1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во САД - Германците се надеваат на помалото зло

Чејс Џеферсон
1 ноември 2016

Клинтон или Трамп? Петмина Германци зборуваат за тешкиот избор меѓу двајцата претседателски кандидати во САД.

https://p.dw.com/p/2RyQ8
US TV Debatte Trump vs Clinton
Фотографија: picture alliance/AP Photo/J. Locher

Терезија Шолц, 85-годишна пензионерка  од Ројтлинген, веќе 50 години е член на ЦДУ:

„Најдраго би ми било Обама да остане претседател. Добро изгледа и има добар карактер, би сакала Американците да му овозможеа трет мандат. Трамп е антипатичен, според начинот на зборување и однесување, кај нас би рекле - вистински 'сељак'. Клинтон изгледа како да има карактер и сака да им помага на луѓето. Таа повеќе потсетува на германските социјалдемократи. Најважно е луѓето во САД да имаат здравствено осигурување, а Трамп би сакал да го укине. Америка е христијанска земја, а јас како христијанка не можам да ја затворам својата земја за другите. Не знам дали Трамп воопшто припаѓа на некоја религија.

На американските избирачи би им порачала: изберете го помалото зло. Во светот не постои ништо совршено. Но, не може да се гласа за некој толку одвратен, кој постојано си противречи себе си како Трамп, на крај не знаете што ќе добиете.“

Хелмут Коп, 46-годишен бизнис-консултант кој живее во близина на Франкфурт:

„Ја следам предизборната кампања и ја гледав и првата ТВ-дебата. Од една страна зашто ме интересираше, од друга страна зашто во меѓувреме наликува на кабаретска програма. Се гледаше дека Трамп беше неподготвен и постојано ги повторуваше истите фрази. Тој има многу објаснувања, но не знае да даде ниеден одговор.

Но, јас не сум ниту симпатизер на Хилари. Жално е што земја со 320 милиони жители треба да избира меѓу двајца толку стари кандидати. Двајцата би требало да се подготвуваат за животната есен.

Претприемач кој размислува како Трамп, внесува раскол меѓу своите работници. Се прашувам, каков бизнисмен е тој? Во нашата фирма имаме вработени од 35 националности, во тоа гледам предност. Како еден бизнисмен може да ги поларизира тие луѓе? Според мене, тоа е лудо. За мене ЕУ е божји дар. Не можам да сфатам дека Британците беа толку глупави за да ја напуштат ЕУ. А тоа е она што го претставува Трамп. Мислам дека тоа нема никаква врска со претприемачки менталитет, туку е чист егоизам. Луѓето би требало да излезат на гласање и да го одберат помалото од двете зла, па макар и да е спротивно на нивните убедувања.“

US Außenministerin Hillary Clinton zu Besuch in Libyen Flash-Galerie
Фотографија: AP

Штефан Хаузер, има 46 години, работи за интернет-продавница и издава џепни календари со мотиви на мртви рок-музичари:

„Сѐ следам преку весниците, секојдневно. Во основа, двопартискиот систем има забавни елементи зашто изборите се вртат околу личности. Сакам сѐ што е треш, тривијално, а така гледано, Трамп е добар кандидат. Ми беше смешно да го слушам, иако смеењето често ми застануваше в грло. Трампима 70 години. Прашање е - може ли во тие години да одлучува дали треба или не да го притисне црвеното нуклеарно копче? Тој е намуртен дедо, популист и не баш многу паметен. Има моменти кога во своите тиради се повторува и станува сѐ порадикален, а тогаш веќе не е забавен.

Трамп е веројатно во право кога зборува за политичкиот естаблишмент. Хилари Клинтон сака да собори неколку рекорди, да стане прва претседателка на САД и единствена личност која влегла во Белата куќа откако тоа му успеало на нејзиниот брачен партнер. Таа го сака тоа по секоја цена. Прашањето е само -зошто? Би имало и симболика ако таа стане претседателка по Обама, кој беше прв Афроамериакец на таа функција. Јас би го поздравил изборот на една жена.

Републиканците како ништо да не научија по Џорџ Буш јуниор. Сега имаат работа со следниот антиинтелектуален фаворит. Им недостига Роналд Реган, последниот харизматичен репубиканец. Може да се претпостави дека претседателите се и онака марионети, така што нема да има големи промени. Но, Трамп уште повеќе би ја расцепил земјата, тој би бил поголема катастрофа за Америка, отколку за остатокот од светот. “

Паули Хајнц, 19-годишник од Хамбург, по три години школување во Англија, почнува студии по производен дизајн во Берлин:

„Во најголем дел информациите го следам патем, не одам целно во Гугл или интернет за да барам вести за изборите во САД. Најчесто следам преку Фејсбук, некои пријатели постираат видеа со извадоци од говорите на Трамп или на Хилари и од дебатите. Мнозинството е непријателски настроено против Трамп, но така се можеби само моите прјатели.

Трамп е еден феномен, никој не веруваше дека ќе стигне до овде. Еден ужасен феномен. Тој зборува глупости, а луѓето едноставно му веруваат. Ниту Хилари не е многу симпатична, но таа барем не е Трамп. Мојот пријател, кој студира политика, вели дека во Германија таа би била десничарски позиционирана. Американскиот претседателски систем според мене е проблематичен, на крајот има двајца кандидати, и ако не ги сакаш, немаш многу избор.“

USA Wahlkampf Republikaner Donald Trump in Florida
Фотографија: Reuters/M. Segar

Беате Бинкмајер, има 40 години, родена е во Берлин, работи во графичката подготовка на надрегионален весник и планира да дипломира психологија:

„Ги следам изборите во САД поради професијата. Трамп е премногу глупав за да го сметам за целосно расипан. Мислам дека тој не знае што прави. Хилари Клинтон е волчица во јагнешка кожа. Неискрена е и мислам дека ќе почне војна или барем нема да придонесе кон мир. Да сум Американка, мислам дека не би гласала. Во основа, како Европејка, се прашувам: како можеше да се случи да дојде до толку лоши двајца кандидати? Тоа е ужас. Не можам да се определам за некого од нив двајцата. Тенка аргументација е дека би требало да се гласа за Клинтон зашто би била прва жена-претседател. Проблемот е што како жена треба дополнително да ја докажува способноста за функцијата. Како жена мора да сте поагресивни за да ве сфатат сериозно. Ни јас не можам да гласам за Ангела Меркел само зашто е таа жена. Како човек од Берлин, ме загрижува јакнењето на фронтот меѓу Исток и Запад. Не дека го сакам Путин, но не мислам дека некој од двајцата кандидати во САД ќе придонесе за намалување на тензиите. Тоа најмногу ме загрижува.“