1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Збогум за вртоглавите сметки за роаминг

ДТЗ
4 октомври 2023

Од 1 октомври паднаа цените за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан. Се очекуваат помали трошоци за роаминг за 30% и изедначување на цените за разговори дома и во странство во 2028 година.

https://p.dw.com/p/4X64Y
роаминг
Збогум за вртоглавите сметки за роаминг при патување низ ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

По стапувањето на сила на договорот со кој од 1 октомври паднаа цените за роаминг меѓу Европската Унија и Западен Балкан, се очекуваат помали трошоци за 30 проценти и изедначување на цените за разговори дома и во странство во 2028 година. 

„Тоа значи дека нашите граѓани и бизнисот кога ќе одат надвор, ќе имаат помали трошоци за 30% и обратно“, вели министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

Македонските оператори наскоро ќе треба да ги соопштат новите цени за роаминг услугите. Според него, сите оператори се согласиле да ги намалат цените за роаминг. Дефинирани се и активности при што во 2026 година исто така ќе има намалување за 30%, а во 2028 година се очекува цените на роаминг ќе бидат исти како дома, така и надвор од државата.

Операторите прават подготовки

Македонски Телеком, како дел од Дојче Телеком групацијата, е еден од 38 телекомуникациски оператори од ЕУ и од Западен Балкан кои се согласија да овозможат поевтин роаминг за податочни услуги меѓу Западен Балкан и ЕУ за граѓаните и бизнисите од двата региона.

„Цените на роаминг пакетите за корисниците на Македонски Телеком се во линија со цените предложени во спогодбата. Во пакетите Интернет свет 1 и 2 каде се вклучени европските земји, цената за 1GB податочни услуги е многу пониска од цената препорачана со спогодбата“, велат од компанијата за ДВ.

И другите оператори го добиле известувањето од Владата, но мерката се уште не е стапена на сила. Се прават подготовки и анализи, по што операторите ќе треба да им понудат пакети за роаминг на граѓаните. Мерката се очекува да ги опфати и разговорите и преносот на интернет-податоци, по примерот на договорот кој е веќе на сила меѓу земјите од Западен Балкан, кои веќе неколку години користат роаминг кој не им се наплаќа екстра, а имаат и опција за помал трамсфер на податоци, во зависност од пакетот за мобилен интернет кој го користат. 

Почнувајќи од 1.07.2021 година, започна примената на роаминг регулативата „Roam Like At Home“ (RLAH), која се однесува на шесте земји од Западен Балкан - Македонија, Србија, Косово, Босна и Херцеговина, Албанија и Црна Гора. Со оваа регулатива, мобилниот интернет, СМС пораките и разговорите остварени кон земјите од Западен Балкан, додека корисниците се во роаминг во тие земји, се тарифираат како дома.

мобилен телефон
Дел од македонските оператори за ДВ велат дека го добиле известувањето од Владата, но дека мерката се уште не е стапена на сила. Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Очекувања

Со стапувањето на сила на најновиот договор, премиерот на Албанија, Еди Рама очекува цените на „интернет роаминг“ меѓу Европа и Западен Балкан да се намалат во просек за 99 отсто. Ваквата можност се отвори по потпишувањето на декларацијата на Самитот ЕУ - Западен Балкан во Тирана на 6 декември 2022 година. Со тоа се отвори патот за почеток на процесот за укинување на роаминг таксата меѓу земјите од Европската Унијата и Западен Балкан.

Договорот беше потпишан во присуство на лидерите на Западен Балкан, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, комесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји и генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, Мајлинда Брегу.

„Да земеме, на пример, државјанин на Босна и Херцеговина, корисник на еден од операторите од таа земја, кој патува во Хрватска. Претходно, доколку не сте купиле еден од пакетите, цената на пренос на податоци за само еден мегабајт, колку што е тежината на фотографија или документ со среден квалитет, изнесувала неверојатни 2,09 евра. Тоа значи дека испраќањето на едно видео со среден квалитет од 1 ГБ би чинело 2.090 евра. Или, ако сте во Грција, би изнесувала повеќе од 9.000 евра. Но сега, по намалувањето на цената, таа ќе изнесува само 0,017 евра за мегабајт, што претставува намалување за повеќе од 99 отсто“, објасни деновиве Брегу.

Таа додаде дека „употребата на еден гигабајт податоци во земјите на Европската унија повеќе нема да резултира со вртоглава сметка од кои ќе ве боли главата“. Место тоа, нема да надмине 17 евра со вклучен ДДВ. Ова не е промена која се однесува само на Хрватска, туку на сите земји од Европската унија, како и на Швајцарија, Турција и Велика Британија.