Совети за подобро здравје и расположение во пандемијата
Стресот е постојан придружник на современото живеење. Короната дополнително ја влоши состојбата. Што да се направи за да се остане здрав и во добра форма? Спортување, работа во градина, читање... и уште по нешто.
Излезете во зеленило
Кој е новиот омилен спорт на Германците? Пешачење! Студијата на еден здравствен фонд покажува дека 43% од Германците по почетокот на пандемијата одат почесто на пешачење отколку пред тоа. Полека или со побрзо темпо? Сѐ е добро кога сте опкружени со природа, кога гледате зеленило, вода, полиња, шума, море...
Спорт е можен насекаде
Базените, фитнес студијата и другите сали за вежбање се затворени поради пандемијата. Но, тоа не смее да биде изговор. Јога или пилатес во дневна соба, велосипедска тура или трчање во парк - телесната активност им годи на срцето и циркулацијата. Како алтернатива се можни и невообичаени активности, на пример жонглирање или одење по јаже. Сето тоа е можно да се прави на доволно растојание.
Виртуелни патувања
Во време на корона не може да се патува како порано. Притоа, одморот од секојдневието е важен за телесната и душевната благосостојба. Има начин да се патува без да се изложувате на ризик, седејќи на каучот дома, и тоа со помош на големиот број апликации за патување со виртуелни очила. Ако не може да се патува вистински, може барем виртуелно.
Добра книга
Многумина во време на корона имаат повеќе слободно време, затоа што работат со скратено работно време, или затоа што не мора да патуваат до работното место. Според анализа на институтот за истражување на пазарот ГфК, направена по повод Франкфуртскиот саем на книгата 2020, 13% од испитаниците многу почесто посегнуваат по книга отколку пред пандемијата. Добрата книга го намалува стресот и релаксира.
Расчистувањето прави чуда
Полни шкафови, преполни подруми, полици со книги кои само што не се урнале од тежина... Кому не му се познати барем дел од овие работи? Расчистувањето може да придонесе да се чувствувате подобро. Дури и науката одамна има утврдено дека ослободувањето од старите работи создава нова енергија и ѝ чини добро на душата.
Вкусна храна
Рестораните се затворени во време на локдаун. Со оглед на тоа што многу луѓе седат дома, во Германија сега се готви многу повеќе отколку порано. Наместо брза храна, на менито во многу домови има јадења подготвени со многу љубов од членовите на семејството. Статистиката покажува дека добро оди и бизнисот со т.н. кутии за готвење, во кои се ставени рецепт и состојките кои се потребни за него.
Градинарство
Садење, полевање, берба - градинарството релаксира дури и кога се нема многу смисла за работа со растенија. И, сеедно е дали се има градина или балкон. „Градинарството и растенијата имаат релаксирачко влијание врз процесите на здравеење и ориентација во животот“, објаснува хамбуршкиот терапевт Роланд Штраус на својата веб-страница.
Медитација против стрес
Работа, фамилија, домашни задачи - честопати имаме толку многу обврски, што „не знаеме каде ни е главата“. Но, има начин за опуштање: различни истражувања покажуваат дека медитацијата ни дава поддршка за подобро да излеземе на крај со стресот. Оној кој го релаксира дишењето и духот, тој го опушта и телото, а од тоа профитираат, меѓу другото, и срцето и циркулацијата.