1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ очекува почитување на Договорот од 2 јуни

К. Блажевска2 септември 2015

Од Делегацијата на ЕУ во Скопје не коментираат поединечни и неконечни случаи, но очекуваат почитување на правото и назначување специјален обвинител.

https://p.dw.com/p/1GQ6y
Фотографија: MIA

„Европската комисија не ги коментира поединечните судски случаи, особено не оние во прв степен, кои се предмет на жалба и на тој начин не се конечни. Европската комисија очекува сите судски постапки во земјата да бидат спроведени со целосно почитување на принципите на националното, како и на меѓународното право, вклучувајќи ја и релевантната судска практика според Европската конвенција за човекови права. Европската комисија очекува Специјалниот обвинител да биде назначен и да ја врши неговата/нејзината функции целосно во согласност со политичкиот договор од 2 јуни“, се вели во изјавата на Делегацијата на ЕУ во Скопје, за Дојче веле, по судската одлука снимките од прислушуваните разговори да се издвојат како незаконски прибавени докази.

Како што е познато, Основниот суд Скопје 1 - Скопје вчера соопшти дека судија на претходна постапка донел решение со кое снимки од телефонски разговори и транскрипти поднесени со кривичната пријава од СДСМ против осомничените Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиевски, Сашо Мијалков и уште пет лица, треба да се издвојат како незаконски прибавени докази, бидејќи согласно со член 12 став 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП) не може да се користат и врз нив да се заснова судска одлука.

Рокот за жалба која може да ја поднесат обвинителите, истекува во рок од три дена од денот на приемот на судската одлука во Обвинителството.

Незаконска одлука

Опозицискиот СДСМ решението на Основниот суд Скопје 1 го смета за незаконско.

„Судот нема право да постапува по барањето на Никола Груевски и од другите осомничени за издвојување на овие докази во оваа фаза на постапката. Повисоката судска инстанца е должна да донесе одлуки за укинување на ваквите незаконски решенија на судијата во предистражна постапка.Судија којшто спречува правда и помага обвинет во постапка за кривични дела од организиран криминал, според меѓународната судска пракса, се казнува со повисока казна отколку обвинетиот“, соопшти партијата.