1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: Цел град ќе биде „лабораторија“ за коронавирусот

БГ/ ДПА
1 април 2020

Во градот Хајнсберг на западот на Германија беше забележана првата голема епидемија на Ковид-19. Германските научници сега сакаат да го искористат како лабораторија за испитување на болеста.

https://p.dw.com/p/3aKKz
Coronavirus in Mexiko Teststation
Фотографија: picture-alliance/AP/R. Blackwell

Најтешко погодениот германски регион сега ќе стане поле за испитување на пандемијата од страна на научниците. Вирологот Хендрик Штрек од Универзитетот во Бон сака прецизно да го анализира регионот, и искуствата од таа микросредина да се обиде да ги преслика на национално ниво.

Вирусот драматично се прошири во регионот на Хајнсберг со неговите 250 илјади жители, со досега потврдени речиси 1.300 заразени и 34 смртни случаи. Повеќе од 550 луѓе досега се излечија од болеста. Поради тоа градот го доби името „германскиот Вухан“.

Во следните недели регионот ќе биде искористен од водечките виролози и тим од 40 студенти по медицина како некој вид лабораторија за студирање на коронавирусот. Со студијата најпрво ќе бидат опфатени 500 домаќинства, но и градинки и болници, а до крајот вкупно 1.000 жители на Хајнсберг- избрани затоа што се репрезентативни за целото германско население. 

Still | DW Fit und Gesund  Impfen
Вирологот Хендрик ШтрекФотографија: DW

Репрезентативен примерок

Резултатите ќе бидат искористени за да се изработи примерок за тоа како Германија да се справува со коронавирусот во следните години, вели професорот Штрек.
„Ова е голема шанса за цела Германија. Ќе собираме информации и практични совети за справување со Ковид-19 и како натаму да го ограничиме, без притоа да мораме да ги ставаме нашите животи на стенд-бај во следните години“, вели Штрек.

Со студијата треба да се добие појасна слика кој се заразува со новиот коронавирус и кој не, и зошто. Научниците ќе го анализираат секој аспект од секојдневниот живот, од начинот на кој децата го пренесуваат вирусот на возрасните, како тој се шири во семејствата- од мобилни телефони до предмети во покуќнината, па до прашањето дали домашните миленичиња го пренесуваат, и дали може да се пренесува преку некои видови храна.
„Доколку постојат начини да се спречи ширењето во нашето опкружување, сакаме да знаеме кои се тие, со цел да откриеме како можеме слободно заедно да се движиме во заедницата“, вели професорот Штрек. 

Symbiolbild | Deutschland | Schule | Coronavirus
Затворено училиште во ХајнсбергФотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Многу луѓе на мал простор

Хајнсберг е специфичен и поради тоа што ширењето на коронавирусот во градот експлодираше по карневалските прослави на средината на февруари. Штрек вели дека точно знаат дека вирусот во градот пристигнал на 15 февруари за време на Карневалот.
„Коронавирусот секогаш се ширеше на места каде се одржуваа големи прослави. Во Гангелт (област во Хајнсберг) тоа беше карневалот, во австрискиот Ишгл тоа беа забавите, во Бергамо фудбалски натпревар. Секогаш се во прашање многу луѓе на мал простор“.
Штрек и неговите колеги сега го добиле списокот на сите гости на карневалската прослава во регионот и ќе испитуваат зошто некои од нив не се заразиле.
„Ова е како детективска работа“, вели тој.

Првите резултати од студијата ќе бидат објавени веќе следната недела, но собирањето на податоците ќе трае неколку недели, а за конечните резултати од студијата ќе бидат потребни повеќе месеци, па и година.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема