1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ на протести во одбрана на Делчев

БГ
15 септември 2020

Гоце Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет, порача од протестот во Скопје лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Македонско- бугарската историска комисија наскоро ќе продолжи со работа.

https://p.dw.com/p/3iWCX
Nordmazedonien | Demonstration Oppositionspartei  VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва ги продолжи серијата демонстрации кои започнаа минатата недела со протест против поскапувањето на струјата. Вечерва членови и функционери на ВМРО-ДПМНЕ маршираа од пред зградата на Министерството за правда до Министерството за надворешни работи во знак на поддршка за Гоце Делчев, револуционерот кој, според Мицкоски, е „црвената линија на нашето достоинство“.
„Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет и затоа сме денес овде, затоа што Делчев е Македонија и столбот на нашето постоење како народ“, порача Мицкоски пред присутните, облечен во црвена маичка со ликот на револуционерот. 

- повеќе на темата: Софија од Гоце Делчев ќе прави услов за ЕУ?

Од протестот беше испратена поддршка за македонските членови на Мешовитата историска комисија со Бугарија, и критики кон актуелната влада.
На маршот присутните пееја и скандираа „Никогаш Северна, само Македонија” „Оставка”, „Едно име имаме”, „Излези Гоце на тераса”.
„Протестираме затоа што Делчев е и европска вредност, затоа што неговата идеја за слобода и културно издигнување на еден народ е идеја врз која почива и Европската Унија. А нашата иднина е токму таму во ЕУ. Нашата иднина е токму таму во Европската унија и таа ќе дојде, но без овие луѓе на власт“, порача Мицкоски. 

Nordmazedonien | Demonstration Oppositionspartei  VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

- повеќе: Гоце Делчев: Биографија над сите балкански национални граници

„Сакаат да го продадат Гоце, за да можат да си поделат уште некоја лиценца за производство на марихуана, нови зделки со бизнисмени со сомнително потекло на капиталот, за нова урбана мафија, да диктираат судски пресуди, да го ограбуваат народот“, порача Мицкоски.

Nordmazedonien | Demonstration Oppositionspartei  VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ко-претседавачот на македонско-бугарската историска комисија, професорот Драги Ѓоргиев во интервју за Тв Сител вечерва изјави дека очекува комисијата да продолжи со работа на крајот на септември или почетокот на октомври.

Ѓорѓиев појасни дека работата на Комисијата не е да го утврдува идентитетот на Гоце Делечев, туку да се постигне договор тој заедно да се чествува.