1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добрососедство: Пиши, бриши или допиши?

23 септември 2021

Ни во име на добрососедство со Бугарија, ни како услов за членство во ЕУ, не смееме да се согласиме со фалсификување на историски факти, гласат дел од домашните пораки до македонскиот премиер, Зоран Заев.

https://p.dw.com/p/40gsi
Македонскиот премиер Зоран Заев на пресконференција во Софија во јуни 2021
Македонскиот премиер Зоран Заев на пресконференција во Софија во јуни 2021Фотографија: Government North Macedonia

Голем број реакции во јавноста предизвика изјавата на премиерот Зоран Заев дека ќе се брише зборот „бугарски“ од синтагмата „бугарски фашистички окупатор“ напишана на споменици и во учебници. Во дел од реакциите се укажува дека таквата промена би значела фалсификување на минатото, бидејќи во Европа и во светот такви интервенции не се правени и покрај развивањето на „духот на  приајтелството“, во чие име Заев ги најави корекциите. Како аргументи се посочуваат голем број учебнични и споменични докази за етнички предзнак пред терминот фашистички окупатор – германски, италијански, бугарски, јапонски...

Факти или „разубавување“

Покрај граѓани, професори, историчари, со реакции се јавија и двајца поранешни македонски амбасадори во Софија - Ѓорги Спасов и Марјан Ѓорчев.

„Имало ли бугарски фашисти во Македонија во време на Втората светска војна, како што имало и италијански фашисти и германски нацисти и фашисти. Имало", напиша Спасов на Фејсбук.

„И тоа е историски факт запишан во сите светски енциклопедии и историски учебници. (...) Тие (Бугарите - н.з.) може да сакаат да си ја разубавуваат својата национална историја со бројни фалсификати, но ние во име на борбата против фашизмот тоа не смееме да го прифатиме, особено не како услов за членство во ЕУ. Можно е само да допишеме таму кај што треба, дека се тоа жртви на бугарските фашисти од времето на Втората светска војна и ништо повеќе“, напиша Спасов. 

Ѓорчев потсети на црвените национални линии кои се дефинирани во резолуцијата што летово ја донесе македонското Собрание.

„Менувањето на вордингот при опис на одредени настани и случувања само од македонска страна ја отсликува нерамноправноста на Република Македонија во однос на Република Бугарија во врска со Договорот за добрососедство. Прво, затоа што се избегнува да се опише или се сокрива историската вистина, а факт е дека Бугарија била сојузник со фашистичка Германија и фашистичка Италија за време на Втората светска војна. Со тоа младите поколенија ќе бидат погрешно воспитувани и ќе учат историја која не е одраз на она што се вистина се случило. Второ, дали и Бугарија ќе постапи во менување на вордингот и ќе избрише од нејзините учебници дека Македонија е бугарска земја, бидејќи оттаму почнува се?“, изјави Ѓорчев за ТВ „Алфа“.

Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор во Бугарија
Марјан Ѓорчев, поранешен македонски амбасадор во БугаријаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Со цел свет да се караме заради Македонците?

Кај источната сосетка нема промена во официјалната позиција кон Скопје, но сепак јавно беа споделени и политички впечатоци дека Софија била и ќе биде под притисок за да се деблокира македонскиот интеграциски пат. Според дипломатски извори, се бара начин како тој процес да се деблокира, без да биде обременет со впечатокот дека некој „потклекнал“ под притисок. За таа цел, решението ќе се бара преку патоказ (патна карта) во редоследот и динамиката на заедничко решавање на прашањата.

Но, стравувањата во Софија дека прашањето ќе се решава под надворешен притисок, беа евидентни и во редакцискиот коментар на „24 часа“, по наводниот нон-пејпер од кои властите во двете земји се оградија пред една седмица. 

„Не е толку важно дали има нон пејпер или нема. Важно во овој случај е дека Македонците работат напорно и го впрегнале нивното огромно лоби во целиот свет. Се гледа, дека не само Европејците, туку и Американците (и особено тие) сакаат Скопје сега и веднаш да ги започне преговорите со Брисел. А бугарската страна можеби треба да созрее за идејата дека нема како да излеземе од оваа ситуација ако не пројавиме и доза на добронамерност. Вистина е дека Грците ги виткаа рацете на Скопје повеќе од 25 години за името на поранешната југо-република. Таков рок тешко дека нам ќе ни дадат. Затоа - да си го браниме интересот, но и да не забораваме дека дел од него е да сме во добри односи со Македонците. И дека нема смисла да се караме со целиот свет заради нив", коментира весникот.

Бугарското и знамето на ЕУ на зграда во Софија
Бугарското и знамето на ЕУ на зграда во СофијаФотографија: Fotolia/Boris Znaev

Националната кауза

Во контекст на вчерашната прослава на независноста на Бугарија, и лидерот на ВМРО-БНД, Красимир Кракачанов, изразува одредени стравувања за предавство на националната кауза пред надворешни фактори. Опишувајќи кои вредности во минатото воделе до остварување на националната кауза, ги искритикува денешните бугарски политичари дека „станале апсолутни измеќари кои им робуваат на надворешни фактори и не смеат да ја  изразат сопствена волја“.

Во критиките до тие политичари за одредени внатрешни неуспеси, Каракачанов прогнозира дека истите „утре ќе ја предадат и целата бугарска историја и каузата на бугарштината во Македонија“, па затоа повикува на лидери со идеи и карактер, а не на проекти за власт на странски интереси над домашните.