1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Прекувремената работа на коридорите пред Уставен суд

ДТЗ
3 август 2023

Уставниот суд формираше предмет за измените и дополнувањата на Законот за работните односи, по иницијатива што ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човековите права.

https://p.dw.com/p/4Uji7
автопат | Северна Македонија
Ќе се оценува уставноста на законските измени за прекувремената работа на автопатите што ги гради „Бехтел и Енка“Фотографија: Regierung von Mazedonien

Уставниот суд формираше предмет за измените и дополнувањата на Законот за работните односи, по иницијатива што ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човековите права. Станува збор за оценување на уставноста и законитоста на членовите 1, 2 и 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, поврзани со реализацијата на Договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д.

Во иницијативата се наведува дека со оспорените членови се напушта нивото на заштита кое го нудат позитивните законски прописи и меѓународните конвенции и е обид да се наметне механизам за заобиколување на веќе поставените правила.

Нееднаков третман на работниците

„Подносителите наведуваат дека се создава опасност од нееднаков третман на работниците и дискриминација од страна на министерот за финансии, кој во согласност со министерот за труд и социјална политика, го пропишува начинот и местото на исплата на работниците кои работат на проекти од стратешко национално значење утврдено со закон“, наведува Уставниот суд.

За нив е спорен и членот со кој се предвидува исклучок од траењето на прекувремената работа подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно за работење на проекти од стратешко и национално значење, според подносителите, создава правна несигурност и простор за толкување и манипулација со вкупното времетраење на прекувремената работа, без да се утврди горна граница.

Уставен суд Добрила Кацарска
Уставниот суд формираше предмет за измените и дополнувањата на Законот за работните односи, по иницијатива што ја поднесе Хелсиншкиот комитет за човековите права (фото: Добрила Кацарска, претседателка на Уставен суд)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Последен збор

Собранието во мај усвои повеќе законски измени со цел да се олесни и забрза работата на стратешкиот партнер за изградба на коридорите 8 и 10д - американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“. Но, копјата се кршеа околу прекувремена работа на градежниците на автопатите, со оглед на тоа дека минатата година Уставниот суд укина една измена на законот со кој работната недела беше утврдена на 60 часа неделно.

Претседателот Стево Пендаровски на крајот на мај го потпиша пакетот законски измени со коишто се овозможи забрзана изградба на коридорите 8 и 10д, тврдеше дека новиот текст на законот не ја содржи формулацијата '60 часовна работна недела. Но, имајќи ги предвид приговорите на дел од синдикатите, дел од граѓанските здруженија кои работат во оваа сфера, како и на некои политички партии, Пендаровски укажа дека секоја заинтересирана страна има право да поднесе иницијатива за оценка на уставноста на секој закон.

„Уставниот суд е единствената институција во нашиот правен поредок која го дава последниот збор во однос на уставноста на законите. Уставниот суд има на располагање и механизми со кои може брзо и ефикасно да донесе соодветна одлука, ако така сметаат судиите на Уставниот суд“, изјави Пендаровски на прес-конференција на 29 мај. 

Договорот со „Бехтел и Енка“ го анализира и Антикорупциската комисија.