1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ердоган е лицемерен и провиден

Даниел Хајнрих
14 декември 2017

Во кризата околу признавањето на Ерусалим за главен град на Израел, турскиот претседател се обидува да се наметне како лидер во муслиманскиот свет. Но нападите против Израел се лицемерни и провидни, смета Даниел Хајнрих.

https://p.dw.com/p/2pLmB
Türkei Sondergipfel der Organisation für Islamische Kooperation (OIC)
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Pitarakis

Безобразниот провокатор, постојано во предизборна кампања, повторно е тука: Реџеп Таип Ердоган. А провокациите започнаа уште на самиот почеток на конференцијата на Организацијата за исламска соработка во Истанбул. Израел е, рече Ердоган, „терористичка и окупаторска земја“. Тој ги повика учесниците на конференцијата да „го признаат окупираниот главен град на палестинската држава“.
Ердоган е лут- и тоа сите треба да го знаат. Изгледа како турскиот претседател, по долгата пауза без провокации, сега повторно да има желба да создава неред. Пред неколку месеци тоа беа „наци-методите“ во текот на изборите во Холандија и Германија, а сега со помош на жестоките критики на сметка на Израел сака да го искали својот добро познат бес.
Секако дека тие критики кон одлуката на Трамп да го признае Ерусалим како главен град на Израел можат да се разберат со оглед дека Ердоган секогаш се претставува како „голем муслиман“, бидејќи тој, со историјата преоптоварен град, нема посебно значење само за Евреите и христијаните, туку и за муслиманите.
Од друга страна, тоа што Ердоган постојано, како робот, повторува дека Израел е „терористичка држава“ и „убиец на деца“, веќе станува здодевно. Кон тоа треба да се додаде и дека навредите кон Израел на политичката сцена се дволични, бидејќи обемот на трговската размена меѓу Турција и Израел со години се зголемува. 

Повеќе на темата: 

Ердоган бара признавање на Ерусалим за главен палестински град

Зошто Арапите не се многу солидарни со Палестинците?
Сепак, Ердоган не може да издржи да не го критикува Израел. Незаборавен е неговиот настап во Давос во 2009 година кога на отворена бина го нападна својот колега по функција Шимон Перес. Под жесток набој на тестостерон тој постојано ја продолжуваше својата тирада и на крајот, видео-снимката на Јутјуб стана хит со три милиони прегледи.

Porträt Daniel Heinrich
Даниел ХајнрихФотографија: DW/M. Müler

Неединство во муслиманскиот свет

Поради тоа не изненадува тоа што Ердоган уште пред конференцијата ги покажа своите реторички мускули и констатираше дека „на овој самит ќе го помрдне целиот исламски свет“. Овие негови изјави се покажаа како глупост веднаш по почетокот на конференцијата. Од вкупно 57 членки на Конференцијата, околу 20 држави беа претставени од своите премиери. А оние кои, заедно со Саудиска Арабија пред половина година започнаа блокада против Катар, испратија ниско рангирани претставници од рангот на заменици министри за надворешни работи.
Кога станува збор за „единството“ меѓу муслиманските земји, не е проблем само кризата околу Катар. Покрај конфликтот на големите играчи- Саудиска Арабија и Иран- тука се и многу напрегнатите односи меѓу конзервативното раководство во Турција и воено државниот врв во Египет.
Само што, се чини, на Ердоган сето тоа му беше сеедно- важно е само да се биде на насловните страници. Неговата порака е јасна и повторена и на самитот на Организацијата на исламската соработка: Израел е „терористичка држава“, „окупациска сила“ итн. А тој, уште еднаш, покажа дека е безобразен провокатор, постојано во изборна кампања.