1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Следната битка на Нетанјаху: Израел повторно гласа

Тања Кремер
23 март 2021

Четврти избори во две години: По последните три гласања, Бенјамин Нетанјаху одвај успеваше да состави влада. Сега се обидува да поентира со успешната вакцинација во земјата.

https://p.dw.com/p/3qyeV
Israel | Parlamentswahlen | Wahlplakate
Фотографија: Tania Krämer/DW

Пред повеќе од две недели Нуриел Зарифи конечно можеше повторно целосно да го отвори своето кафуле во западен Ерусалим. Поради пандемијата досега можеше да продава само кафе за носење надвор од дуќанот. Сега, наместените маси и столици, и внатре и надвор, ве мамат да си седнете на кафе и колачиња. По три долги локдауна и откако речиси половина од населението во Израел е вакцинирано со две дози, Израел беше во можност да укине многу од ограничувањата – само неколку дена пред денешните парламентарни избори. „Неколкупати си реков, доста е, овојпат не одам да гласам“, вели Зарифи, кој е долгогодишен поддржувач на конзервативната партија Ликуд на Бенјамин Нетанјаху.

„Но, кога видов колкава омраза се шири против Нетанјаху кој е предмет на критика без разлика што и да направи, си реков - сепак ќе одам да гласам. И тоа за него!“.

Денеска (23.03) Израелците гласаат по четврти пат за две години. Последната влада која ја водеа Нетанјаху (Ликуд) и Бени Ганц (Сино-Белите) се распадна во декември.

Сино-Белите овојпат не играат никаква улога. Гласачите на левиот центар не му простија на Ганц што влезе во коалиција со Нетанјаху, кого сакаа по секоја цена да го симнат од власт.

Israel | Parlamentswahlen | Nuriel Zarifi
Нуриел Зарифи: Сепак ќе одам да гласам и тоа за него!Фотографија: Tania Krämer/DW

И сега, како и на изминатите три избори, иако се гласа за партии, изборот всушност се сведува на „за“ или „против“ Нетанјаху. На долгогодишниот премиер, кој 12 години е на функцијата, му се суди за наводна корупција и се чини дека неговата личност низ годините сѐ повеќе го дели општеството.

За сопственикот на кафуле Зарифи тоа не е пресудно. „Луѓето ми велат: Зошто не гласаш за промени, за Јаир Лапид или Гидеон Саар“, вели тој, алудирајќи на двајца од сегашните противници на Нетанјаху. „Секогаш им велам: Замижете и замислете дали некој од нив би можел да ја води земјава. Јас секогаш пред очи го имам Нетанјаху и се чувствувам добро“, категоричен е Нуриел Зарифи. „Исто како што кога почна корона-кризата имав чувство дека можам да се потпрам на него и да му верувам. Тој ги купи вакцините, тој избра живот.“

Israel | Parlamentswahlen | Wahlurnen
Израелците гласаат по четврти пат за две годиниФотографија: Tania Krämer/DW

Нов почеток или повторно истото?

Но, постапките на владата и на премиерот во однос на корона-кризата изминатата година беа жестоко критикувани. Илјадници демонстранти излегоа на протест против владината политика во однос на корона-кризата и многумина бараа оставка на Нетанјаху поради обвиненијата за корупција. Во саботата повторно имаше големи демонстрации – за демонстрантите станува збор за нешто повеќе од вакцините, оти сепак за тоа многу Израелци му оддаваат признание и на премиерот и на израелскиот здравствен систем.

Маја Ример минатата година често беше на антивладините протести во Ерусалим. „Многу би сакала да видам политичари кои ќе бидат тука за нас, а не да се грижат само за себе“; вели оваа млада Израелка. Ример се надева на темелни промени и стравува дека сепак може да има и петто гласање наскоро. „Ова се четврти избори, но се чини дека нема да бидат последни. Некако мислам дека со овие избори нема да се решат проблемите“, вели Маја.

Пред една година во март, како и во септември и декември, владата спроведе три строги карантини. Кон крајот на годината бројот на заразени повторно порасна – истовремено Бенјамин Нетанјаху го започна процесот на вакцинација. Израел доби доволно вакцини од Бионтек/Фајзер во замена за научни податоци од спроведувањето на кампањата кои ќе му ги отстапи на концернот. Речиси половина од Израелците се веќе вакцинирани со по две дози, и на неколку недели пред изборите се создаде можност поголем дел од ограничувањата да бидат укинати.

Последните анкети на различни израелски медиуми во петокот пред изборите покажуваат дека партијата Ликуд на Нетанјаху со 29 до 32 места би била најсилната партија во Кнесетот – израелскиот парламент. Предизборните прогнози во минатото не се покажаа секогаш точни, но барем се одраз на тенденциите. Се оцртуваат два најголеми партиски блока кои сакаат да ја формираат идната владина коалиција, но се чини дека никој нема да може на лесен начин да го оформи мнозинството од 61 пратеник во парламентот кој има 120 места. Исто така, сѐ уште не се јасни сите можни коалициски комбинаторики.

Coronavirus Israel | Ministerpräsident Netanjahu
Нетанјаху изборната кампања ја базираше на успехот со вакцинирањето на населениетоФотографија: Ohad Zwigenberg/Haaretz/AP/dpa/picture alliance

Нетанјаху, како и секогаш, смета на ултра-ортодоксните партии, а овојпат ќе му требаат и местата на малиот екстремистички партиски сојуз (Религиозни ционисти). Ако се обистинат анкетите, на неговиот блок за мнозинство ќе му биде потребна помош и од национал-религиозната партија Јамина („На десно“), на Нафтали Бенет. Тој пак засега не се изјаснил отворено со кого би коалицирал. Нејасно е и дали Нетанјаху ќе ја добие и поддршката од малата арапско-израелска партија (Обединета Арапска листа – Раам), откако за првпат им се додворуваше и на гласачите со арапско потекло.

Нетанјаху изборната кампања ја базираше на надворешнополитичките успеси, како што се мировните договори со Обединетите Арапски Емирати и Бахреин. Но, централниот фокус е на брзата вакцинација против коронавирусот и отворањето на земјата, за што доби глобално признание. Ова по малку ги фрли во заборав трите карантини. „180 шефови на влади или претседатели се јавија во Фајзер и Модерна, но безуспешно. Мене ми кренаа на телефон“, изјави Нетанјаху неодамна. „И јас успеав да ги убедам дека Израел може да биде модел за успешно спроведена вакцинација. Тоа се покажа точно. Но, кој ќе продолжи да го спроведува ова понатаму? Лапид, Бенет или Гидон? Не можат. Само јас го можам тоа!“, категоричен е Нетанјаху.

Повеќе:

Паметната стратегија на вакцинирање на Израел

Израел: Победа на Нетанјаху која не носи напредок

Абас го откажува договореното со Израел и САД

Блокот анти-Нетанјаху

Најмал заеднички именител на неговите противници им е слоганот „Сѐ, само не Нетанјаху". Некои од партиите овојпат се од десноконзервативниот блок на Нетанјаху, или биле порано негови коалициски партнери. Еден од водечките политичари е Јаир Лапид, претседател на партијата „Има иднина”. Лапид, поранешен министер за финансии во влада под водство на Нетанјаху, водеше мирна кампања, во која меѓу другото се третираа прашања поврзани со демократијата, економијата и критики на владината политика во пандемијата. Според најновите анкети, партијата на Лапид би можела да добие 18 до 20 пратенички мандати и да стане втора најсилна партија по Ликуд. „Сѐ уште има толку неодлучни како никогаш досега, што соодветствува на уште десетина места", апелираше Лапид на гласачите. „Тие луѓе треба да бидат свесни дека ако не гласаат за нас, Израел ќе добие темна, расистичка, хомофобна и уценувачка влада. Мора да станеме силни за да може да понесеме промени."

Israel | Parlamentswahlen | Wahlplakate
Предизборен плакат на Јаир ЛапидФотографија: Tania Krämer/DW

Во десниот блок против Нетанјаху се бори поранешниот политичар на Ликуд, Гидон Саар, кој сега има своја партија „Нова надеж”. Нафтали Бенет, претседател на национално-религиозната партија Јамина и поранешен министер за одбрана, ги држи сите карти отворени: од една страна има премиерски амбиции, од друга не кажува со кого би влегол во коалиција. „Денес имаме тројца или четворица водечки политичари од анти-Нетанјаху блокот кои настапуваат заедно против него, но политички се сосема одвоени еден од друг“, вели политикологот Маоз Розентал од Интердисциплинарниот центар во Херцлија. Веројатноста во такви околности да соработуваат и да формираат коалиција е многу мала. „Тоа е комплексноста на овие избори."

Israel | Parlamentswahlen | Wahlplakat | Naftali Bennett
Нафтали Бенет ги држи сите карти отворениФотографија: Tania Krämer/DW

Вечерва околу 22 часот по локално време, откако ќе се затворат избирачките места, медиумите ќе излезат со првите прогнози. Заради посебните мерки поврзани со пандемијата и дополнителните избирачки места за Ковид-19 пациенти и лица во карантин, пребројувањето на гласовите би можело да трае и нешто подолго од вообичаено, велат од Израелската изборна комисија. Можноста да има повеќенеделни преговори за формирање коалиција, повторно „пата-пата" ситуација, или пак петто гласање, веќе сега загрижува многу израелски гласачи.