1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турбуленции во Владата - кој прв ќе повлече нога со оставка?

ДТЗ
23 јануари 2024

Премиерот Димитар Ковачевски најавува оставка во четврток, со што во оставка ќе биде и целата Влада. Но, министерот Азир Алиу размислува прв да се повлече поради кочењето на законите за администрацијата.

https://p.dw.com/p/4baAm
Димитар Ковачевски
Премиерот Димитар Ковачевски најавува оставка во четвртокФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Димитар Ковачевски в четврток ќе поднесе оставка, по што ќе започне постапката за избор на техничка влада, која што ќе раководи со државата 100 дена пред изборите на 8 мај. Според премиерот, со тоа целата влада ќе биде во оставка, па нема потреба секој министер поединечно да се повлекува од својата функција. 

Но, во јавноста сѐ погласни се најавите дека од функцијата во текот на денот планира да се повлече министерот за информатичко општество, Азир Алиу, а како причина се наведува недонесувањето на законите коишто тој ги имаше предложено со европско знаменце за реформите во јавната администрација. 

Азир Алиу
Во јавноста сѐ погласни се најавите дека од функцијата планира да се повлече министерот за информатичко општество, Азир АлиуФотографија: Reg. Nordmazedonien

Турбуленциите поради законите за администрацијата

„Министерот Алиу е квалитетен човек. Се работи за еден извонреден стручњак, доколку и политиката ја тргнеме настрана моето мислење секогаш ќе биде такво“, изјави денеска (23.01) премиерот на маргините на конференцијата „Година на европски можности“, која се одржува во Скопје.

Тој потврди дека целата дискусија е во насока на законите што Министерство за администрација и информатичко општество ги има предложено во Собранието, а за коишто се подготвува расправа во Собранието. „Има пратеници коишто имаат различни мислења по однос на дел од овие закони. Се работи за групата на закони за реформи на јавна администрација, за работни односи, меѓутоа сметам дека министерот Алиу ќе има добра можност да сето тоа го презентира на парламентарната комисиска расправа и подоцна на парламентарната пленарна седница. И мислам дека тој ќе биде тој којшто овие закони ќе ги презентира и треба да ги презентира бидејќи навистина напорно работеше на нивната финализација“, рече Ковачевски. 

Тубуленциите се случуваат во пресрет на изборот на новата техничка влада, кој што треба да се заокружи до полноќ на 28 јануари. Во четврток до 10 часот изутрината се најавува оставка на премиерот Димитар Ковачевски, а со тоа и на целата влада. Деновиве и ВМРО-ДПМНЕ треба да ги предложи своите кандидати со кои ќе партиципира во владата 100 дена пред избори. 

„Не може некој да се однесува како дете“ 

Ковачевски е дециден дека до недела има доволно време да се комплетира владата и ги повика сите политички субјекти да бидат сериозни во овој процес. 

„Не може некој да се однесува како 13-годишно дете, јас ќе предложам и нема да гласам, нема да гласам ова, нема да гласам она. Значи, секој мора да биде сериозен. Никаде во свет нема да предлагате министри, а друг да ви ги гласа. Еве, најдете ми еден пример кај што некој предложил министри и барал да му ги гласа некој друг“, рече Ковачевски во врска со најавите на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да му даде поддршка на предложениот технички премиер, актуелен претседател на Собранието, Талат Џафери.  

Избор 

Премиерот вели дека земјата се наоѓа пред избор за ЕУ или за нешто друго, како и дека во нивната коалиција ќе бидат сите кои се проевропско ориентирани. „Овие избори нема да бидат избори помеѓу левица и десница, туку ќе бидат избори меѓу Западот и Истокот“, порача тој. 

Димитар Ковачевски, Џејмс О'Брајан
Земјата се наоѓа пред избор за Европа или за нешто другоФотографија: Government of North Macedonia

Вакви пораки можеа да се слушнат и на самитот во понеделникот во Скопје, каде се разговараше за Планот за раст на Западен Балкан. Американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија,Џејмс О'Брајан и генералниот директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија, Герт Јан Копман, беа децидни дека земјата се наоѓа пред избор за Европа или за нешто друго.

„На една страна имаме коалиција која што денес ја предводи Владата со која што коалиција станавме земја членка на НАТО и со која што отпочнавме преговори со ЕУ и на друга страна има политички партии коишто се против членството во НАТО и беа против членството во НАТО и коишто денес се против зачленување во ЕУ. Тие зборуваат за некакво алтернативно решение кое што ниту некој го видел, ниту го слушнал, ниту пак може да го види – зашто, затоа што не постои“, вели Ковачевски.