Очекуваниот животен век расте во ЕУ, но не и во Македонија
20 март 2026
Очекуваниот животен век во Европската Унија продолжува да расте, но трендот не го следи и Македонија. Според податоците на Евростат за 2024 година, очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ изнесува 81,5 години, што е зголемување од 0,1 година во однос на 2023 година.
Во Македонија, пак, според Државниот завод за статистика, очекуваниот животен век за периодот 2022–2024 изнесува 76,63 години. Жените живеат подолго – 78,86 години, додека кај мажите животниот век е 74,48 години, односно 4,4 години пократок од оној на жените.
Статистиката покажува дека жените во земјата во континуитет живеат подолго од мажите, а најчеста причина за смртност остануваат болестите на циркулаторниот систем.
Еуростат нема нови податоци за Македонија по 2010 година, кога очекуваниот животен век бил 77,2 години, додека во 2000 година изнесувал 73 години.
Највисок животен век во ЕУ има Мадрид, најнизок – региони во Бугарија
Највисок очекуван животен век во ЕУ е забележан во Мадрид, Шпанија со 85,7 години. Најниски вредности има во северозападна Бугарија со 73,9 години.
Во просек, жените во ЕУ живеат 5,2 години подолго од мажите. Најголем родов јаз има во Латвија (9,8 години), додека најмал е во Холандија (2,8 години).
Пандемијата на Ковид 19 значително го намали животниот век: во 2020 година на 80,4 години и во 2021 година на 80,1 години. Од 2022 година наваму, вредностите повторно растат, достигнувајќи повисоки нивоа од пред пандемијата (2019: 81,3 години).
Во 2024 година, жените во ЕУ живеат во просек 84,1 година, а мажите 78,9 години.
Средната возраст расте и во ЕУ и во Македонија
Средната возраст на населението во ЕУ на 1 јануари 2025 година достигнала 44,9 години. Разликите меѓу државите се значителни: од 39,6 години во Ирска до 49,1 година во Италија, која е најстара земја во Унијата.
Во Македонија средната возраст е 42,1 година, што претставува пораст од речиси пет години во однос на 2015 година (37,4 години). На ниво на ЕУ, средната возраст се зголемила за 2,1 година од 2015 година.