1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ и Курти „не умеат да решаваат проблеми“

Ане Тилак (АРД)
18 август 2022

На денот кога српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти се обидуваат да постигнат компромис во Брисел, германскиот јавен сервис АРД објавува репортажа од границата меѓу Србија и Косово.

https://p.dw.com/p/4FhyS
Тензии поради правилото за прелепување на регистарските таблички и дополнување на личните документи
Тензии поради правилото за прелепување на регистарските таблички и дополнување на личните документи Фотографија: Visar Kryeziu/AP Photo/picture alliance

На граничниот премин Јариње, на северот на Косово, е потензично од вообичаено. Специјалните единици на косовската полиција со митралези ги обезбедуваат улиците. Ненад Радосављевиќ го поминува граничниот премин со автомобил.

Се гледа како бројот на специјалните единици секојдневно се зголемува, вели Радосављевиќ, опишувајќи ја ситуацијата како „тешка и напната“. Тој при влегувањето во Косово ги прелепи српските таблички на својот Пасат.

Владата на Косово требаше од 1 август да донесе задолжителна уредба, според која возилата со српски регистарски таблички требаше да се пререгистрираат. Освен тоа, на граничните премини при влез во Косово, српските лични документи треба да се дополнат со дополнителен документ.

Властите во Приштина ги правдаа своите постапки со тоа дека српските власти спроведуваат идентична постапка кога границата ја минуваат граѓани на Косово. Премиерот Албин Курти зборуваше за „мерка на реципроцитет“.

Тензично во Митровица

Но, непосредно пред да стапи во сила новата регулатива, на Косово избија немири. Патиштата беа блокирани од градежни машини, се пукаше, а се слушаа и сирени во поделениот град Митровица, на северот на Косово. Поради меѓународниот притисок,Курти мораше да ја одложи планираната акција за еден месец.

Тоа беше „чисто лудило“, вели Радосављевиќ и ги критикува Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ: „За жал, на Косово имаме популист со силно изразени авторитарни карактеристики. Од другата страна е политичар кој отиде чекор понатаму и сега е вистински диктатор“. Ниту едниот ниту другиот, вели Радосављевиќ, не умеат да решаваат проблеми - „ги поместуваат или создаваат нови“.

Граничниот премин Мердаре на границата помеѓу Србија и Косово
Граничниот премин Мердаре на границата помеѓу Србија и КосовоФотографија: Visar Kryeziu/AP/picture alliance

Спорот го предизвикува политиката?

Радосављевиќ е косовски Србин и живее во Лепосавиќ, една од четирите српски општини на северот на Косово. Србите сочинуваат само околу пет отсто од населението на Косово и живеат претежно на север.

Деведесет проценти од населението се косовски Албанци, како Мелихата Бешири. Таа има мала продавница во Митровица и продава лимонада и сладолед - секако и на Србите, како што веднаш нагласува.

Вели дека луѓето немаат проблеми едни со други и добро се согласуваат. Додава дека политиката е таа што со овој спор за признавање го загрозува соживотот.

Бешири се присетува дека била преплашена од ненадејниот звук на сирените попладнето на 31 јули. Тоа ја вратило во 1999 година, последната година од војната во Косово: „Тоа беше многу грдо чувство, бидејќи знаеме дека во мирни ситуации не се крева тревога. Ме потсети на времето кога требаше да трчаме“.

Од крајот на војната во Косово, мирот меѓу Србите и косовските Албанци е кревок. Србија сè уште не ја признава независноста на Косово. Во српскиот устав Косово сè уште е дел од Србија.

Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак (л.) со српскиот претседател Александар Вучиќ (д.) и косовскиот премиер Албин Курти (Берлин, мај 2022)
Специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак (л.) со српскиот претседател Александар Вучиќ (д.) и косовскиот премиер Албин Курти (Берлин, мај 2022)Фотографија: Pressestelle der Deutschen Bundesregierung

Преседнување на мостот

Народот на Косово е навикнат на посебни околности. На Радосављевиќ му е дозволено да вози со српски автомобил само до мостот во центарот на Митровица. Јужниот дел на градот е албански - Радосављевиќ таму се вози со својот втор, косовски автомобил.

- повеќе: Косово: кризата со автомобилските таблички - последица на лоши политички решенија

Тој не верува дека премиерот на Косово може да отстапи од своите барања во спорот за регистарските таблички. Затоа, Курти на денешните разговори во Брисел би можел да го убеди Вучиќ дека косовските Срби мора да ги пререгистрираат своите автомобили, но за возврат тој би можел да се согласи со формирање на таканаречената Заедница на српски општини - стар српски план со кој на српските заедници би им се дале значајни самоуправни права.

- повеќеСрбија и Косово: Сабјите ѕвечкаат само во медиумите?

Според сфаќањето на Вучиќ, косовската влада може да настапува толку самоуверено само затоа што има поддршка од НАТО. Вучиќ пред средбата во Брисел изјави дека со помош на НАТО Албанците можат „да прават што сакаат“, но додаде дека нема да дозволи погром врз српскиот народ. „Ќе направиме сѐ за да го зачуваме мирот - речиси по секоја цена.“