1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Тимот на Урсула“ на стартната позиција

Бернд Ригерт
27 ноември 2019

Новиот состав на Еврокомисијата наскоро ќе биде потврден и еврокомесарите можат да се „фрлат на работа“. Претседателката Фон Дер Лајен најави геополитичка Комисија која треба да помогне и за евроинтеграцијата на Балканот

https://p.dw.com/p/3Tnkd
Brüssel Ursula von der Leyen
Фотографија: picture-alliance/dpa/Belga/T. Roge

За тимот на Урсула фон фон дер Лајен тоа воопшто не беше лесна задача. Европскиот парламент, по сослушувањето, одби две кандидатки од Франција и од Романија и еден кандидат од Унгарија. Поради ваквото фијаско на самиот почеток особено лут беше францускиот претседател Емануел Макрон. Тој лично ѝ забележа на новата претседателка на Европската комисија, поранешната германска министерка за одбрана Урсула фон дер Лајен. Големата лутина на самиот старт доведе до четири недели одложување на почетокот на работата на новата Еврокомисија. Почетокот беше планиран за 1 ноември, но со работа ќе се започне дури во недела, на 1 декември.

Сѐ до неколку дена пред денешното конечното гласање во Европскиот парламент, имаше и правни проблеми - затоа што Велика Британија упорно одбиваше да го номинира својот кандидат за Европската комисија. Премиерот Борис Џонсон даде различно ветување во октомври, но потоа сметаше дека поради претстојните парламентарни избори во неговата земја, што се одржуваат на 12 декември, сепак би можел да се откаже од тоа. Излегувањето на Велика Британија од Европската унија и без тоа е планирано на 31 јануари во секој случај - освен ако повторно не  дојде до одложување.

Три класи на еврокомесари: 3+8+15

Меѓутоа, правниците на Европската комисија, на крајот, дојдоа до заклучок дека Урсула фон дер Лајен може легално да започне со работа без ниту еден Британец. „Само ќе го сториме тоа. Бидејќи немаме пример. Брегзит едноставно е нешто сосема ново за сите нас “, истакнува еден дипломат на ЕУ. Сепак, Европската комисија презеде мерки на претпазливост и отвори постапка против Велика Британија за кршење на европските договори. Ова веројатно ќе заврши пред Европскиот суд на правдата. Доколку Британците останат подолго во ЕУ, тие би можеле да испратат нов комесар во Брисел во секој момент. Само во тој случај Урсула фон дер Лајен треба да измисли ресор за новиот човек од Лондон.

Brüssel Von der Leyen Team EU-Kommission
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/V. Mayo

За распределбата на задачите во рамките на новата Европска комисија, „тимот на Урсула“, кој всушност е мал круг од нејзини најблиски соработници, смисли комплексен модел. Интересите на сите, на малите и на големите, на северните и на источните, како и на богатите и на посиромашните земји-членки, мораа да бидат ставени под една капа. Нејзе ѝ појде од рака да постигне добар баланс и да ги задоволи сите - барем во тоа беше убедена за време при презентацијата на концептот во септември. Урсула фон дер Лајен ќе има три „вршители на должноста“, односно тројца потпретседатели. Тука се вбројуваат Франс Тимерманс од Холандија и Маргарете Вестагер од Данска, двајца искусни политичари кои и самите сакаа да ја предводат Комисијата, а кои можеби на овој начин нема да можат да ѝ завидуваат на Урсула фон дер Лајен, која е неискусна на европскиот паркет.

Повеќе:

-Погрешен старт на Фон дер Лајен за кој самата е виновна

-Урсула фон дер Лајен го „плете“ својот тим за Европската комисија

-Урсула фон дер Лајен има проблем со „името“

Покрај гореспоменатите, ќе има уште пет потпретседатели кои ќе раководат со ресори со креативни називи. Грчкиот еврокомесар Маргаритис Кинас, досегашен портпарол на Европската комисија, ќе биде надлежен за одделот „Поттикнување на европскиот начин на живот“, кој е дел од ресорот образование, труд и миграција.

Помош за Скопје и за Тирана

Франс Тимерманс би требало да се позанимава со таканаречениот „Зелен договор за ЕУ“, што подразбира заштита на климата и животната средина, како и енергетската политика. Овој сектор ќе биде во фокусот на Комисијата. Урсула фон дер Лајен најави сеопфатен закон за заштита на климата, 100 дена по стапувањето на должноста.

Нов „министер за надворешни работи“ ќе биде Шпанецот Јозеп Борел. Тој треба да работи на воената способност на Унијата, пред сè, на формирањето на т.н. одбранбена унија. Нему ќе му помагаат еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархељи (Унгарија) и комесарот за меѓународно партнерство, Јута Урпилаинен (Финска). Вархељи би требало да се погрижи за тоа балканските земји, Северна Македонија и Албанија, да ги започнат преговорите за пристапување што е можно поскоро. Во моментот тоа го блокира Франција, заедно со Данска и Холандија. Урпилаинен треба да работи на градење соработка со африканските земји, со цел меѓу другото да се намали миграцијата кон Европа.

Belgien l Europaparlament befragt Ersatzkandidaten für von der Leyens EU-Kommission - Oliver Varhelyi
Новиот еврокомесар за проширување Оливер ВархељиФотографија: Getty Images/AFP/J. Thys

Во зависност од темите, потпретседателите и 15-те нормални еврокомесари ќе бидат групирани во променливи работни групи и проекти. Фон дер Лајен порача  дека нејзиниот европски тим треба да биде колегијален, транспарентен и брз. Притоа треба да бидат нагласени надворешно-политичките аспекти. „Ова ќе биде геополитичка Еврокомисија“, порача Урсула фон дер Лајен.

„Женствена“ Еврокомисија

Првото ветување Урсула фон фон де Лајен не можеше да го одржи. Новата Еврокомисија нема да биде формирана врз принципот на родова еднаквост: 12 жени и 15 мажи. Сепак, Комисијата никогаш не била „поженствена“, при што Урсула фон дер Лајен е првата жена на чело на Европската комисија.

Во новиот состав на Комисијата ќе биде вклучен и најмладиот еврокомесар на сите времиња. Литванецот Виргиниус Синкевичиус штотуку наполни 29 години и досега беше министер за економија на земјата. Тој ќе биде одговорен за океаните, рибарството и животната средина и со тоа го добива сектор кој ќе биде во фокусот во наредните години.

 

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија