1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Зидојче цајтунг“: Македонскиот кревок мир

Карл-Маркус Гаус (Зидојче цајтунг)
16 октомври 2020

„Зидојче цајтунг“ пишува за македонското минато и сегашност, оценувајќи дека е грешка што Европа „има мал интерес за луѓето и културата на гордата мала“ земја, од која може да се научи по нешто. Еве го текстот во целост:

https://p.dw.com/p/3k0yJ
Instagram dw_stories Reportage aus Mazedonien
Фотографија: DW/Carolin Weinkopf

Петре М. Андреевски, роден во 1936., починат во 2006 година, е еден од најголемите европски раскажувачи на 20. век. Тоа што кај нас не го знае речиси никој, не е за чудење, зашто овој автор, кој знаеше да го поврзе суровиот опис на секојдневието на селаните со магичен реализам полн со чуда и ветувања, потекнува од една од најнепознатите земји во Европа - Македонија. Неговиот роман „Пиреј“, преведен на германски првпат пред три години, во насловот има жилав коров кој ги доведува до очај градинарите, затоа што и откако ќе биде откорнат, брзо се појавува повторно и едноставно не може да се уништи засекогаш.

Жилавиот пиреј е метафората на Андреевски за Македонија, затоа што навистина е чудо - за некои и фрустрација - што оваа земја се' уште постои. На Македонците не им било лесно. Со векови биле под туѓа власт, без притоа во најголем дел од времето да знаат кој сопствен идентитет да го наведат како аргумент за да се кренат против туѓата власт. Националната определба не игра улога ни кај Андреевски. Тој никогаш не зборува за „Македонци“, туку главно за „наши“. А, со тоа, ни оддалеку не се мисли само на христијанско-православните Славјани, кои денес се идентификуваат со Македонците, туку и на припадниците на други ентикуми и припадници на други јазични и религиозни групи.

Кога Османлиското царство почнало да се распаѓа кон крајот на 19. век, Србија, Грција и Бугарија биле тие кои се бореле за пленот и луѓето кои живееле таму едноставно ги прогласиле за загубени припадници на својот етникум. До пред 25 години Бугарија им оспоруваше на Македонците дека имаат сопствен јазик и со тезата дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, го обновуваше тврдењето дека Македонците би ја нашле вистинската татковина во една Голема Бугарија.

До пред две години Грција го прекинуваше секој обид на Македонија да се приближи кон ЕУ, затоа што тврдеше дека со името „Република Македонија“ ќе го ограби нејзиното историско наследство, чиј дел е Македонија на Александар Велики.

Се навраќам толку во минатото затоа што речиси сѐ што денес се поврзува како конфликт со, по распадот на Југославија, самостојната „Македонија“, има врска со компликуваното и полно со страдања минато на оваа земја, земја која од ЕУ, во бегалската криза во 2015 година, доби улога на чувар на границите меѓу земјите членки на Унијата. Тогаш Македонија доби задача да ја затвори границата со Грција за да ги спречи бегалците да се пробијат кон северните држави во ЕУ. Македонија, која со години чека да почне преговори за приклучување во ЕУ, толку ревносно ја исполни оваа задача кај познатото гранично место Идомени, што беше дури и пофалена од страна на Унијата, но истовремено и жестоко критикувана од Високиот комесаријат на ОН за бегалци.

Тогаш во Македонија на власт беше една националистичка партија, со бодречко име „Внатрешна македонска револуционерна организација - Демократска партија за македонско национално единство“, или скратено ВМРО-ДПМНЕ. Нејзиниот лидер Никола Груевски овозможи тајно прислушување опозиционери и партиски пријатели, ја дотера корупцијата до бесрамни размери, се обиде да ги подјарми правосудството и медиумите. Неговата тесна победа во 2016 година се случи и благодарение на еден Австриец, кој го посети еден ден пред избори и медиумски ефектно го пофали како вистински Европеец. Себастијан Курц тогаш беше министер за надворешни работи, но веќе беше на пат кон канцеларска функција. На тој пат сакаше да тргне како херој кој успеал да ја затвори Балканската рута. Груевски подоцна сепак беше симнат од власт и пред едно судско рочиште како илегален бегалец се смести таму, каде што еден негов истомисленик му даде на располагње приватна резиденција - во Унгарија на Виктор Орбан.

Оттогаш дел од работите во Македонија тргнаа на подобро. Замрсениот конфликт кој Грција му го наметна на својот сосед е решен, а земјата, согласно договорот, веќе не се вика Македонија, туку „Република Северна Македонија“. Деескалираше конфликтот со албанското малцинство, кое е сместено на западот на земјата и претставува околу една четвртина од населението и чии хушкачи одвреме-навреме се закануваат со приклучување кон албанската „земја мајка“, а албанскиот  е конечно признат како втор официјален јазик.

Но, тоа е само фрагилен мир. Кога ќе биде загрозен одвнатре или однадвор, може повторно да се случи да горат цркви и џамии, низ албанските села да беснеат македонски хулигани, а во македонските села да маршираат албански тепачки банди. Албанија, како и Македонија, стреми кон приклучување во ЕУ. Со приклучување на двете земји во Унијата, како што беше случај со двете Ирски, веројатно ќе се уништи почвата на која вирее конфликтот помеѓу двете држави, кој може да се претвори во пожар. Веројатно, но не и сигурно.

Актуелната влада во земјата е беспомошна кога реформите кои ѝ ги бара ЕУ стануваат безначајни само што националните влади во Унијата ќе почнат да се расправаат за други теми и почнат да гледаат да искористат повод за да се казнат меѓусебно, да се стават под притисок, да се надиграат.

Младите македонски писатели, со кои бев во контакт во последно време, сите надежи ги вложуваат во приклучувањето во ЕУ. Но, со оглед на тоа што „Пиреј“ ја ценат како книга која ја раскажува специфичната историја на земјата, тие се тврдоглаво самоуверени. Не сакаат Македонија да се соочи со она што ѝ се случи на Бугарија на пример - добро образованите млади луѓе, од кои речиси половината се без работа, да бидат купени од страна на богатите држави во Унијата и на сопствената земја да ѝ недостигаат лекари, ИТ-експерти, научници. Најголемиот страв е дека младите стручњаци може да се иселат, а земјата да се запусти.

Карл-Маркус Гаус е австриски писател и есеист, кој живее во Салцбург.