И во наредните десет дена температури над 40 степени
17 јули 2023Северна Македонија и во наредниот период ќе биде под влијание на многу топла воздушна маса и температури кои на одредени места ќе достигнуваат над 40 степени. Поради тоа мерките и препораките за заштита на граѓаните остануваат на сила.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, портокаловата фаза во која што се наоѓа државата се очекува да трае во следните десетина дена. Дневните температури во поголемиот дел од земјата ќе бидат над 35 степени Целзиусови, а на некои место и над 40 степени.
Сите региони во државата: скопскиот, осоговско-малешевскиот, пелагонискиот и охридско-преспанскиот, ќе бидат во портокалова фаза. Поради тоа, Владата препорачува ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа.
Препораки
Во установите за згрижување на децата (градинки), да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
Со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Владата му препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11 до 17 часот.
Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7 до 17 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11 часот.
Овие мерки да бидат со времетраење од 9 дена, од 17 - 25 јули, до натамошно одлучување.
Забрана за движење по шуми
Владата, на предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ги задолжи стопанисувачите со државни шуми, согласно Законот за шумите, од 17 јули да прогласат забрана за движење во шумите, по добиена претходна согласност од надлежното министерство.
Забраната важи и за движења во националните заштитени подрачја Јасен, Маврово, Попова Шапка и Пелистер. На подрачјето на Водно каде нема забрана за движење, се предвидени редовни контроли.