1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Треска“ се расчистува - демне нова бетонизација

ДТЗ
24 август 2022

Со сегашниот ДУП нема никаква пречка да се издаваат градежни дозволи. Со тоа се отвора простор за бетонизација на една од најтрактивните локации во срцето на градот.

https://p.dw.com/p/4Fy7M
Северна Македонија фабрика Треска
Mора итно да се реши прашањето со Треска , која што стана вистинска депонија, а просторот во кругот на фабриката, каде што неодамна имаше и пожар, наликува на Чернобил. Фотографија: P. Stojanovski/DW

Започнува расчистувањето на објектите и опасниот отпад од поранешната фабрика Треска, со што на оваа атрактивна локација во центарот на Скопје се отвара патот за нова бетонизација и изградба на зградите во јавноста познати како „наполитанки“. Објектите ќе ги расчистуваат сопствениците на земјиштето кои што доставиле 36 барања за издавање решенија за отстранување објекти, од кои се одобрени 13.  

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски на прес-конференција во кругот на фабриката информираше дека мора итно да се реши прашањето со Треска , која што стана вистинска депонија, а просторот во кругот на фабриката, каде што неодамна имаше и пожар, наликува на Чернобил.

Но, од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ за ДВ велат дека Скопје ја губи можноста за нови и современи решенија во просторот, за зачувување на зеленилото , за мемориски момент од фабриката и за простор наменет за достоинство на граѓаните, а не само профит за инвеститорите.

„Расчистувањето на Треска од инвеститорите и од општината, а кое го објави градоначалникот, е секако потребно, но иако тој се обидува да не убеди во стравичноста од загадениот простор, сепак не ја препознава стравичноста од чекорите за реализација на апетитите за бетонирање на овој простор. подлегнат само на економскиот притисок и желбите на инвеститорите и аспирациите на сопствениците, туку вистински да се вклучат во креирање на достојна за луѓе квалитетна градска средина“, укажуваат од граѓанската иницијатива. 

Опасен азбест

„Оваа депонија во центарот на општината мора да биде расчистена бидејќи е сериозен извор на зараза од глувци и секаков отпад како и азбестни канцерогени плочи. Во „Треска“ неколкупати досега избувна пожар што дополнително го загрозуваше животот и здравјето на граѓаните. Овој простор треба да се урбанизира и тоа ќе се случи преку почитување на законите“, вели Герасимовски. 

Досега тоа не било можно поради истражните дејствија коишто се во тек за пожарот кој избувна неодамна во магацин во кругот на поранешната фабрика „Треска“. Огнот зафати пластични материјали, дрва, грмушки и отпад. Но, во август по добиена дозвола од судот, општината ги започнува активностите за отстранување на околу 40.000 метри квадратни азбестен кров, кој исто така беше зафатен во пожарот.

Извор на зараза

Чистењето на просторот кај „Треска“ ќе се одвива плански и во неколку фази - ќе се отстранува опасниот отпад, азбестните покриви, потоа ќе се уриваат старите објекти и ќе се отстранува отпад. Планирана е целосна дезинсекција на просторот кој е окупиран од  глувци, змии и други штетници. За чистењето на просторот, сопствениците на објектите имаат ангажирано и приватна компанија за надзор која ќе дава логистика за безбедно отстранување на азбестот, шутот и ѓубрето. Сето тоа ќе се одвива под надзор на инспекциските служби за животна средина од Општина Центар.

Герасимовски вели дека отпадот ќе биде депониран во Дрисла, каде ќе биде уништен. Тој очекува депонијата која е сериозна закана по здравјето и животот на граѓаните да биде расчистена за неколку недели.

Северна Македонија фабрика Треска
Со расчистувањето на просторот, кој беше зафатен од пожар, се отвара можност и за одамна планираните градежни зафати во срцето на ЦентарФотографија: P. Stojanovski/DW

Бетонизација на секоја педа

Но, со расчистувањето на просторот се отвара можност и за одамна планираните градежни зафати во срцето на Центар. Иако градоначалникот најавува дека ќе се направи се што може за промена на урбанистичките планови, според сегашниот важечки ДУП општината ќе може да издава дозволи за градба. 

„Во моментов има важечки ДУП, имавме три години мораториум чија цел беше да се изменат ДУП, но за жал не се успеа. Правиме напори преку регулација да се одвои овој дел и да направиме подобар ДУП. Во моментов има доставено 15 барања за дооформување на парцели и околу четири барања за градежни дозволи. Додека не ги издадеме сите 36 одобренија за расчистување на објектите ќе се закочи целиот процес. Не зависи од Општината Центар, но сигурен сум дека за брзо време ќе ја направиме измената на ДУП“, вели Герасимовски.

Тој ги повика институциите да се вклучат за поскоро донесување на нов ДУП преку регулација за издвојување на „Треска“ од ДУП-от Буњаковец 1 и 2. Целта е поскоро уредување и урбанизирање на просторот со проекти од јавно добро според потребите на граѓаните.

Но, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека Герасимовски со пари на општина Центар расчистува парцели за градба на приватни инвеститори кај Треска. „СДСМ ветуваа дека просторот кај поранешната фабрика Треска нема да се бетонизира, а сега гледаме како брутално со народни пари го спремаат просторот за изградба на нови згради кои ќе го загушат тој дел од градот, велат од ВМРО-ДПМН“, велат од партијата.

Планови за Треска

Со планот, просторот на „Треска“ е поделен на шест градежни парцели и предвидува на нив да никнат триесетина нови згради. Се дозволува катност од приземје, 4 ката плус поткровје и приземје, 5 ката плус поткровје. 

Според „Шанса за Центар“, квалитетот на планираниот простор во сегашните планови беше повеќепати оспоруван, и со неусогласеноста со Генералниот план на Скопје и со стручните елаборати за суспензија. Претходното раководство на општината направи исчекор и донесе одлука со која просторот на Треска го издвои од ДУП Буњаковец. Со тоа, законски и неспорно по сите параметри, овој простор стана предмет на решавање со конкурс. 

„Конкурсот беше можност за урбанистичкото планирање кон покреативни, компетитивни решенија и размислување преку проекти, а не сурово шпекулантско - инвеститорско планирање и градење“, укажуваат од граѓанската иницијатива, според која „сегашната општинска власт со сите сили сака да ги оспори, па дури и да ги скрие од јавноста овие наградени конкурсни решенија кои требаше да бидат основа за нов ДУП за Треска“.

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема