1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Поплава во Тенеси – близнаци однесени од рацете на таткото

ЖА / агенции
23 август 2021

Во поплавите во Тенеси загинаа најмалку 22 лица, меѓу кои и седуммесечни близнаци, кои водата ги оттргнала од рацете на таткото во обид да ги пренесе на безбедно. Бројни семејства загубиле сѐ што имаат.

https://p.dw.com/p/3zNeP
USA | Überflutungen in Tennessee
Фотографија: Andrew Nelles/The Tennessean/AP/picture alliance

Во поплавите во американската сојузна држава Тенеси со најмалку 22 жртви, преку 30 лица уште се водат за исчезнати. Многу од нив живееле во местото кое е оосбено силно погодено од невремето, изјави шерифот Крис Дејвис, кој смета дека бројот на загинатите дополнително ќе расте.

Спасувачките екипи ја чешлаат областа во центарот на Тенеси каде водата во саботата поплави улици и предизвика прекин на телефонските линии. Невремето за кратко време донесло рекордни врнежи од дожд, а мали потоци како во местото Вејверли се претвориле во надојдени реки, кои носеле автомобили и куќи.

-повеќе:

Екстремно време ширум светот: меѓу пожари и поплави

Живееме во време на климатска криза

Сопственик на ресторан од ова место за агенцијата АП изјавил дека во саботата од еден мост набљудувал како буицата носела две девојчиња и мало куче, фатени на штица, но со толкава брзина што не било можно да им се помогне. Дали на крајот успеале да се спасат, човекот не знаел да каже.  Меѓу жртвите има и бебиња, возрасни луѓе и старци, истакнува шерифот. Две близначиња стари седум месеци буицата му ги оттргнала од рацете на таткото кога се обидувал да ги пренесе на безбедно.

Во блиската населба МекИвен во саботата наврнала толкава количина дожд колку што не е забележано во цела сојузна држава Тенеси од 1982 година. 

Претседателот Џо Бајден им изрази сочувство на погодените, најавувајќи федерална помош.

Научниците кои ја проучуваат климата предупредуваат дека вакви екстремни временски прилики ќе бидат сѐ  почести поради климатските промени.