1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шмид: Оставката на Заев е тежок удар за проширувањето на ЕУ

БГ
8 ноември 2021

Пратеникот на СПД во Бундестагот, Нилс Шмид оценува дека оставката на Заев од премиерската функција ќе има последици за проширувањето на ЕУ. Вели дека нема никакво разбирање за бугарското вето.

https://p.dw.com/p/42ivH
Nordmazedoniens Ministerpräsident Zoran Zaev kündigt Rücktritt an
Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Оставката на Заев не само што е лоша вест за реформските напори коишто тој ги започна во Северна Македонија, туку и лоша вест за иднината на европскиот проект, вели во интервју за партиското гласило на германските социјалдемократи (СПД), Нилс Шмид надворешнополитички гласноговорник на пратеничката група на СПД во Бундестагот.

Шмид апелира до Заев да размисли за повлекување на оставката на премиерската функција, додека на партиско ниво очекува да продолжи блиската соработка меѓу двете партии и со евентуалниот нов лидер. Смета дека оставката ќе има реперкусии и врз процесот на проширувањето на ЕУ во регионот.

„И покрај направените компромиси, во прв ред промената на името на земјата, тој не успеа, не по негова вина, да направи значителен напредок кон процесот на проширување на ЕУ.

Официјалниот почеток на преговорите со ЕУ и натаму е сопрен. На сите идни носители на одлуки тоа им отежнува да се борат и залагаат за носење на тешки, непопуларни, но политички неопходни компромиси. Јас лично посакувам Зоран уште еднаш да размисли за својата одлука, и барем да остане на функцијата премиер и партнер.“ 

На прашањето на новинарот дали и ЕУ и одредени земји-членки на Унијата сносат одговорност за закочената европска интеграција на земјата и оставката на Заев, Шмид во тој контекст издвојува две. 

„Секоја земја има свои легитимни внатрешнополитички проблеми. Но се надевам дека француската политика, по претседателските избори следната година, ќе се врати на ветувањата кои им ги дадовме на земјите од Западниот Балкан. 

Nils Schmid
Нилс Шмид, гласноговорник за надворешна политика на германските социјалдемократи Фотографија: DW/M. Soric

Но, притоа немам никакво разбирање кога една земја како Бугарија, од националистички мотиви веќе две години го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Со тоа си дадоа автогол. Тоа е фатален сигнал за кредибилитетот на ЕУ во регионот. Зоран Заев го стави своето политичко делување во служба на приближувањето кон ЕУ. Тоа не беше соодветно наградено од сите. Затоа тие не можат да се ослободат од одговорност. Притоа, во иднина ќе биде многу потешко да се постигне решение со преговори." 

Политички причини за блокадата 

Неуспехот на политиката на ЕУ кон Балканот не се должи на стратешки, туку на политички причини, оценува германскиот политичар. Најважно во тој контекст, објаснува Шмид, е ЕУ да си ги исполнува дадените ветувања.

„Ефективната парализа на процесот на проширување на ЕУ од голем дел од населението во регионот се гледа како неправда и поради тоа се доведува во прашање кредибилитетот на ЕУ.
(...) Оставката на Заев е тежок удар, не само за европската социјалдемократија, туку и севкупно за проширувањето на ЕУ. Не смееме да го потценуваме разочарувањето на младата, европски ориентирана генерација кое го произведува недоволната поддршка за социјалдемократските, реформски ориентирани политичари како Заев.

„Германија и другите членки на ЕУ мораат посилно да притискаат сите членки на ЕУ да се држат до утврдените, политички критериуми, а не, како сега Бугарија, да ја земаат како заложник целата политика на проширување на ЕУ."

Шмид вели дека германските и македонските социјалдемократи имаат блиски и доверливи односи, па оттука оставката на Заев од партиската функција ја смета за „пресвртница“.

„Од аспект на нашето широка соработка се надеваме на продолжување на блиските односи и со идниот/идната претседател/ка“, вели Шмид.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема