1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Четири години затвор за Аунг Сан Су Ќи

СН/агенции
6 декември 2021

Обезвластената де факто премиерка на Мјанмар, Аунг Сан Су Ќи беше уапсена во февруари по воениот удар во земјата. Ова прво нејзино судење од страна на воената хунта беше за наводно поттикнување насилство.

https://p.dw.com/p/43sXD
Секогаш одново, илјадници луѓе излегуваат на улиците ширум светот и бараат ослободување на Аунг Сан Су Ќи.
Секогаш одново, илјадници луѓе излегуваат на улиците ширум светот и бараат ослободување на Аунг Сан Су Ќи.Фотографија: Jack Taylor/AFP/Getty Images

Судот под контрола на воената хунта во Мјанмар ја осуди поранешната лидерка Аунг Сан Су Ќи на 4 години затвор за поттикнување немири и кршење на епидемиолошките мерки воведени поради пандемијата на коронавирусот.

„Таа е осудена на две години затвор според членот 505 (б) и две години затвор според Законот за природни катастрофи“, изјави портпаролот на хунтата. Ова е прва пресуда во низата поради кои поранешната лидерка би можела да биде осудена на доживотен затвор.

Со песна против воениот удар

Во затвор до крајот на животот?

Су Ќи се соочува со вкупно 11 обвинувања, кои сите ги негираше. Таа е во домашен притвор од февруари кога војската изведе државен удар, рушејќи ја нејзината избрана цивилна влада и затворајќи бројни лидери. Таа тогаш беше обвинета за корупција, бунт и изборна измама.

Вин Мјинт, поранешниот претседател на Мјанмар и сојузник на Су Ќи од Националната лига за демократија, исто така, е осуден на 4 години затвор под истите обвинувања.

Портпаролот на новоформираната Влада на национално единство, група која ја сочинуваат продемократски личности и противници на воениот удар, изјави дека Су Ќи не се чувствува добро и оти воените генерали ѝ подготвуваат 104 години затвор, сакајќи таа да остане таму до крајот на животот.

Непосредно пред воениот удар, мјанмарскиот претседател Вин Мјинт го пречека кинескиот претседател Ши Џинпинг
Непосредно пред воениот удар, мјанмарскиот претседател Вин Мјинт го пречека кинескиот претседател Ши ЏинпингФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Shine

Повеќе од 1.300 мртви и над 10.000 уапсени

Мјанмар тоне во насилство и хаос по воениот удар. Според активистите за човекови права, повеќе од 1.300 луѓе се убиени, а над 10.000 уапсени за време на протестите против хунтата.

Војската го оправда своето преземање на власта во оваа југоисточно-азиска земја со наводна измама на парламентарните избори во 2020 година. На ноемвриското гласање пред една година, партијата Национална лига за демократија (НЛД) на Су Ќи  оствари јасна победа.