1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Зошто американските евангелисти се против вакцините?

Дејвид Слоун
26 декември 2020

Среде пандемијата на коронавирусот евангелистичките лидери во САД помогнаа да се прошири недовербата кон јавното здравство и корона-вакцините.

https://p.dw.com/p/3nBtb
USA | Präsident Donald Trump in Miami
Фотографија: Gary Rothstein/UPI Photo/newscom/picture alliance

Во САД не се шири само коронавирусот туку и теориите на заговор. Многу христијани евангелисти – лабаво дефинирана група од воглавно конзервативни протестанти – се особено подложи на верување во митови поврзани со пандемија и вакцината против Ковид 19. Тоа особено важи за таканареченото десно крило на евангелистичка заедница. Гласините за злонамерна злоупотреба на вакцината и заверите се шират преку социјалните мрежи а ги промовираат и дел од црковните лидери.

„Тие се сомневаат дека коронавирусот воопшто постои и ја губат врската со реалноста,“ вели Марк Лабертон, претседател на евангелистичката висока школа Фулер, во Калифорнија.

Лобертон е од оние кои ги обвинуват десничарско настроените фундаментални свештеници дека шират неосновани теории со кои ги поттикнуваат своите верници ди ги игнорираат информациите и податоците од здравствените власти за пандемијата како и препораките на експертите за вакцинирање.

USA | Coronavirus | Nurse Lillian Wirpsza | Impfung
Фотографија: Jacquelyn Martin/AP Photo/picture alliance

Митови меѓу евангелистите

Некои од овие теории вклучуваат и тврдења дека вакцината е жиг на ѓаволот или пак дека жените ќе станат стерилни. Исто така сугерираат дека вирусот е само изговор за милијардерот Бил Гејтс кој на овој начин сака на луѓето да им вгради микрочипови. Други пак тврдат дека доктор Ентони Фаучи, шеф на Националниот институт за алергии и заразни болести, помогнал во планирањето на пандемијата исклучиво од лична корист. Дезинформациите се ширеа брзо, на пример со видеа насловени како „Пландемија“ а социјалните мрежи во меѓувреме се борат тоа да го спречат.

Повеќе:

-Фејсбук им објавува војна на антиваксерите

-Коронавирус: Како стравовите од вакцина стануваат теории на заговор

-Вакцина за коронавирус– одговори на најважните прашања

Свештеникот Тони Спел од црквата Храм на животот (Life Tabernacle Church) во Батон Руж во Лујзијана е познат по спротивставување на властите откако коронавирусот се појави во САД. Постојано оддржуваше црковни собири дури и во време кога официјално беа забранети – а исто така ги отфрлаше предупредувањето дека пандемијата е опасна.

„Ние сме против маски, против социјално дистанцирање и против вакцината,“ вели Спел за ДВ. Тој верува дека вакцината е политички мотивирана и дека на крајот ќе им наштети на луѓето. Сега кога вакцинацијата започна, Спел вели дека и понатаму ќе им зборува на своите следбеници да не ја примаат.

USA | Coronavirus | PK Präsident Donald Trump
Фотографија: Jonathan Ernst/REUTERS

Недоверба во владата и елитите

Истражување на јавното мислење во јули годинава покажало дека околу 70 проценти од јавноста барем чула дека пандемијата ја планирале т.н.елити, а 36 проценти од анкетираните веруваат дека тоа е вистина.

Сомнежите во однос на вакцината против Ковид-19 се врвот на недоверба во науката, модерната медицина и она што се опишува како глобална елита, која меѓу христијанските конзервативци постои одамна и со децении е во пораст. Тоа е и основата за поголемото отфрлање вакцини кои со децении помагале речиси да се искоренат неколку сериозни болести, вклучително и сипаници и детска парализа.

„Нивното примарно објаснување е длабоката недоверба во владата“, вели Сем Пери, професор и стручњак за десничарски теории на заговор од Универзитетот Бејлор. „Постојат одредени делови од христијанската десница кои веруваат дека се дел од борбата меѓу доброто и злото”.

Стравот кој преовладува кај многу десничарски евангелисти е дека глобални лидери носат одлуки без Библијата и против волјата на христијанскиот Бог.

USA | Coronavirus | Präsident Donald Trump
Фотографија: Evan Vucci/AP Photo/picture alliance

Влијанието на Трамп

Исклучок е претседателот Трамп кој имаше и се уште има силна поддршка меѓу евангелистите. За време на четири годишниот мандат меѓу белите евангелисти имаше поддршка од дури 78 насто, додека таа цифра на ниво на сите евангелисти беше 54 отсто.

Трамп чии поддржувачи главно го гледаат како аутсајдер во Вашингтон, својата платформа ја искористи за ширење лаги за коронавирусот. На почетокот корона вирусот го нарекуваше подметнување и беше недоследен во пораките за маските - како вербално, така и со постапките. Исто така понекогаш ја отфрлаше и смртоносноста на вирусот, зборувајќи дека брзо ќе го снема.

Трамп долго време беше скептик во однос на вакцините, иако се обиде да го сврти листот кога САД почнаа да одобруваат вакцина против Ковид-19. Исто така преку Твитер лажно тврдеше дека вакцините може да предизвикаат аутизам кај децата. Таквите лаги им дадоа поттик на теориите на заговор.

„Доналд Трамп не ги измисли, но драстично го убрза ширењето на таквите дезинформации. А, некои луѓе имаат предиспозиции да поверуваат”, вели Питер Винер, потпретседател и постар соработник во Центарот за етика и јавна политика на САД и поранешен автор на говорите на претседателот Џорџ Буш помладиот.

USA | Coronavirus | Proteste
Фотографија: G. Ronald Lopez/ZUMAPRESS/picture alliance

Кампања меѓу „неверниците”

Водачите на евангелистите бараат решенија со цел да се сузбијат лажните информации во врска со пандемијата и вакцината.

Меѓу нив е и Френсис Колинс, долгогодишниот директор на Националниот институт за здравство. И самиот христијански верник, вели разговарал директно со верските лидери за да се разбие стравот од вакцината.

Кон крајот на август повеќе од 2700 христијански лидери потпишаа писмо составено од фондацијата „БиоЛогос”, луѓе блиски до Колинс, кои ја поддржуваат „науката во време на пандемија”. Во тоа писмо ги молат христијаните „да носат маска, да се вакцинираат и да корегираат погрешни информации”.

„Во текот на летото видовме дека кружат сѐ повеќе теории на заговор и сакавме да покажеме дека постојат членови на христијанската заедница кои ги поддржуваат мерките на здравствените власти”, вели Дебора Харзма, претседателка на „БиоЛогос” за ДВ.

САД неодамна одобрија вакцина против корона и почнаа со вакцинација. Во тек е транзиција на власта меѓу Трамп и новоизбраниот претседател Џо Бајден, кој е католик. Тимот на Бајден е пред тешка задача да помогне во отстранување на дезинформациите, чие ширење го потпомагаше претходната администрација, или во најмала рака не успеа да го спречи.