Битката за плоштадот Тахрир продолжува
3 февруари 2011И денеска плоштадот Тахрир во центарот на Каиро е сцена на насилство. За разлика од вчера, меѓутоа, судирите меѓу противниците на режимот на претседателот Мубарак и неговите поддржувачи се со далеку помал интензитет. Сепак, битката за контролата на плоштадот со фрлање камења и спорадични тепачки меѓу припадници на двете страни продолжува.
Египетските војници, кои на почетокот на денот ги раздојуваа двете страни и ги притиснаа наназад поддржувачите на Мубарак во обидот да го запрат насилството, подоцна запреа да го прават тоа и овозможија повторно двете страни да дојдат во директен контакт. Светските агенции јавија и за истрели од огнено оружје на плоштадот, меѓутоа се’ уште не е јасно кој ги истрелал.
Премиерот Шафик двапати се извини за насилството
Инаку, судири кои избија во текот на вчерашниот ден продолжија и во текот на целата ноќ. Во нив, според информациите кои ги пренесоа агенциите, најверојатно има и петмина мртви и повеќе стотици повредени. Странските набљудувачи во Египет речиси се сигурни дека провокаторите на протестите се ангажирани од режимот на Мубарак.
Египетскиот премиер Ахмед Шафик утрината се извини за насилството, а попладнево уште еднаш го повтори извинувањето. Тој уште изјави дека ќе има истрага за крвавите судири на плоштадот во Каиро. Премиерот Шафик порача дека е подготвен да оди на плоштадот Тахрир и да разговара со анти-владините демонстранти.
Инаку, властите во Египет соопштија дека започнале дијалог со претставници на анти-владини демонстранти, меѓутоа главната опозициска коалиција негираше дека е во преговори, додавајќи дека со власта преговараат шест помали групи.
Осуда за насилството
Портпарол на Националната коалиција за промени што се формираше околу Мохамед ел Барадеј отфрли дека е можен каков било дијалог пред повлекувањето на Мубарак, а слични пораки упатија и други опозициски движења. Тие имаат поддршка од демонстрантите на плоштадот Тахрир:
„Оваа револуција нема само да го собори режимот. Станува збор за нашето човечко достоинство. Ни‘ треба правда и мораме да ги казниме оние кои на овој плоштад извршија грзоморни злосторства“ , порачува еден од демонстрантите.
Во меѓувреме, осуди за вчерашното насилство на плоштадот Тахрир пристигнуваат од целиот свет. Попладнево реагираше и Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, кој ги повика сите страни на воздржаност. Бан уште истакна дека насилните напади врз мирните учесници на протести се целосно неприфатливи, додавајќи дека е од исклучителна важност да се спроведе итна мирна транзиција во Египет. Во заедничка декларација и лидерите на Франција, Германија, Велика Британија, Италија и Шпанија, денеска исто така порачаа дека процесот на пренос на власта во Египет треба да почне под итно, што ќе овозможи да се надминат искушенијата пред кои денеска е исправена земјата.
Петте лидери остро ги осудија сите оние што повикуваат или користат насилство, кое само може да ја продлабочи политичката криза.
Автор: СН/ЖА/ртре/афп/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска