1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Европа во подготовки за напливот на вакцини

БЈ | Велт
2 март 2021

Се' уште недостасуваат вакцини, но за само неколку недели ситуацијата ќе биде сосема различна. Тогаш ќе има толку многу дози што ќе биде огромен логистички предизвик да се дадат. Колку добро се подготвени земјите од ЕУ?

https://p.dw.com/p/3q4RU
Themenbild - Europa Coronavirus
Фотографија: Fleig/Eibner-Pressefoto/imago images

Многу европски земји ги олабавија корона-ограничувањата, Германија за неколку дена одлучува дали ќе биде продолжен локдаунот или не. Колку брзо ќе се нормализира животот во земјата и на целиот континент зависи од едно централно прашање: кога ќе бидат вакцинирани доволен број лица за да се стекне колективен имунитет? Берлин и Брисел шират оптимизам: засега немало доволно вакцини, но од вториот квартал се' ќе се променело на подобро, се вели. Со испораката на вакцините во ЕУ е како со кечап во шише - прво нема ништо, потоа се' излегува одеднаш. За само неколку недели ќе има наплив од вакцини. Затоа фактичкиот предизвик гласи: да се направи логистичка поддршка за вакцинирањето за да може и огромни количества од вакцините да се дадат во краток рок. Тоа што моментално го гледаме во Европа, не дава многу основа за надеж. Многу земји од ЕУ се чини не се снајдоа најдобро ни со малите количества од првиот квартал, меѓу нив и Германија.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Во многу земји вакцини се трупаат. ЕУ ги нарачуваше, но распределбата е национална обврска, меѓусебна координација нема. Земјите интензивно и со различни концепти се подготвуваат за кулминацијата на вакцинирањето.

Германија

Сите земји од ЕУ ги добиваат вакцините со иста брзина. За Германија тоа значи - во првиот квартал околу 18 милиони дози, во вториот околу 77 милиони, во третиот 127 милиони дози. Досега Германија одвај успева да им ги даде брзо на луѓето и тие малку вакцини што се на располагање. Германија со квотата на вакцинации, односно во колкав процент од испорачаните вакцини се веќе на луѓе, е во најнеефикасната третина од 27-те земји членки на ЕУ. До петокот испорачани беа осум и пол милиони дози, но третина стојат неупотребени. Причината е што многу луѓе не сакаат да се вакцинираат со АстраЗенека. Но, друга причина се и недостатоците во логистиката за вакцинирање. Тие наскоро уште повеќе ќе дојдат до израз и системот ќе колабира доколку не дојде до значително подобрување.

Решението засега гласи: од следниот квартал ќе може да вакцинираат матичните лекари и фармацевтите. Во многу други европски земји тоа е одамна дозволено, во Германија пак Министерството за здравство и натаму работи на нацрт како точно ординациите да бидат снабдени со вакцини. Поединечни покраини се нетрпеливи и развиваат сопствени модели. Бавна сојузна влада, покраини со некоординирани сопствени иницијативи - тоа, според досегашното искуство, во корона-кризата никако не е идеална комбинација.

Weltspiegel 09.02.2021 | Corona | Deutschland Köln Impfzentrum
Досега Германија одвај успева да им ги даде брзо на луѓето и тие малку вакцини што се на располагањеФотографија: Ina Fassbender/AFP/Getty Images

Франција

Во Франција, луѓето во старечките домови имаат добиено барем по една доза. Истото важи и за четвртина од лицата над 75 годишна возраст кои живеат во свои домови. Телефонски хотлајн, државни и приватни страници - резервацијата на термин за вакцинирање сега функционира едноставно. Во споредба на европско ниво, Франција сепак котира исто толку лошо колку и Германија. Податоците вариират, но во Франција веројатно неискористен е исто толкав процент вакцини како и во Германија.

Французите досега не ја ангажираат војската, ниту отвораат големи центри за вакцинирање. Со оглед на големата скепса која владее во однос на вакцините, очигледно намерата била да се избегнат слики од празни хали. Што се однесува до вклучувањето на матичните лекари, Франција е понапред од Германија. Од четвртокот и тие смеат да ја даваат вакцината од АстраЗенека на лица над 50 години со претходни коморбидитети. Тоа наскоро треба да биде возможно и во аптеките, на што Французите се навикнати уште со вакцините за сезонски грип. Како доказ за правото да се биде вакциниран е доволен рецепт од матичен лекар, кој смее и да одреди кои пациенти треба попрво да бидат вакцинирани. Но, и во Франција има недоумици во однос на стратегијата со матичните лекари: досега важи правилото дека тие при првата испорака ќе добијат само едно единствено шишенце со десет дози.

Frankreich | Impfungen in Poissy
Во Франција веројатно неискористен е исто толкав процент вакцини како и во ГерманијаФотографија: Lisa Louis/DW

Италија

Италија на почетокот вакцинираше побрзо од другите европски земји. Сега, откако многу вработени во здравствениот сектор ја добија првата доза и започнува масовното вакцинирање на населението надвор од болниците, брзината на вакцинирање значително е намалена. Земјата сега е речиси исто толку бавна како и Германија. Но, барем има помалку неискористени дози, односно една четвртина. И таму пред се' вакцината на АстраЗенека се избегнува.

Според економскиот весник „Ил соле 24 оре", досега се потрошени само десет дози од производителот АстраЗенека. Проблемот во Италија е што има големи регионални разлики. Додека во Калабрија се потрошенi само 57,6 проценти од дозите, во Тоскана тој процент е дури 86,6%. Здравството во Италија е надлежност на регионите, така што има 21 различни стратегии. Тоа води до нејаснотии кој е правилен адресат, или каде да се закаже терминот. Неделава е склучен договор со кој сега и на матичните лекари им се дозволува да вакцинираат. Каде тоа ќе го прават, дали во ординациите, на домашни посети, во аптеките или центри за вакцинација, е повторно прашање за кое одлучуваат регионите.

Italien Sizilien  | Corona-Fälle auf Hilfsschiff «Ocean Viking»
Здравството во Италија е надлежност на регионите, така што има 21 различни стратегииФотографија: Hippolyte/SOS Mediterranee/dpa/picture alliance

Полска

Полска е успешна во распределбата на досега испорачаните дози. Варшава е во горната европска половина што се однесува до квотата на примени вакцини и со тоа предничи пред Германија, Франција и Италија. Во земјата вакцината моментално ја примаат наставници, војската и полицајците и над 70-годишни лица, на повеќе од шест илјади пунктови. Лица под 60 години со претходни заболувања се следни на листата.

Засега се чини дека логистички Полска е пред Германија. Таму вакцините не се даваат само на клиники, туку одамна и во ординациите на матичните лекари, дури и кај заболекари или педијатри. Закажувањето термин засега се одвива исто така главно без пречки, онлајн, преку СМС или телефонски и за тоа се користи само матичниот број. Можно е и директно пријавување во пунктовите. Кој припаѓа на групите кои подоцна би дошле на ред, може уште отсега да се запише во листата за чекање. Во Полска досега во пунктовите не се стигнати само 600 илјади дози. Тоа се помалку од 20 проценти од испорачаните вакцини. Покрај Шпанија, Полска има најдобар учинок во вакцинирањето како една од петте најгусто населени земји во ЕУ, со што има и добри предуслови да вакцинира брзо и кога ќе се зголемат дозите.

Polen Impfstart gegen Covid-19
Полска е успешна во распределбата на досега испорачаните дозиФотографија: Beata Zawrzel/picture alliance

Велика Британија

Колку добро функционира вакцинирањето надвор од ЕУ се гледа на примерот на Велика Британија. Во некои региони на Англија повеќе од половина од возрасното население е веќе имунизирано. Дневно во просек се даваат по 400 илјади дози. Велика Британија порано изврши нарачка и беше поодлучна, па во земјата сега се испорачуваат количества на вакцините колку што во ЕУ ќе има најрано за неколку недели.

Сепак Британците успеваатголемото количество вакцини брзо да го распределат на населението. Причина е централизиран државен здравствен систем кој покрива 93 проценти од Британците, а секој има и свој кориснички број. Поканата за вакцинирање се случува по пошта, повик или СМС. Во последниот случај, со две кликања може да се регистрирате и да си изберете еден од неколку термини на располагање. Заштитата на личните податоци, која во Германија игра голема улога при вакцинирањето, во Велика Британија е незначајна. Вакцините се примаат во најблиската поликлиника или во јавни објекти пренаменети во пунктови за вакцинација. Десетици илјади доброволци помагаат при распределбата. Во споредба со други земји, остануваат само малку неискористени дози. Центрите на матични лекари имаат поголема флексибилност на пример вакцините на Бионтек/Фајзер, кои имаат релативно краток рок на траење, краткорочно да им ги понудат на пациенти наместо да ги фрлаат. Притоа, мора да се држат до приоритетната листа, која дава предност на стари и изнемоштени лица.

Großbritannien | Massen-Impfzentrum
Велика Британија: Дневно во просек се даваат по 400 илјади дозиФотографија: Dominic Lipinski/picture-alliance