1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

„Ирма“ ги опустоши Карибите, Флорида трепери

ЖА
7 септември 2017

„Ирма“ предизвика пустош во Карибите. Бројот на жртви расте, а ураганот сега се движи кон Хаити и кон Флорида.

https://p.dw.com/p/2jU1m
Puerto Rico Hurrikan Irma
Фотографија: Reuters/A. Baez

Екстремно опасниот ураган „Ирма“ во регионот на Карибите предизвика смрт на најмалку десет луѓе и огромни штети и сега се движи кон Бахамите. Според проценките на ОН, во идните денови од последиците на ураганот ќе бидат загрозени до 37 милиони луѓе. 

Островот Барбуда, со 2.000 жители, стана практично непогоден за живеење, зашто „Ирма“ таму уништи или оштети 95 проценти од куќите, изјави премиерот на Антигва и Барбуда, Гастон Брауни.

На француските Карипски Острови Сант Вартоломеј и Сант Мартин загинале осум лица, а 23 се повредени, соопшти францускиот министер за внатрешни работи Жерар Коломб.

„Вистинска катастрофа, 95 проценти од островот Сант Мартин се уништени“, изјави претседателот на Територијалниот совет на Сант Мартин, Фаниел Гибс за радио РЦИ. Енормни штети се предизвикани и на островот Сант Вартоломеј, кој се смета за луксузна туристичка дестинација. Францускиот претседател Емануел Макрон најави финансиска помош за погодените острови.

Hurrikan Irma | Sint Maarten
Огромни штети на островот Сант МартинФотографија: Getty Images/AFP/G. v. Es

Во Порторико преку 4.000 лица се сместени во привремени сместувалишта, а близу еден милион луѓе останаа без електрична струја, 80.000 без вода. Иако невремето не помина директно преку островот, ветриштата со брзина од 150 километри на час искорнаа дрвја, а дождот предизвика поплави.

„Ирма“ е најсилниот ураган кој досега е регистриран во овој регион, со брзина на ветрот од 290 километри на час. Бурата сега се движи во западно и северозападен правец. Според Американскиот центар за урагани, невремето веројатно ќе помине преку Доминиканската Република и Хаити. Хаити, една од најсиромашните земји во светот, сѐуште страда од последиците на ураганот „Метју“ од октомври 2016. година, кога загинаа околу илјада луѓе.

Hurrikan Irma | Antigua und Barbuda
„Ирма“ уништи повеќе куќи во Антигва и БарбудаФотографија: picture-alliance/AP Photo/J. Jno-Baptiste

Утре „Ирма“ може да ги погоди Бахамите, чија влада нареди евакуација на повеќе острови. 

Сѐ поизгледно е дека ураганот-монструм в сабота може да ја погоди американската сојузна држава Флорида. Во градот Мајами властите денеска наредија присилна евакуација на потенцијално најзагрозените зони. Ураганот може да биде најсилниот кој било кога ја погодил Флорида, истакна тамошниот гувернер Рик Скот синоќа за ТВ ЕјБиСи. Негова препорака е сите жители да се обезбедат со тридневни резерви од вода за пиење и храна. Аеродромот Орландо најави дека ќе биде затворен в сабота попладне, повеќе летови се откажани.

Но, опасноста не завршува со „Ирма“: зад неа веќе е формиран помал ураган, „Хозе“, кој се движи кон Малите Антили. Ураганот „Катја“ во Мексиканскиот Залив пак вчера достигна брзина на ветрот од 120 километри на час, поради што мексиканската влада издаде предупредување за опасност.

Во очекување на „Ирма“