1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали е загубена битката за „Холидеј Ин“?

ДТЗ
9 јули 2021

Антикорупциската комисија чека од Јавното обвинителство да се произнесе за случајот. Се бара увид во дозволата за градба кај „Холидеј Ин“, за „Треска“ недостигаат важни документи.

https://p.dw.com/p/3wFAh
Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Дали е загубена битката за „Холидеј Ин“ и за „Треска“? Антикорупционерите велат „не“ и најавуваат дека нема да се откажуваат од битката против бетонизацијата на строгиот центар на градот. По веста дека веќе нема никакви пречки фирмата „Фешн груп“ и Македонската православна црква (МПЦ-ОА) да почнат со градење на првата од трите кули во најстрогиот центар на Скопје, првата антикпрупционерка Билјана Ивановска за ДВ вели дека не е сѐ завршено. Тие подготвуваат писмо до Општина Центар од која што ќе побараат да им ја достави градежната дозвола и проектот за градба во атрактивниот дел на градот. „Бараме увид во она што е одобрено, по што ќе се произнесеме“, вели Иваноска. 

Антикорупцонерите осамени во битката

Но, антикорупционерите не можат да ја водат сами битката за зачувување на јавниот интерес, кој е сериозно загрозен на сметка на личниот интерес на поединци. Тие чекаат на одговор од Јавното обвинителство, кое треба да се произнесе за иницијативата на Антикорупциската комисија, која пред неколку месеци побара да се отвори истрага за злоупотреба на службената положба за поранешните градоначалници на општина Центар, Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, но и раководителите на секторите за урбанизам од Општината, Градот Скопје и Министерството за транспорт од 2012 година поради парцелата кај „Холидеј Ин“. 

-повеќе на темата: Ивановска за „Холидеј Ин“: Се прават намерни пропусти за да поминат веќе договорени зделки

Од постапката беше изземен актуелниот градоначалник на Центар, Саша Богдановиќ. Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановсказа ДВ во април годинава изјави дека тој не е опфатен со иницијативата за кривично гонење, бидејќи дал предлог до Советот на општината за мораториум, во два наврати. „Ако не даде предлог за суспензија на планот за градба, тогаш и за него ќе се покрене постапка“, најави тогаш Ивановска. 

Mazedonien Proteste im Zentrum von Skopje Kirche
Градоначалникот на Општина Центар вели дека инвеститорите немаат никакви пречки да почнат со градбаФотографија: MIA

Но, не само што немаше суспензија на плановите, туку според последните најави на Богдановиќ барањето за добивање градежна дозвола е на чекор да стане прависилно. Градоначалникот на Општина Центар, во изјава за медиумите вели дека инвеститорите немаат никакви пречки да почнат со градба. 

Незадоволство и револт

„Нема никакви пречки за решението да стане правосилно. Немаме добиено никаква жалба од непосредни соседи или од кој било што може да го пролонгира процесот. Тоа сè уште не е формално-правно завршено, треба да пресметаме кога решението станува правосилно, но веќе нема законска можност процесот да се стопира. Ние постапивме и поднесовме елаборати за суспензија, но по одговорот на Министерството за транспорт и врски, веќе нема причини да се одолговлекува или стопира управната постапка“, вели Богдановиќ. 

Незадоволство и револт предизвика кај граѓаните веста дека нема основ за суспензија на спорните урбанистички планови во Општина Центар, со што требаше да се стопира изградбата на згради кај паркингот спроти „Холидеј Ин“ и на просторот на поранешната фабрика „Треска“ во центарот на Скопје. По неколкумесечна борба за спас на центарот на градот од бетонизација и изградба на нови висококатници, (не)намерни грешки на Општина Центар којашто ги промашила елаборатите за суспензија ги зацементираа надежите дека ќе се сопре градежната инвазија. 

-повеќе на темата: Ивановска за ДВ: Го охрабрувам градоначалникот на Центар да го суспендира планот за „Холидеј Ин“

Општина Центар место да бара суспензија за конкретни спорни локации, побарала суспензија на цели детални урбанистички планови. Притоа биле посочени нерегуларности само за одредени места, а не за цели планови. Членови на Комисијата и министерот Благој Бочварски минатиот месец информираа дека во 11 елаборати за суспензија кои опфаќаат 22 детални урбанистички планови, Општина Центар не докажала штета по јавниот интерес. 

Министерот Бочварски тогаш посочи дека мислењето на Комисијата не е обврзувачко и дека крајната одлука ќе ја донесе Општината. „За да имате основ за суспензија треба да потврдите кои се основите за тоа. По мислењето од Министерството за транспорт и врски испаѓа дека не сме во право за причините што ги наведовме како основ за суспензија. И ако утре дојде до каков било спор ние ќе ги трпиме последиците, бидејќи ако некој тужи ќе каже дека Министерството посочило дека нашите заклучоци не се издржани“, вели Богдановиќ. 

-повеќе на темата: Граѓаните со петиција против изградба на висококатници спроти Холидеј Ин

Со најновиот развој на настаните се отвора простор за почетокот на изградбата на првата 20 катница, која се наоѓа на земјиште во сопственост на МПЦ-ОА, а за којашто се уплатени комуналии во висина од 2,4 милиони евра. За другите два објекта – станбена зграда и деловен центар - дополнително ќе се платат надоместоците за уредување на градежното земјиште. Две станбени згради и една деловна зграда е планирано да никнат на просторот на паркингот на „Холидеј Ин“ во Скопје. Станбените згради ќе бидат од 20 и 22 ката, ќе имаат 400 станови во кои ќе можат да живеат околу 1.200 луѓе. Деловната зграда, пак, ќе има приземје и 16 ката. Во рамките на парцелата е предвидено зеленило на 6.520 метри квадратни. 

Нецелосна документација за „Треска“

Државната комисија за спречување на корупција нема да бара само увид во документацијата за „Холидеј Ин“. Уште една голема парцела за градба во Општина Центар се најде под лупа на антикорупционерите – а тоа е планот за „Треска“. Повеќемесечните напори не вложија со плод. Ивановска вели дека го добиле планот за „Треска“, но во него недостигаат важни делови. „Добивме план што не е целосен. Не можеме да сфатиме како е можно од него да недостигаат документи“, вели првата антикорупционерка. 

Дали документите се изгубени, или станува збор за нешто сосема друго – антикорупционерите ќе се обидат да добијат одговор на ова прашање повторно од Општина Центар, од која очекуваат да им бидат доставени документите на кои стојат потписите на оние коишто го одобриле процесот на оттуѓување на земјиштето до носењето на планот за градба. 

Nordmazedonien I Plakatwand gegen illegale Verstädterung vor dem Regierungsgebäude in Skopje
Уште една голема парцела за градба во Општина Центар се најде под лупа на антикорупционерите - планот за „Треска“Фотографија: Jana Belceva-Andreevska/DW

На 24 јуни, Општина Центар го објави конкурсот за уредување на просторот кај фабриката „Треска“. Според решението, од целата површина најмалку 37 отсто треба да биде предвидено за содржини од јавен интерес, а согласно сопственоста, земјиштето под јавни намени може да се движи до 47 отсто од содржините. Во конкурсот стои дека треба да бидат предвидени објекти за домување - згради со приземје и четири ката.  

Во конкурсот треба да бидат предвидени и јавни содржини односно детска градинка за новите жители и жителите кои живеат во непосредна близина. Објектот треба да згрижи најмалку 250 деца. Право на учество на конкурсот ќе имаат домашни и странски физички и правни лица, кои ќе може да аплицираат во периодот од 24 јуни до 1 септември 2021 година. 

Минатиот месец градежните фирми и сопствениците на парцели кај фабриката „Треска“ се заканија со кривични пријави, посочувајќи дека повеќе од една година чекаат конкурс за ново идејно решение. Тие се повикуваат на важечкиот ДУП и сакаат да почнат да градат десетици згради наречени „наполитанки“, одобрени од претходните општински. Станува збор за повеќе од 62 илјади квадратни метри, каде според последниот Детален урбанистички план, од 2012 година, тука треба да никнат 30 згради. Градењето беше сопрено поради мораториумот во Центар. Но, откако Уставниот суд го укина мораториумот за градба, се отвори простор за повторна градежна инвазија во градот.