1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полска сака да се чувствува безбедна

Кристоф Хаселбах/Ж.А.7 јуни 2016

Во Полска денеска почнуваат обемни воени маневри. По тој повод Родерих Кизеветер од германската ЦДУ, задолжен за темите одбрана и надворешна политика, предупредува на руските обиди за предизвикување поделби во Западот.

https://p.dw.com/p/1J1zL
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Dabrowski

Дојче веле: Господине Кизеветер, Бундесверот учествува во воената вежба „Анаконда“ во Полска, која не е НАТО маневар, но сепак вклучува многу членки на Алијансата. Многумина ги критикуваат овие маневри, зашто можат да значат дополнително затегнување на односите со Русија. Какви се Вашите проценки?

Кизеветер: Напнатоста не ја засилува НАТО или ЕУ, туку Русија го окупираше Крим, спречи легитимни избори и ја дестабилизираше источна Украина. Германската позиција е позната - секогаш сме подготвени за пружање рака. Но, условите се Русија да го исполни договорот од Минск. Притоа, Германија, во рамките на НАТО, интензивно се залага да не бидат прекршени основите на договорот меѓу Алијансата и Русија, токму затоа воените маневри се на ранг на баталјони. Значи, и Германија учествува со еден баталјон, од 400 до 600 војници, а не на ниво на бригади или дивизии, меѓу 5.000 и 15.000 војници. Тоа е вистински релевантно. Второ, нашата земја, во знак на политичко опуштање и подготвеност за дијалог, се заложи таму да не бидат перманентно стационирани борбени сили. Но, останува на Русија конечно да попушти и да прекине со дестабилизирањето и фалсификување информации во европските држави.

Дојче веле: Дали НАТО, согласно желбата на Полска, треба да биде значително засилено присутен во Балтикот?

Кизеветер: НАТО тоа веќе го прави. Од една страна имаме штаб во Штетин, кој ќе биде натамошно наградуван, од друга страна преку трупите за брза интервенција на НАТО имаме ротирачки систем кој ја стабилизира Полска. Не исклучувам, ако Русија не го реализира Минскиот договор, ако продолжи со повреда на суверенитетот на балтичките држави преку повреда на нивниот воздушен простор, да размислиме дали нема да покажеме поактивно присуство на Алијансата. Но, во моментов проширувањето на присуството би било премногу.

Дојче веле: Русија го анектираше Крим, ги поддржува бунтовниците во источна Украина, а Западот одговори со санкции. Треба ли да се упати ново предупредување кон Москва?

Кизеветер: Прстот веќе е вперен натаму. На пример, со ракетниот одбранбен штит. Постои подготвеност за дијалог, патем, на германска иницијатива. Освен тоа, Советот НАТО-Русија веќе двапати се состана откако во 2014 година настапи прекин во односите, а пред самитот во Варшава во јули е планирана уште една средба. Тоа значи, на дипломатски план се користат сите канали во рамките на можното, а Русија тоа го сфаќа.

Дојче веле: Дали не е малку сомнителен фактот што Полска формира парамилитарна милиција, чии одделни учесници се присутни и на актуелните воени маневри?

Кизеветер: Станува збор за безбедноста на една земја, за одговорноста. Би сакал ние во Германија да го вклучиме резервниот состав, да размислиме околу обука која би дала повеќе резервисти. Од тој аспект, создавањето милиција која би ја растоварила редовната полска армија, не е ништо спорно. Но, тоа е работа на Полска и не е во колизија со никакви рамковни услови во НАТО или ЕУ.

Дојче веле: Полската влада настапува многу националистички, многу евроскептички, како и критички кон германската влада во Берлин. Дали не се чувствувате нелагодно во поглед на учеството на Бундесверот на овие маневри?

Кизеветер: Сведоци сме на растечка национализација во многу држави на НАТО, исто и во ЕУ, несигурност предизвикана и од руската политика, посебно од начинот на кој настапува Русија во Блискиот и Средниот Исток. Тоа не го намали бројот бегалци. Суштинската цел на Русија е уништување на европската единственост. А наша задача мора да биде Европејците да се држат заеднички. Со загриженост го посматраме саморадикализирањето во Полска. Уште поголеми грижи ни предизвикуваат настаните во Турција, исто така важен НАТО-партнер. Ние не можеме да го промениме овој развој со тоа што ќе ја изолираме Полска. Напротив, мораме на полското население да му пружиме чувство на сигурност и единство. Ако тоа ни успее, тогаш Полска повторно ќе го промени својот пат на радикализација.