1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европратениците изгласаа прекин на преговорите со Турција

ЖА
6 јули 2017

ЕП бара официјално стопирање на пристапните преговори на ЕУ со Турција поради систематските повреди на правото. Гласањето формално нема никакви последици.

https://p.dw.com/p/2g3xV
Symbolfoto - EU-Beitrittsverhandlungen mit der Türkei
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst

Европскиот парламент се изјасни преговорите за членство на Турција во ЕУ да бидат одложени, доколку Анкара ја реализира промената на уставот и целата моќ се концентрира кај претседателот Реџеп Таип Ердоган. Експертите стравуваат дека со усвоената уставна реформа, ќе биде напуштен демократскиот принцип на поделба на власта и ќе бидат ограничени надлежностите на судството. Ако преговорите за пристап на Турција во ЕУ бидат суспендирани, Анкара нема повеќе да добива финансиски средства од ЕУ за унапредување на реформите.

Турскиот министер за ЕУ, Омер Челик, вели дека за нив ваквата одлука е неприфатлива. На неговата реакција се надоврза и портпаролката на турското МНР, потенцирајќи дека се работи за обвинувања а воедно и намалување на важноста на турскиот Парламент.

„Одбиваме било какви предлози дека треба да има цврста соработка помеѓу Турција и ЕУ во други области кои не се поврзани со преговорите за членство“, изјави Челик.

Според него, ЕП не бил солидарен со Турција за време на неуспешниот државен удар минатата година.

Односите помеѓу ЕУ и Турција се влошени уште во јули минатата година, кога Ердоган почна масовно да апси по неуспешниот државен удар.

По референдумот со кој на Ердоган му се одобри целосна моќ во државата, ЕУ реагираше дека тој го прекршува меѓународното право и дека Парламентот не треба да му дозволи да има неприкосновена моќ.

Во ноември 2016 година европратениците побараа формално замрзнување на преговорите со Турција, но тоа не беше следено и од земјите-членки, туку беше заклучено да не се отвораат нови преговарачки поглавја. Со тоа, теоретски можни се натамошни преговори само за веќе отворените поглавја, но де факто, преговорите се замрзнати.