XXL Бундестаг - бројот на пратеници станува сѐ поголем | Информации и анализи за Германија | DW | 22.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Германија

XXL Бундестаг - бројот на пратеници станува сѐ поголем

Германскиот Бундестаг веќе сега е најголем во најновата историја, а по изборите на 26 септември во него би можеле да се најдат преку 900 пратеници. Зошто нивниот број по секои избори се зголемува?

Со 709 пратеници, актуелниот состав на Бундестагот е најброен во историјата на Сојузна Република Германија. Според Статутот, германскиот парламент би требало да има 598 пратеници, но нивниот број се зголемува од избори до избори. Само на последните избори пред четири години, Бундестагот доби нови 78 членови. 

Малку веројатно е дека тука е крајот. По изборите на 26. септември, во салата би можеле да седат многу повеќе од 800 пратеници, можеби речиси илјада. Само кинескиот Народен конгрес има повеќе пратеници, со тоа што таа земја има скоро 17 пати повеќе жители од Германија.

Причината за огромното зголемување лежи во компликуваниот германски изборен закон со два гласа. Во Германија постојат 299 изборни единици со речиси иста големина. Оној кој ќе добие најмногу гласови во некоја изборна единица, во Берлин заминува како директно избран кандидат.

Со вториот глас се избираат кандидати од листата која партиите ја составиле пред изборите. На тој начин се доделуваат дополнителни 299 мандати, што вкупно сочинува 598 места во парламентот. Бројот (на второизбрани) гласови ја одредува релативната сила на партијата во Бундестагот. 

Последица на тужба пред Уставниот суд 

Фактот дека Бундестагот сега има многу повеќе пратеници отколку што предвидува законот, е последица на т.н. „преостанати“ или „висечки мандати“. Тие се доделуваат кога партијата во некоја сојузна покраина добие повеќе директни мандати отколку што ѝ припаѓаат врз основа на вториот глас со кој се одредува колку пратенички места ќе имаат партиите во Бундестагот. Со оглед на тоа што големите партии имаат најмногу можности да освојат директни мандати, ним им припаѓа и мнозинството од такви пратенички места. На пример, на изборите во 2017 година, Унијата (ЦДУ/ЦСУ) доби 43 од вкупно 46 „преостанати“ или „висечки мандати". Малите партии остануваа со празни раце, па поднесоа тужба до Уставниот суд – и тоа успешно.

Сојузниот уставен суд го прогласи дотогашниот Изборен закон во Германија за неуставен и побара реформа. Таа стапи во сила во 2013 година и предвидува механизам за компензација. Механизмот овозможува зголемување на бројот на пратенички места сѐ додека односот на мандати во пратеничките групи не одговара на констелацијата воспоставена со давањето втор глас, без оглед на мандатите кои „висат“. Спореден ефект на тоа е постојано растење на бројот на пратеници. Во 2017 година како компензација беа доделени дополнителни 65 мандати.

Повеќе пратеници повеќе пари од џебот на даночните обврзници 

Така веќе не може, сметаат сите претставници на партиите во Бундестагот. Тие се загрижени дека германскиот парламент во еден момент веќе нема да може да функционира поради недостаток од простор. Потпретседателката на Бундестагот, Клаудија Рот од Зелените прашува: „Каде да се сместат сите пратеници во текот на седниците на парламентот? И каде да се состануваат пратеничките групи? Сегашниот Изборен закон во Германија не е ништо друго освен ‘програма за вработување пратеници од последните клупи'".

Infografik Vergleich Anzahl Abgeordnete Parlamente DE

Споредба со бројот пратеници во парламентите во другите земји - број на жители и број на граѓани кои ги претставува еден пратеник

Шефот на пратеничката група на Либералите (ФДП) Марко Бушман исто така е загрижен поради политичката порака која ја испраќа актуелниот Изборен закон: „Како политиката да повикува убедливо на реформи ако таа самата не го реформира Изборниот закон?“

Здружението на германски даночни обврзници исто така врши притисок. Тоа се залага за економично користење на парите на  граѓаните.  Соработниците на Здружението пресметале дека Бундестагот во актуелниот состав од 709 пратеници носи дополнителни трошоци од 333 милиони евра во однос на законски првично предвидените 598 места. Со 800 пратеници, би биле 605 милиони евра повеќе, а со 900 - 905 милиони евра повќе. Во интернет-петицијата „Ставете точка на ХХЛ Бундестагот“, Здружението на даночни обврзници повикува на намалување на парламентот на 500 членови.

Тоа мора да биде „прво на дневниот ред на новиот парламент“, бара претседателот на Здружението, Рајнер Холцнагел.

Реформата притоа е веќе спроведена, но во мал обем. Ентузијазмот и спремноста на реформи посебно е ограничена во најголемата парламентарна група, ЦДУ/ЦСУ, зашто тие имаат најголема корист од актуелниот Изборен закон. Есеноска ЦДУ/ЦСУ и нивниот коалиционен партнер СПД постигнаа договор за промена, со која по три „висечки мандати" веќе не смее да има компензација. Освен тоа, некои од преостанатите „висечки мандати“ би требало да се компензираат со мандати од листите на тие партии во други покраини. Повеќе може да се очекува дури од 2024 година, кога бројот на изборни единици од 299 ќе биде намален на 280, со што ќе се намали и бројот на мандати. 

Гледај видео 03:07

Колку заработуваат пратениците?

Еден пратеник претставува 117.000 граѓани

Колку голем е Бундестагот во однос на парламентите во другите земји? Споменавме, само Кинескиот народен конгрес е поголем со своите 2.980 пратеници, иако тој е повеќе орган за прифаќање одлуки отколку вистински претставник на народот. Воедно, ако се гледа според бројот на жители, тогаш изгледа вака: Германија има 83 милиони жители, Кина пак 1,4 милијарди. Тоа значи дека кинески пратеник претставува 470.000 луѓе, а германски само 117.000. Односот во САД е уште „понеповолен“ – таму 435 членови од Претставничкиот дом претставуваат 329 милиони луѓе, односно еден претставува 756.000 граѓани. Спротивно на тоа во Австрија еден пратеник претставува близу 50.000 граѓани. Сепак, намалување на австрискиот парламент досега не било тема на дебата.

Реформата во германскиот парламент долго е одложувана,па ситуацијата по 26. септември ќе биде понапната отколку досега. Планирана е изградба на нови канцеларии, но тие не би биле готови до 2022. година. Во крајна нужда, пратениците ќе мораат да се задоволат со контејнери, мудро најави сегашниот претседател на Бундестагот, Волфганг Шојбле уште во 2019. година, предвидувајќи ги проблемите кои доаѓаат.

 

Поврзана содржина