1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

И ВМРО-ДПМНЕ бара анкетна комисија за трагедиите

24 ноември 2025

Собранието ја врати на доработка иницијативата на СДСМ и Левица за анкетна комисија за трагедијата во Кочани поради несогласност со Деловникот.

https://p.dw.com/p/548DF
Претседателот на Собранието, Африм Гаши 03.09.2024
Зошто иницијативата на СДСМ и Левица е вратена?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ поднесоа иницијатива за формирање Анкетна комисија која ќе ги испита околностите и одговорноста на институциите за повеќе трагични настани: пожарите во дискотеката во Кочани и во модуларната болница во Тетово, автобуската несреќа на „Дурмо турс“ кај Ласкарци и несреќата на „Беса Транс“ во Бугарија.

Според пратеникот Бојан Стојаноски, целта е утврдување на одговорност кај функционери и носители на јавни функции, без политизација на случаите. Иницијативата е потпишана од 77 пратеници, што, како што нагласи, е доказ за широка поддршка. 

Состав и надлежности 

Комисијата ќе има 15 членови: седум од ВМРО-ДПМНЕ, по двајца од СДСМ, Европски фронт и Вреди, по 1 од ЗНАМ и Левица. Претседателот ќе биде од опозицијата. Таа ќе има мандат од 45 дена, а извештаи ќе треба да поднесе во рок од 30 дена. Секој блок може да предложи сведоци и експерти, кои имаат обврска да се појават. Заклучоците ќе се доставуваат до Владата и Јавното обвинителство. 

Зошто иницијативата на СДСМ и Левица е вратена?  

Во меѓувреме, претседателот на Собранието Африм Гаши ја врати на доработка иницијативата на СДСМ и Левица за формирање анкетна комисија која треба да ги испита околностите за трагедијата во Кочани.

Гаши на брифинг информираше дека во предлогот било утврдено мнозинството во комисијата да му припаѓа на опозицискиот блок, што е спротивно на собранискиот Деловник.

Марш на ангелите - протести на семејствата на загинатите во Кочани 29 април 2025
Семејствата на загинатите на протести побараа независна истрага.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Што предвидува член 124 од Деловникот?

Според член 124, сите работни тела мора да имаат состав пропорционален на парламентарниот распоред на сили – мнозинството го има власта, а претседателот се избира од опозицијата. Бидејќи ова правило не е испочитувано, иницијативата е вратена на доработка. 

СДСМ и Левица предлагаат претседател и распределба: СДСМ и ДУИ по четворица пратеници, ВМРО-ДПМНЕ тројца, Вреди двајца, а ЗНАМ еден. Предлогот беше поднесен минатата недела од 20 пратеници на СДСМ и Левица.

Разлики меѓу иницијативите

Стојаноски вели дека меѓу нивната и иницијативата на СДСМ и Левица има три клучни разлики. Првата е почитувањето на Деловникот во однос на составот на комисијата, потоа бараат проширување на надлежностите на сите трагедии, не само Кочани, како и воведување механизам за одговорност на инволвирани лица.

Иницијативата ќе биде разгледана на следната пленарна седница (почеток на декември).

Партиските иницијативи во Собранието следат по протестот во Скопје, каде семејствата на загинатите побараа независна истрага. Во трагедијата во Кочани на 16 март загинаа 63 млади луѓе, а над 200 беа повредени. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема