1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставните измени и корупцијата

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров
20 ноември 2023

Или ЕК не е европска, туку антиевропска; или „европскиот фронт” на Владата е лажен, па, покрај националниот, Владата го губи и европскиот легитимитет. Пишува Димитар Димитров

https://p.dw.com/p/4ZAYv
Знамиња Северна Македонија ЕУ Брисел
Знамињата на Северна Македонија и ЕУ во ЕУ парламентот во БриселФотографија: DW/M. Maksimovic

Разјаснувањето на дилемата од насловот ми се чини суштествено за разбирањето на портретот на оној за кого се известува, но и за автопортретот на известувачот.

Корупцијата се тематизира како дел на сеопфатен систем на невладеење на правото (отсуство на реформи, нефункционално правосудство, тенденција на неказнивост на политичките елити, партизацијата на институциите и на администрацијата, донесување закони по брза постапка со злоупотреба на европско знаменце, игнорирање на невладиниот сектор, злоупотреба на јавните набавки, нетранспарентни договори за фундаментални проекти - илустрирани со договорот со Бехтел и Енка…). Овој дел од Извештајот го восприемаме како точно отсликување на нашето примарно искуство со Владата на Ковачевски и како потврда на позицијата на невладините организации и на опозицијата, кои перманентно ја критикуваат недемократската практика на Владата. 

Губење на европскиот легитимитет

Со аршинот на Владата таа критичка позиција се кодошеше како антиевропска, изолационистичка, или далдисана по матни источни геополитички искушенија, поради што ширела „хистерична” врева против „европскиот фронт” (на Владата).

На внатрешен план Владата беше во размин со четири петини од општеството (според анкетите). Сега овој дел од Извештајот ја става во размин - со известувачот. Или ЕК не е европска, туку антиевропска; или „европскиот фронт” на Владата е лажен, па, покрај националниот, Владата го губи и европскиот легитимитет.

Чуму уставни измени, ако нема владеење на правото? По која логика субјект на неуставни практики ќе врши уставни измени? През целото време оваа Влада уставните измени ги инструментализира како маска за терање организиран криминал и корупција. 

Но Извештајот ја превидува оваа корелација. Делот за корупцијата и делот за уставните измени како да се пишувани од различни известувачи за различни држави. Па, ако едниот дел темелно ја делегитимира власта, другиот дел и праќа благослов, повикувајќи ја опозицијата да ги поддржи уставните измени! 

Таквиот приказ на уставните измени и на корупцијата како независни варијабли, пати од сериозна грешка во методот. Имено, субјект на корупцијата е владиниот тим што со Француското претседателство го договори „францускиот предлог” (со уставните измени како предуслов за почеток на преговарачкиот процес). Тој тим не ја доби довербата на публиката: четири петини од општеството одбива да биде дел од играта со „францускиот предлог”. Елементарен логичен исход при таквата состојба е оставка на тимот: гласање за уставните измени и извинување поради погрешната игра. Но Владата не го прави тоа. Иако знае дека уставните измени се фикција, таа упорно се повикува на нив - и ја разградува државата  и го разграбува општото добро. 

Злоупотреба на уставните измени

Во владиниот тим доминира Демократската унија за интеграција. Со ДУИ, смета нејзиниот поранешен потпретседател, „се губи растојанието меѓу партија и подземје”. Со оглед на етничката провениенција на партијата, оваа деградација на државата во систем на организиран криминал и корупција, придобива дополнителен вкус на егзотика, Нејзините челници, на партиски собири, се самоприкажуваат како господари и владетели на Македонија!

Тоа ли беше целта на „францускиот предлог”? Или уставните измени се злоупотребуваат како и европското знаменце, па на ист начин тоа требало да се нотира, а не да се бара нивно спроведување.

Зад оваа грешка во методот на известувачот се крие една друга грешка: имено европското партнерство во „францускиот предлог”, што известувачот го прави пристрасен во оценувањето на уставните измени, зашто го става во позиција на самокритика. Дополнителна грешка се допушта со тоа што се увиде грешката што се направи со ставањето во преговарачката рамка на билатералните прашања (еднаш веќе одбиени, а со пакетот на Радев пак прифатени) и со уважувањето на принципот на ветото  врз билатерални прашања, а сепак во нашиот случај упорно се инсистира на нивното почитување. Извештајот ќе биде правичен кога ќе се движи во рамките на Копенхашките критериуми. Претпоставка за тоа е Париз и Брисел да си  признаат дека Радев им подметнал путинистичко кукавичко јајце, па да ја сообразат преговарачката рамка со Копенхашките критериуми.

Се разбира, ако сериозно се посветени на идејата на интегрална Европска Унија.  

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Димитар Димитров, професор и поранешен министер
Димитар Димитров Димитар Димитров е пензиониран професор на Филолошкиот факултет во Скопје и поранешен министер.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема