1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Галевски: Вербата во членство во ЕУ ги задржува младите

БГ
18 декември 2019

Истражување на Вестминстер фондацијата открива бројни проблеми со кои се соочуваат младите во Северна Македонија. Авторот на студијата Мартин Галевски во интервју за ДВ ги објаснува клучните сознанија.

https://p.dw.com/p/3UzTf
Martin Galevski | Politologe aus Nordmazedonien
Фотографија: M. Galevski

ДВ: Што би издвоиле Вие како автор на студијата како најрелевантно од неа?

Мартин Галевски: Студијата е прилично обемна и мислам дека има повеќе аспекти кои се значајни. Ќе издвојам само неколку. Прво, најголем дел од младите луѓе се во голема мера исклучени од процесите на одлучување, како на централно, така и на локално ниво, и сметаат дека имаат ограничено влијание врз работата на властите. Се чувствуваат фрустрирано и преовладува општо расположение на немоќ. Дополнително, нивната перцепција е дека институциите не се отворени за грижите и интересите на младите луѓе. Оттука, не изненадува фактот дека младите се прилично цинични кон можноста нешто да променат во нивното опкружување.

Второ, она што е исто така очигледно од наодите е дека младите луѓе имаат прилично лошо мислење за политичарите и за политиката воопшто, па оттаму и малиот интерес за неа. Во исто време, донекаде парадоксално, ваквиот негативен став се чини дека не ги одвлекува од традиционалните форми на политичко учество, како што е гласањето. Споредбено со младите од Западна Европа (па дури и во регионот) младите кај нас гласаат во повисок процент. Она што е можеби уште попарадоксално е дека младите имаат тенденција да гласаат, а во исто време голем дел од нив не веруваат во моќта на својот глас.

Трето, интересен е и податокот што младите изразија големи надежи дека државата ќе стане членка на Европската унија за само неколку години. Просечната година кога тие сметаат дека тоа ќе се случи е 2025-та, а дури една третина од испитаниците сметаат дека тоа ќе се случи и побрзо (пред 2023-та). Ваквите резултати покажуваат дека младите имаат недоволно познавање на процесот на пристапување кон Унијата и прилично нереални очекувања - особено ако се имаат предвид последните настани со недобивањето на датум во октомври годинава, како и должината на пристапниот процес на земјите од регионот како Бугарија, Романија и Хрватска кој траеше близу една деценија. Европската комисија во неколку наврати исто така претпазливо наведува дека 2025-та година е екстремно амбициозен датум за влез на земјава во ЕУ.

Сепак, ваквите очекувања на младите поврзани со ЕУ перспективата може да се земат и како позитивен знак во смисла на тоа дека го зголемува притисокот врз политичките партии да се посветат на ова прашање. Меѓутоа, во едно по песимистично сценарио, доколку властите не успеат да го испорачаат ваквото очекувања на младите луѓе, демнее опасноста од засилена миграција. Она што е важно да се напомене врз база на наодите е дека желбата за миграција кај младите беше директно поврзано со нивните очекувања за влез во Унијата. Од испитаниците кои веруваат дека земјата ќе стане членка на ЕУ, дури 86% не размислуваат да се иселат. Тоа јасно го нагласува значењето на пристапувањето кон ЕУ како врвен приоритет за земјата. Овој податок е важно да стигне и до земјите членки на унијата, особено земјите (како Франција) кои имаат резерви во однос на отпочнувањето на процесот.

На што се должи конзервативната матрица која преовладува во размислувањата на младите во истражувањето (лидер со „цврста рака“, хомофобија, и.т.н)?

Мојот став е дека образованието тука игра клучна улога. Иако постојат одредени подобрувања од пред 10 или 15 години, тоа очигледно не е доволно. Во голем дел од учебниците сѐ уште постојат длабоко проблематични гледишта во однос на поимањето на државата, авторитетот, семејството, родот, општествениот активизам итн. Затоа, како прв чекор потребни се меѓународни рецензии на постоечките учебниците или нивно комплетно ревидирање. Во исто време треба да се работи и со наставничкиот и академскиот кадар. За жал, постојат случаи во кои дури и кога самите учебници не се проблематични сами по себе, проблематичен е начинот на кој информациите им се сервираат на младите во образовниот процес. Овој проблем, според мене, е уште поприсутен од оној со учебниците. Секако, во игра се и други фактори. Начинот на социјализација и фамилијарните вредности со кои се соочени младите во секојдневието, како и конзервативниот наратив кој се провлекува во јавниот дискурс, се исто така сериозни причинители.

Како би го опишале просечниот млад македонски граѓанин според резултатите од истражувањето?

Како истражувач одбегнувам да правам фото-робот на просечниот млад човек бидејќи таквиот тип на поедноставувања често ја минимизираат и поткопуваат комплексноста на податоците. Иако има поклопувања во ставовите на младите луѓе во однос на одредени теми - без разлика на нивниот пол, возраст, етникум, место на живеење - сепак постојат и одредени разлики. Тоа јасно го покажува и самото истражување. На одредени прашања постојат драстични разлики, а кај други не. Како за пример, според етничката припадност, на прашањето дали земјата се движи во правилна или погрешна насока, младите Албанци (63%) беа далеку повеќе оптимистични од нивните врсници Македонци (20%). Истиот случај важи и за прашањето дали земјата ќе стане членка на Европската Унија, каде близу сите Албанци (93%) се изјаснија дека земјата ќе стане членка, додека истиот став го делат само (47.7%) од младите Македонци. Во исто време пак, на прашањето дали нашето општество нуди перспектива за младите, етничката припадност не укажува на значајни разлики. И младите Македонци и младите Албанци, како и останатите етникуми, се подеднакво разочарани.

Како да се надминат проблемите кои младите ги наведуваат во истражувањето? Што им препорачувате на надлежните?

На самиот крај од студијата наведени се детални препораки за повеќе чинители, вклучувајќи ги локалните и централните власти, Собранието, политичките партии и нивните подмладоци, образовните институции, невладините организации и медиумите. Тука не би навлегувал во листање на конкретни препораки, но би издвоил неколку важни поенти. Најпрво, од клучно значење е институциите, без разлика дали се тоа локалните или централните власти или образовните институции и медиумите, треба да им овозможат повеќе простор за делување на младите луѓе. Ако сакаме младите луѓе да се заинтересираат повеќе за општеството и политиката, треба да ги убедиме дека нивниот глас се слуша и сфаќа сериозно. Понатаму, треба да се зголемат финансиските одвојувања за млади, како и зајакнување на политиките посветени на младите. Тесно поврзана е потребата младинските политики да бидат соодветно таргетирани, и најважно од се засновани на докази, наместо импровизации. Во овој аспект има некакви придвижувања, но потребни се уште поголеми напори. И за крај, а можеби и најважно, потребно е менување на општествената клима и нормализирање на состојбите во државата. Без тоа тешко дека ќе дојдеме до значаен напредок во скоро време.