезнала од стадото на бугарскиот сточар Иван Харалампиев. За среќа не заминала далеку, туку само до блиското српско село од другата страна на границата. Таму ја пронашол некој земјоделец и препознавајќи ја нејзината ознака му јавил на соседот од бугарска страна да дојде да си ја земе Пенка. И оваа приказна веројатно тука ќе завршеше... да не беа правилата на ЕУ. 

Кога Харалампиев се обидел да се врати со Пенка преку границата го дочекало непријатно изненадување. Цариниците и надлежниот ветеринар на граничниот премин му рекле дека тоа нема да биде можно. Имено, според правилата на ЕУ, кравата која накусо престојувала надвор од границите на Унијата не може повторно да влезе во земја-членка на ЕУ. Пенка, која е и бремена во шести месец, мора да умре, порачале надлежните бугарски власти. 

Во меѓувреме, Пенка стана вистинска ѕвезда на социјалните мрежи каде корисниците бараат азил и правда за кравата. 

Приказната за Пенка во меѓувреме ги алармираше бугарските активисти за заштита на правата на животните, но и надлежните во ЕУ. Сопственикот Харалампиев одбива да ја убие својата крава, а активистите ја критикуваат бирократизираната администрација која не прави разлика во вакви случаи.
„Не може да очекуваме кравата да знае каде е ЕУ, а каде не е. Вакви случаи се нормални за погранични региони“, вели Марина Иванова од организацијата за заштита на животни Четири шепи. 

И ветеринарите велат дека Пенка е здрава и дека нејзината куса екскурзија во соседна Србија не ѝ го нарушила здравјето, но бирократите се непопустливи.

Портпаролка на Европската Комисија за германскиот весник „Велт“ објаснува дека правилата се такви со цел да се заштитат граѓаните од животински болести кои често се „увезуваат“ од земји надвор од ЕУ.