1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

„Балканската рута повторно е отворена“

Обработка: Ж. Ацеска
12 март 2018

Од 2016. година бегалскиот пат низ Балкан фактички требаше да биде херметички затворен. Но, криумчарските банди одамна повторно шверцуваат илјадници бегалци месечно“, пишуваат германските весници.

https://p.dw.com/p/2u9To
Deutschland Grenzkontrollen an der A93
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

„БНД предупредува :Балканската рута повторно е отворена“  - е насловот на текстот во магазинот Фокус, во кој се потенцира дека „од 2016. година бегалскиот пат низ источна Европа фактички требаше да биде херметички затворен. Но, криумчарските банди одамна повторно шверцуваат илјадници бегалци месечно.“

„Во долна Баварија, во една градина во Шмидхам, полициските кучиња пред една недела влегле во трагата на шест мажи и жени, кои дезориентирано се движеле во насока на Тирцбах. Полициска патрола ја запрела групата. Набрзо потоа, полицајците во блиската шума откриле уште 39 бегалци од Иран, Ирак, Сирија и Сомалија - меѓу нив и девет деца и шест млади. Сите во Германија стигнале илегално преку т.н. Балканска рута, која иако од пролетта 2016. година официјално се смета за затворена, во реалноста е сосем поинаку.“

„Овие луѓе кои бараат азил во протоколот изјавија дека возачот на еден турски камион од Романија ги префрлил во баварската провинција во Германија. Биле стиснати во дуплото дно на камионот во простор со висина од само 40 сантиметри. Во шумата возачот ги истоварил како да се илегален отпад“, вели гневно еден полицаец. За хорор-патувањето бегалците платиле 8.000 евра по лице.“

Повеќе на темата: 

Заглавени на Балканот

Шверцерскиот бизнис на грчко-македонската граница повторно цути

„Во една доверлива анализа на германската разузнавачка служба БНД се вели дека бројот бегалци кои илегално се префрлуваат преку Балканската рута во Германија, од пред половина година постојано расте. Според сознанијата на БНД, сега во земјата влегуваат просечно 15.000 луѓе годишно. Криумчарите така заработуваат и до 120 милиони евра - месечно. Тајната служба смета дека причина за пораст на шверцот е пред сѐ корупцијата. Во некои гранични премини се инфилтрирани луѓе кои им помагаат на прекршителите на законот. Поткупени полицајци ги информираат трговците со луѓе за претстојни вонредни инспекции или едноставно ги пропуштаат камионите. Ризикот за шверцерите на ваков начин е мал. Тие ги земаат во предвид и смртните случаи при нелегалниот транспорт на бегалци, тоа не ги запира во активностите. Илегалното преминување на границите е централно управувано од Истанбул“, пишува во магазинот Фокус.

Flüchtlinge auf der noch lebendige Balkanroute
Балканската рута е жива - бегалци во зграда во БелградФотографија: DW/D. Tosidis

„Ледена стапица“

Истата констатација, дека Балканската рута не е целосно затворена, ја има и во весникот Зиддојче цајтунг, кој во текстот под наслов „Ледена стапица“ пишува дека само во Србија се заглавени според проценките до 6.000 бегалци.

„'Балканската рута сигурно не е целосно затворена. Можеби бегалците не се толку видливи како порано, но и натаму на оваа маршута се движат десетици илјади луѓе', вели Радош Ѓуровиќ кој со неговата организација Asylum Protection Center на заборавените и заглавените бегалци на Балканската рута во Србија им ја обезбедува неопходната помош. 'Владее постојано движење', вели тој. Бегалците доаѓаат преку Македонија или Бугарија, а од Србија сакаат да продолжат кон Хрватска или Унгарија и потоа кон Западна Европа. За тоа е потребна голема издржливост и пари. Но, преку криумчарите сѐуште често се доаѓа до Запад.' Ценовникот кој нему му е познат од кажувањата на бегалците, покажува: шверц на бегалец од Србија во Германија чини 3.000 евра, до Франција чини 7.000 евра, а до Велика Британија - 12.000 евра. Српската влада официјално изнесува бројка од 4.000 заглавени бегалци во земјата, Ѓуровиќ проценува дека ги има до 6.000. Долго проблемот бил игнориран од власта, дури пред една година е подигнат бегалски камп за 500 луѓе на 30 километри од Белград, а одреден број бегалци се сместени и низ провинцијата. Но, не мал број мигранти на пат кон Запад и натаму престојува во напуштени или провизорни колиби во пограничните области, на студ и во постојана надеж да се премине некако границата.“

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид