1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе добие помош од 80 милиони евра од ЕК

ДТЗ
26 октомври 2022

„Заедно ќе ги надминеме предизвиците од оваа најголема криза“, порача претседателката на ЕК, откако во Скопје беше потпишан договорот за Фронтекс на македонски јазик. Таа е оптимист дека земјата брзо ќе напредува кон ЕУ.

https://p.dw.com/p/4IhV7
Урсула фон дер Лајен во Скопје
„Заедно ќе ги надминеме предизвиците од оваа најголема криза“, порача претседателката на ЕК, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија денеска го потпиша договорот со Фронтекс без фусноти, додавки, ѕвездички, на чист македонски јазик. Тоа е првиот договор кој Северна Македонија го потпишува со ЕУ на македонски јазик. Со договорот ќе се обезбеди справување со нелегалната миграција и со предизвиците со коишто се соочува регионот. 

„Со потпишувањето на овој документјазикот се издигнува на рамноправна основа со европските јазици. Ова е конкретното признание на македонскиот јазик којшто го очекувавме и осигуравме. Обезбедивме европско признание на македонскиот јазик и идентитет“, порача премиерот Димитар Ковачевски кој вечерва имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која што пристигна во посета на земјата. 

Фон дер Лајен оцени дека договорот ќе ја зацврсти соработката и покажува дека македонскиот јазик е целосно почитуван во Унијата. „Северна Македонија се движи напред по европскиот пат, тоа го покажа нашиот неодамнешен извештај за напредокот. Одлучно решително се движите напред, постигнавте напредок во реформата на правосудниот систем и формиравте цврста пазарна економија“, порача таа. Во услови на војната меѓу Русија и Украина и глобалната економска и енергетска криза, таа порача дека Унијата ќе биде покрај Северна Македонија и „заедно ќе ги надминеме предизвиците од оваа најголема криза“.

За таа цел најави грант од 80 милиони евра за буџетска поддршка до крајот на годината, а средствата ќе можат да се повлекуваат веќе од јануари со цел справување со енергетската криза. Исто така се размислува за нова регионална помош во висина од 500 милиони евра за финансирање на капитални проекти за поврзување на гас и на големи проекти за изградба на гасни централи и други постојки за производство на струја од обновливи извори на енергија.  

Чекор напред во европското единство 

Двајцата соговорници потенцираа дека со договорот Фронтекс е направен нов чекор напред во европското единство. Овој договор на оперативно ниво ќе овозможи подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на Фронтекс или на странски полициски службеници на критични точки на границите, а во случаи на ненадејно и брзо влошување на состојбата се обезбедуваат можности за сигурна и континуирана размена на информации и податоци, вклучувајќи оперативни сознанија, разузнавачки податоци, продукти од видео и воздушен надзор, сателитски снимки и слично. 

Ковачевски е дециден дека со потпишувањето на овој договор, Владата ги заштити најважните идентитетски прашања. „Сега можеме спокојно да зборуваме за она што следи пред нас“, рече Ковачевски, потенцирајќи дека на дело се покажала  „деструктивноста на сите кои со мегафони бескрупулозно лажеа дека ова нема да се случи и дека македонскиот јазик секогаш ќе биде со фуснота и додавка“. „ЕУ и во јули, но и изминатиот период ни докажува дека е веродостоен партнер преку испорачување на ветеното. Фон дер Лајен  и јас ги исполнивме ветувањата“, рече Ковачевски. 

Димитар Ковачевски Урсула фон дер Лајен
Владата ги заштити најважните идентитетски прашања, порача премиерот Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Оптимизам за уставните измени 

Скрининг процесот и уставните измени кои што престојат пред македонското Собрание се најдоа на маса на денешната средба меѓу Ковачевски и делегацијата од Европската комисија. Фон дер Лајен е убедена дека ако земјата продолжи да ги спроведува реформите со ова темпо, ќе успее на својот пат кон ЕУ.

„Сакаме да бидете дел од нас, ние сме партнери и пријатели. Сигурна сум дека луѓето во Северна Македонија ќе постигнат мнозинство и ќе гласаат позитивно. Постигнавте  многу и сигурна сум дека во земјата ќе најдете убедливи аргументи за сите да сфатат дека сите се одговорни за да дадат придонес за земјата да оди напред. Младите луѓе имаат сон и ги повикувам сите политичари да го исполнат тој нивен сон“, порача претседателката на ЕК. 

Ковачевски повторно ја повика опозицијата на обединување околу клучните прашања и уставните измени и побара да не ги кочат евроинтегративните процеси. 

Фон дер Лајен во периодот од 26 до 29 октомври ќе ги посети земјите од Западен Балкан. За време на нејзината посета, претседателката Фон дер Лајен ќе ја нагласи важноста што Европската Унија му ја придава на регионот и нејзината безрезервна посветеност на европската перспектива на регионот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи