1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венецуела: Гуаидо повикува на масовен протест против Мадуро

ЖА /ДВ
4 март 2019

Венецуелскиот самопрогласен привремен претседател Хуан Гуаидо пред денешните демонстрации ги повика своите сонародници на решителен бунт против шефот на државата, Мадуро. Гуаидо планира денеска да се врати во земјата.

https://p.dw.com/p/3EOlO
Ecuador, Salinas: Juan Guaido
Фотографија: Reuters/D. Tapia

„Посилни сме од кога било, во сегашниот момент не смееме да покажеме слабост“, изјави Хуан Гуаидо во видео порака објавена на социјалните мрежи. Тој упати повик до сите државни службеници да се приклучат на за денеска планираните демонстрации.

Самиот Гуаидо денеска има намера да се врати во Венецуела, а не соопшти дали ќе учествува на протестите и каде се наоѓа во моментот на снимањето на видеото. Досега венецуелскиот лидер на опозицијата престојуваше во еквадорскиот пристанишен град Салинас. Своето видео-обраќање, 35-годишниот самопрогласен претседател го заврши со зборовите: „Се гледаме утре“.

Денеска во венецуелската престолнина Каракас и во повеќе други градови треба да се одржат масовни демонстрации. Со оглед на тоа што медиумите во Венецуела се цензурирани, повикот до населението и собирните места за почеток на протестите на владините противници мора да се шират преку социјалните мрежи, истакна Гуаидо.

Најавеното враќање на опозицискиот лидер во татковината носи опасност: тој ја напушти Венецуела наспроти забраната за патување, поради што му се заканува апсење. Против Хуан Гуаидо е во тек истражна постапка поради неговото самопрогласување за привремен претседател на кризната држава на 23. јануари и целта да го истисне од функцијата сегашниот левичарско-националистички претседател Николас Мадуро и да организира нови избори.

Могерини со предупредување до Каракас

Европската унија ја предупреди владата во Венецуела да не го апси Гуаидо при враќањето во татковината. Европската претставничка за надворешни работи Федерика Могерини изјави дека какви било мерки кои би ги ги загрозувале слободата, безбедноста и личниот интегритет на Гуаидо, ќе водат до значителен пораст на тензиите. Таа потсети на уставно загарантираниот имунитет на членовите на венецуелското Национално собрание, што мора да се почитува, пратениците мора да бидат во можност да го извршуваат својот мандат без заплашувања против нив или против нивните најблиски.

Ecuador, Salinas: Juan Guaido und Lenin Moreno
Хуан Гуаидо и Ленин МореноФотографија: Getty Images/AFP/R. Buendia

Венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо во Еквадор се сретна со тамошниот претседател Ленин Морено, од кого доби ветување за поддршка. Морено изјави дека Еквадор ќе ѝ помогне на Венецуела во „враќањето кон слободата и демократијата“. Еквадор, покрај Колумбија и Перу, спаѓа во државите со најголем број мигранти од Венецуела. Нивниот број еквадорските власти го проценуваат на околу 250.000.

На крајот на јануари Гуаидо ја напушти Венецуела без оглед на забраната и отпатува во соседната Колумбија, по што ги посети и Бразил, Парагвај и Аргентина. Вчера тој соопшти дека добил покана на 22. март да го посети Чиле.