1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Појасот Газа: меѓу војна и кревок мир

Керстен Книп
20 април 2026

Конфликтот во Појасот Газа е потиснат од Иранската војна, а и покрај повеќемесечниот прекин на огнот, политичко решение сè уште не се наѕира.

https://p.dw.com/p/5CCff
Дистрибуција на храна на Палестинците раселени поради војната во Појасот Газа, април 2026 година
Дистрибуција на храна на Палестинците кои останаа без покрив над главата поради војната во Појасот Газа, април 2026 годинаФотографија: Eyad Baba/AFP

Поради војната со Иран, конфликтот во Појасот Газа во голема мера исчезна од фокусот на меѓународната јавност. И покрај тоа што повеќе од половина година формално е на сила прекин на огнот, напорите за трајно политичко решение речиси и да не бележат напредок.

Веќе со месеци траат меѓународни посреднички иницијативи за стабилен прекин на огнот меѓу  Хамас и Израел. Последен ваков обид беше посетата на делегација на Хамас во Каиро, која во неделата отпатува таму на разговори со египетските посредници. Главна тема беа отворените прашања од, сè уште, првата фаза на прекинот на огнот, договорен пред повеќе од шест месеци, како и дилемата дали воопшто е можно да се премине во втора, а особено во конечна фаза од процесот.

Милитантно-исламистичката организација Хамас,  која Германија, Европската Унија, САД и други држави ја сметаат за терористичка, со нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика разорната војна во Појасот Газа. Од 10 октомври 2025 година е на сила прекин на огнот, но тој е кревок и постојано се нарушува со изолирани напади.

Според експертите, досегашниот биланс од прекинот на огнот е разочарувачки. Политичките разговори стагнираат, а со нив и изгледите за долгорочна стабилизација. Шест месеци подоцна, „надежното ветување во голема мера остана неисполнето“, се наведува во една анализа на Норвешкиот совет за бегалци.

Без напредок во преговорите и растечка регионална нестабилност

Решителен напредок нема ниту во самите посреднички напори, кои во моментов се засенети од последиците од Иранската војна. Работата на таканаречениот „Одбор за мир“ (Board of Peace), инициран од американскиот претседател Доналд Трамп како паралела на напорите на ОН, засега се покажува како неефикасна. Иако беа воспоставени одредени институционални структури и најавени милијарди долари помош, според агенциски извештаи, поголемиот дел од средствата се исплатуваат бавно или воопшто не пристигнуваат.

Слична е и оценката на експертот за Израел и Блискиот Исток, Петер Линтл од берлинскиот Институт за наука и политика. „Во моментов се чини дека сè се врти во круг“, вели тој. Клучните прашања – разоружување на Хамас, идната управа на Газа и повлекувањето на израелските трупи – со месеци остануваат нерешени. Дополнително, недостасуваат функционални механизми за спроведување на евентуалните договори, доколку воопшто се постигнат.

Поглед на тешко оштетената болница Ал-Шифа во Појасот Газа
Видливите последици од војната се сеприсутни: Тешко оштетената болница Ал-Шифа во Појасот ГазаФотографија: Dawoud Abu Alkas/REUTERS

Слична проценка дава и исламологот Симон Волфганг Фукс од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим. Преговорите не напредуваат, роковите постојано се пробиваат, а впечатокот за дипломатски застој станува сè поцврст. „Динамиката е повеќе обележана со недоверба отколку со приближување“, оценува Фукс.

Најтешко прашање - разоружување на Хамас

Најконтроверзното прашање останува разоружувањето на Хамас. Спорно е редоследот на чекорите: дали Хамас прво треба да се разоружа или Израел најнапред да ги повлече своите сили. „За Израел е јасно: прво разоружување, потоа повлекување. За Хамас – токму спротивното“, ја сумира Фукс суштината на проблемот.

Иако во почетокот на годината американскиот амбасадор во ОН, Мајк Волц, најави дека меѓународни, независни набљудувачи би го надгледувале процесот на демилитаризација на Газа, ваквите планови подразбираат значителни отстапки од двете страни – нешто што засега недостасува.

И покрај военото слабеење, Хамас и понатаму е клучен фактор на терен. Неговите структури опстануваат и по жестоките израелски операции со десетици илјади жртви и таргетирани ликвидации на функционери. Организацијата и натаму контролира делови од Појасот Газа и фактички дејствува како владејачка власт, што дополнително ја комплицира секоја политичка формула.

Напната воена ситуација

Воената состојба останува напната.  Израел продолжува со прецизни напади врз раководството на Хамас, но во нив често страдаат и цивили, што дополнително ги намалува шансите за трајно смирување. Според анализа на меѓународната хуманитарна организација „Оксфам“, планот за прекин на огнот на администрацијата на Трамп е на раб на пропаст.

Нереализирани остануваат и други клучни елементи, како формирањето технократско тело за цивилна управа во Газа, кое сè уште не е распоредено на терен.  Финансирањето на обновата  исто така е неизвесно. Земјите од Персискиот Залив, кои треба да го покријат најголемиот дел од трошоците, се соочуваат со сопствени проблеми поради штетите од  Иранската војна. Оштетените рафинерии, нафтени полиња и извозни терминали ќе бараат месеци, а на некои места и години за обнова, наведува агенцијата Ројтерс.

Палестински деца пред шатор во камп за раселени лица кај градот Кан Јунис, пролет 2026 година
Палестински деца пред шатор во камп за раселени лица во близина на градот Кан Јунис, пролет 2026 годинаФотографија: Bashar Taleb/AFP

Последиците најтешко ги чувствува цивилното население.  Хуманитарната состојба во Појасот Газа останува критична и на многу места дополнително се влошува: недостиг од основни намирници, растечки цени и уништена инфраструктура го обележуваат секојдневието. Фукс зборува за „надолна спирала“, нагласувајќи дека искуствата од гладот во 2025 година сè уште силно влијаат врз чувството на постојана закана.

Политичката атмосфера во Газа однадвор тешко се проценува.  Според извештаи, секоја критика кон Хамас и понатаму жестоко се задушува во областите под негова контрола, што дополнително ја отежнува реалната слика. Истовремено,  меѓу Палестинците опстојуваат стравувањата од трајно раселување.

Пробив на краток рок, според Линтл, е малку веројатен. Политичките трошоци за двете страни се превисоки, а структурните блокади остануваат. Иако прекинот на огнот донекаде го олеснува секојдневието, тој функционира ограничено, без изгледи за одржливо политичко решение. Појасот Газа засега останува во опасна сива зона – ниту војна, ниту мир, со постојан ризик од нова ескалација.