1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Евтина и динамична прошетка низ Талин

6 ноември 2010

Талин, главниот град на најмалата балтичка земја, догодина ќе биде европски главен град на културата. Токму поради тоа градот очекува голем наплив на туристи и сите туристички атракции, се разбира, ќе бидат поскапи.

https://p.dw.com/p/PzO3
Стариот и историски дел на ТалинФотографија: Tallinn City Tourist Office & Convention Bureau

Дојче веле ќе ви даде неколку совети како да поминете поевтино, но лудо и незаборавно. Доколку барате град во кој можете да поминете евтин и динамичен викенд, тогаш Талин е вистинскиот избор. Но, треба да знаете и каде да ги најдете вистинските места во главниот град на Естонија. Ако ги прашате жителите на Талин каде да ги најдете главните знаменитости, тие ќе ве упатат во стариот дел од градот. Туристичкиот водич Уве Пом објаснува дека тој дел е опкружен со стари ѕидини и е заштитен од УНЕСКО. „Една од работите што се важни за стариот дел од градот е дека повеќе од две третини од неговите ѕидини се потполно сочувани во оригинал, и дека има повеќе од 25 кули. Затоа јас го нарекувам малиот брат на Праг“, објаснува Уве Пом.

Влезот во црквите е бесплатен

Средовековните улички на стариот град водат кон замокот Тумпеа, црквата Св. Олав, градскиот музеј и многу други популарни туристички места. Влезот во црквите е бесплатен, додека, пак, влезот во музеите чини 2 до 5 евра. Не е многу, но, доколку имате мал буџет, би можел да ви помогне следниот совет на локалниот жител Илане Вилумет: „Одете во споредните улички на стариот град. Таму ќе најдете многу поинтересни места, отколку на главните улици. На пример во големата улица Виру се наоѓаат најскапите ресторани и кафулиња и затоа не е многу препорачливо да седнете таму. Ако се шетате по споредните улички, ќе видите многу поинтересни работи.“

Flash-Galerie Tallinn Shoestring Ein Schloss in Tallinn
Старите ѕидини во Талин се заштитени од УНЕСКОФотографија: Tallinn City Tourist Office & Convention Bureau

Кога сте веќе во Талин, морате да ги видите и знаменитостите надвор од стариот град, кои не се многу далеку. Ако не сакате да се шетате пеш, најдобро е да изнајмите велосипед. Можете да и` се приклучите на велосипедската тура во северниот дел на градот и да го посетите старото пристаниште, затворот Патареи, рускиот пазар и советската архитектура. Можете да почнете во туристичкиот центар во стариот град „Талин тревелер инфо“. Тереза Диез доаѓа од Португалија и таа веќе уживала во оваа тура. „Го видовме затворот и беше шокантно да се види како затворениците живеат таму. Потоа ги видовме соседите во рускиот дел, бидејќи тоа е дел од културната историја.“

Одмор со соодветен евтин ручек

Tallinn (Estland): Straßencafes am Rathausplatz (Raekoja plats) in Tallinn, aufgenommen am 30.07.2001.
Улични кафулиња на полштадот пред зградата на оштинатаФотографија: dpa

Меѓу 11 до 15 часот ќе добиете добра порција јадење за пристојна цена. Но, доколку барате нешто посебно, пробајте карма. Чини само две евра. Тули Вилуп е сопственик на продавничка за прехранбени производи и објаснува што е карма: „Тоа е типичен естонски микс од житарски производи. Кога го јадете летно време, чувството е особено. Обично се јаде со млеко или со кисело млеко и се додава шеќер или, пак, што сакате. Сите сме израснале со тоа јадење.“

На викенд пабовите и клубовите се отворени до полноќ. Но, доколку сакате да посетите некои од клубовите што работат до покасно, внимавајте во кое такси ќе се качите на патот до дома. Во Талин има многу илегални таксисти, кои ќе ви наплатат двојно повеќе. Што се однесува до ладното време - не обрнувајте му многу внимание. Облечете се топло и уживајте во естонската престолнина.

Автор: Гедертс Гелзис / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Александра Трајковска