1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЗдравјеЕвропа

ЕУ се „вооружува“ против мајмунски сипаници

ЖА / агенции
14 јуни 2022

ЕУ порачала 110.000 дози вакцини против мајмунски сипаници поради актуелното избивање на заразата со тој вирус. Вакцините би требало од крајот на јуни да почнат да се испорачуваат на членките на Унијата.

https://p.dw.com/p/4CgUH
Affenpocken Impfstoff
Фотографија: DADO RUVIC/REUTERS

ЕУ извршила порачка кај данската фирма Бавариан нордик околу испорака на 110.000 вакцини против мајмунски сипаници, соопшти еврокомесарката за здравство Стела Кирјакидес денеска на маргините на средбата на министрите за здравство на ЕУ во Луксембург. Биотехнолошкото претпријатие Бавариан нордик ја потврди порачката, со укажување дека испораката на вакцините ќе започне веднаш и ќе заврши во следните месеци.

Европската агенција за лекови ЕМА претходно информираше за разговорите водени со Бавариан нордик околу проширување на дозволата издадена за  вакцината на производителот против сипаници, Имванекс, и нејзино користење за сузбивање на  мајмунски сипаници.  Оваа вакцина веќе се користи во САД против вирусот на мајмунски сипаници, а порачки кај данската фирма извршиле и неколку членки на ЕУ, меѓу кои Германија и Шпанија. Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах очекува во земјата во јуни да пристигат околу 40.000 дози вакцина, а во текот на годината натамошни 200.000 дози.

Светската здравствена организација  има регистрирано досега речиси 1300 случаи на мајмунски сипаници во земји надвор од Африка, најголем дел отпаѓаат на мажи кои имале секс со мажи. Мајмунските сипаници главно се појавуваат во земјите од западна и централна Африка, а само ретко и во други држави, што сегашното ширење го прави невообичаено. Во Италија кај неколкумина пациенти првпат е докажано присуство на фрагменти од  мајмунски сипаници  во сперма, што го отвора прашањето дали е можно пренесување по сексуален пат.

Експертите од германскиот Институт Роберт Кох се на мислење дека заразувањето од човек на човек е ретко и можно само при тесен контакт, при директен допир со типични промени на кожата или со плунка. Можноста за пренос и ширење на вирусот на мајмунските сипаници преку сперма или вагинален секрет, според Институтот Роберт Кох е присутна, но не е дефинитивно докажана.