1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ: Самит на убави зборови

Барбара Везел
7 мај 2021

Самитот во Порто има за цел да ги зајакне социјалните права во ЕУ, да ги намали нееднаквостите и да помогне во надминување на последиците од пандемијата. Но, земјите членки не се согласуваат околу целите и надлежностите.

https://p.dw.com/p/3t5A9
Symbolbild | Kinderarmut in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Vennenbernd

За првпат по повеќемесечниот локдаун, шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ повторно физички се среќаваат. Португалскиот премиер Антонио да Коста ги покани на самит во Порто на разговори за една социјалдемократска тема која му лежи на срце: Обврзувачките цели за повеќе социјални права во Европа. Но, сите земји членки на ЕУ не сакаат таква заедничка политика, и пред почетокот на самитот сè уште се работеше на постигнување компромиси, а освен тоа неколку лидери недостасуваат во португалскиот пристанишен град. Германската канцеларка Ангела Меркел и холандскиот премиер Марк Руте ја пропуштија можноста лично да разговараат со своите европски колеги за социјалната политика и за други актуелни проблеми, како што се лиценците за ковид-вакцините.

Од Гетеборг не се случи многу

Социјалната политика беше откриена како европска тема пред три и пол години во Гетеборг, Шведска. Тогаш беше постигната согласност за таканаречен „социјален столб“ на ЕУ и беше дадено ветување за Акциски план. Но, на него долго се чекаше. Дури на почеток на пролетта годинава, Европската комисија ги презентираше своите предлози во Брисел. Тие, меѓу другото, вклучуваат европска минимална плата, планови за надминување на невработеноста кај младите, детската сиромаштија и нееднаквоста во платите меѓу мажите и жените.

Symbolbild Kinderarmut in Europa
Фотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Во повик на социјалдемократите во Европскиот парламент, презентирана е листа на намери: „Ние сакаме цели со заби, за социјалните права да станат реалност за сите Европејци. Бараме обврзувачки цели за да ги намалиме нееднаквостите во нашите општества. Тие мора да бидат законски спроведливи и земјите членки на ЕУ мора да бидат под надзор при нивното спроведување“, се вели во повикот.

Повеќе:

-Безусловна основна плата за цела ЕУ?

-Амбициозни цели на португалското претседателство со ЕУ

-Социјалдемократите во Европа: Падови и подеми

Меѓутоа, малку веројатно е дека на португалските домаќини ќе им успее таков скок напред. Ова се должи и на слабоста на социјалдемократијата во Европа: Антонио да Кошта е еден од ретките нејзини неприкосновени шефови на влади. Неговиот шпански колега Пабло Санчез претрпе сериозен пораз на регионалните избори во Мадрид. Во Финска, на коалициската влада ѝ се заканува распаѓање, а во Бугарија Социјалистичката партија не може да освои владино мнозинство. И резултатите од анкетите за Социјалдемократската партија во Германија се разочарувачки. Зад големите социјално-политички барања за надминување на нееднаквоста во Европа, речиси и да не стои реална политичка моќ.

Европската комисија, од друга страна, се надева на „силни заложби за фер и инклузивно закрепнување (од пандемијата) и јасно ветување за спроведување на социјалните права“. Во исто време, сепак, се признава дека не треба да има рокови за спроведување на соодветните национални цели во земјите членки. Социјалните планови потоа и натаму ќе останат необврзувачки.

Критика однадвор и одвнатре

Точно за самитот во Порто, едно од најголемите европски здруженија на работодавачи го критикуваше предлогот за минималната плата во цела ЕУ: Потребни се динамични и прилагодливи пазари на труд, социјалното осигурување за договори со скратено работно време и на определено време е сосема задоволувачко, а згора на тоа на предлозите од Брисел им недостасува правна основа. Европската комисија не е надлежна за регулирање на пазарот на трудот во ЕУ, се вели во соопштението на „Цемет“.

Политичкото предупредување упатено од единаесет земји членки на ЕУ, кое е насочено против Еврокомисијата и другите борци за социјални права, пак, однапред укажува на длабоките несогласувања: „Секоја акција на ниво на ЕУ мора да ја почитува поделбата на надлежностите во Унијата, нејзините држави членки и социјалните партнери“, се вели во заедничкото соопштение, потпишано од таканаречената „Штедлива четворка“- Холандија, Австрија, Данска и Шведска - но и од балтичките земји, како и Финска, Ирска и Бугарија.

Тие јасно укажуваат дека не сакаат да пренесат повеќе надлежности на ЕУ и да потсетат на „различните национални услови, принципите на супсидијарност и пропорционалност“. Европратеничката од редовите на германската СПД, Габи Бишоф, признава дека ниту во земјите од Вишеградската група ниту во скандинавските земји нема ентузијазам за воведување на минимални плати против сиромаштијата. Дебатата на оваа тема ќе биде најконтроверзна на социјалниот самит во Порто. Патем, Бишоф смета дека е лош сигнал тоа што Ангела Меркел го откажа учеството на состанокот.

Miniaturfiguren auf Euroscheinen, Symbolfoto Grundeinkommen
Фотографија: Christian Ohde/picture alliance

Франција - ученик за пример

Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, ќе го искористи самитот во Порто како сцена за да ги претстави своите идеи и барања за економско закрепнување во ЕУ по завршувањето на пандемијата. Тој во Порто планира да учествува на различни средби со социјалните партнери и со претставниците на граѓанското општество - француската социјална политика е поттикната од силните синдикати и протестни движења. Париз е заинтересиран за европските прописи, како што е најновата регулатива за деташирани работници, врз која тој влијаеше во негова полза. И кога станува збор за минималната плата, Франција е ученик за пример: таа е воведена одамна и е висока во споредба минималната плата во другите земји од ЕУ. Француските дипломати го фалат европскиот социјален модел, кој е спротивен на оној во Кина или во САД, ветувајќи дека ќе се спроведе кампања за еднакви плати за жените и го цитираат „одговорниот капитализам“.

Пред почетокот на средбата во Порто и натаму се отворени прашањата - како ќе можат да се надминат разликите помеѓу бројните различните ставови за надлежноста на ЕУ за социјалната политика и дали притоа може да произлезе нешто повеќе од само необврзувачки декларации за намери и самит на убави зборови.

Покрај тоа, на маргините на самитот треба да се разговара и за актуелни теми, како што е укинувањето на лиценците за вакцините против коронавирусот, кое е иницирано од САД. Ќе се случи пресврт ако сега ЕУ се приклучи  на владата на Бајден, бидејќи таа досега беше една од кочничарите на ваквиот предлог во Светската трговска организација.