1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И руските нуклеарки загрозени од пожарите

9 август 2010

Руските власти денеска прогласија вонредна состојба во регионот на Урал поради пожарите кои се закануваат да го загрозат нормалното функционирање на нуклеарната централа Мајак.

https://p.dw.com/p/Ofj6
200.000 хектари површина горат во РусијаФотографија: AP

„Вонредна состојба е прогласена во шумите и парковите во околината на градот Озерск поради опасноста од пожарите“, соопштија локалните власти на нивната интернет-страница. Тревогата е само една од бројните опасности кои загрозуваат повеќе витални и стратешки објекти во Русија. Досега беа тешко оштетени и повеќе воени објекти, а под закана се и други атомски централи.

Властите во Москва, пак, денеска признаа дека е удвоена смртноста во главниот град, каде веќе две недели состојбата е критична поради огромните жештини, чадот и смогот од пожарите во околината.

„Во нормални услови во Москва умираат околу 360 луѓе дневно, а во моментот околу 700. Морталитетот е двојно зголемен“, соопшти шефот на московскиот комитет за здравје Андреј Сељцовскиј. Досега руските власти немаат објавено официјална бројка на жртвите од отровниот чад и смогот во главниот град.

Russland Moskau Smog durch Feuer
Во Москва веќе со недели „не се дише“Фотографија: AP

Масовно се бега од Москва

Германија денеска најави дека во Москва испраќа 100.000 заштитни маски, за превенција на населението од отровниот чад. За многу граѓани движењето низ градот е можно само со маски, но од пред неколку денови тие веќе не можат да се купат. Се проценува дека најмалку сто илјади московјани го напуштиле градот, а илјадници други се подготвуваат да го сторат истото.

Ширум Русија горат околу 200.000 хектари површина. На гасењето на пожарите ангажирани се преку 160 илјади луѓе, помогнати од 60-ина илјади возила, и 40 авиони и хеликоптери. Досега во пожарите загинаа најмалку 52 лица.

Министерот за вонредни ситуации Сергеј Шојгу оцени дека до крајот на неделава треба да бидат изгаснати пожарите во Подмосковието, каде исто така е прогласена вонредна состојба.

автор: БГ/афп/дв

редактор: Трајче Тосев