1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

121010 EU Roma Integration

13 октомври 2010

Вчера и денеска (12.-13.10) во главниот град на Романија, Букурешт, се одржува конференција на ЕУ, посветена на програмата за помош на ромското население. Унијата става средства на располагање, но тие не се користат.

https://p.dw.com/p/PceQ
Фотографија: picture alliance/dpa

За интеграцијата на малцинствата, како на пример Ромите, на земјите-членки на ЕУ им стојат на располагање повеќе извори на средства. Едни од најважните се европските структурни фондови. Доколку лицата не потекнуваат од ЕУ, тогаш предвид доаѓаат и фондовите за поддршка на интеграцијата и бегалците. Но, се чини дека интересот за парите од Брисел е мал, се пожали пред некој ден комесарот за социјални прашања на ЕУ, Ласло Андор: „Oдговорноста ја сносат и ЕУ и поединечните земји-членки. Структурните фондови се мошне корисно средство за поддршка на напорите за подобрување на положбата на Ромите. Меѓутоа, фондовите на ЕУ честопати не се користат во целост, или нивната имплементација не е оптимална“, нагласи Андор.

Sinti und Roma in Bulgarien
Во Бугарија живеат еден милион Роми - половината од нив се невработениФотографија: picture-alliance/Ton Koene

Притоа земјите, каде Ромите претставуваат особено големо малцинство, се оние кои најмалку се интересираат за европските пари. Како што соопшти комесарот Андор, Романија користи само еден процент од овие средства, Бугарија пет. Ниту на европско ниво просекот не е задоволителен - искористени се само 16 проценти од парите предвидени за подобрување на положбата на малцинствата. Меѓутоа, како што вели европарламентарецот Манфред Вебер од ЦСУ, ниту една земја не може да се присили да ги земе европските пари: „Се надеваме дека со тоа што ставивме средства на располагање доволно ќе ги поттикнеме земјите да ги користат. Меѓутоа, кога се работи за интеграцијата, таа не може да биде наложена одозгора, туку треба да постои желба за тоа во самото општество. Тука се бара креативност“, истакнува Вебер.

Образованието е клучно за интеграцијата

Sinti und Roma in Ungarn
Ромските деца мора да посетуваат настава - апелираат политичаритеФотографија: picture-alliance/ dpa

Според една иницијатива за поголема интеграција на Ромите, поддржана од ЕУ, во Бугарија секој втор припадник на ромското малцинство е невработен. Во Романија, пак, дури две третини од Ромите немаат постојано работно место. Меѓутоа, доколку земјите сакаат да го намалат нивото на невработеност кај Ромите, треба многу порано да почнат со спроведување на соодветни мерки, смета Манфред Вебер. Тој мисли, пред се`, на образованието, каде и Ромите треба да покажат самоиницијатива: „Децата од тоа малцинство мора да посетуваат настава насекаде во Европа. Тоа е единствениот начин да се постигне успех во интеграцијата на Ромите-чергари во европските општества“, смета Вебер.

Проблемите на Ромите се веќе одамна познати, а ЕУ става на располагање и финансиски средства за нивната интеграција. Но, се чини дека темата почна посистематски да се проучува дури откако Франција летово почна со масовно депортирање на ромското население.

Автор: Кристоф Хаселбах/ Трајче Тосев

Редактор:Александра Трајковска