„The Talk“ - подготовка на децата за соочување со расизмот | Свет | DW | 06.06.2020
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

„The Talk“ - подготовка на децата за соочување со расизмот

Афроамериканците во САД со своите деца уште на рана возраст водат посебен разговор - „The Talk“. Тоа е разговор за расизмот, полициското насилство и нееднаквоста во општеството.

USA Utica Straßenszene

Афроамериканците во САД многу рано стануваат свесни за својот статус и боја на кожата

„Црнците во оваа земја се подучувани дека треба да бидат двапати или трипати подобри од другите за да постигнат нешто. Секогаш сме под лупа“, вели Ерик Луис. Тој се сеќава на времето кога неговите родители почнале со него да разговараат за расизмот, за тоа дека како црн Американец нема исти шанси како белите Американци. „Секога сме свесни дека луѓето не’ третираат како ’поинакви’. Тоа е товар со кого учиме да живееме“, вели тој.

Луис живее во Лонг Бич, во американската сојузна држава Калифорнија. Наближува до својата 40-та година од животот, а работи како монтажер на филмови и серии. Во времето кога бил на колеџ во сојузната држава Индијана сретнал луѓе кои дотогаш во животот немале сретнато човек со црна боја на кожата.

USA Proteste und Polizeigewalt nach Mord an George Floyd

Протести во САД по смртта на Џорџ Флојд

Вистинско однесување кон полицијата

Во САД постои посебно име за ваквиот разговор помеѓу децата и родителите црнци - „The Talk“. Децата црнци се подучувани од родителите уште на шестгодишна возраст, па дури и порано, дека е подобро ако не се влезе во конфликт со полицијата, дека рацете треба да се кренат високо, треба да се биде смирен и да се има пријателски однос кон полицајците. Доколку не е така, постои ризик од насилство, па дури и смрт, велат во тие разговори родителите.

На видео кое кружи на социјалните мрежи и е споделувано илјадници пати, деца со афроамериканско потекло раскажуваат како треба да се однесуваат кон полицајците ако ситуацијата е критична: „Во разговор со полицијата треба да се биде многу учтив, таков треба да се биде и со наставниците, со луѓето на моќни позиции, зашто тие можат да ти го загорчат животот“, се вели во видеото.

Повеќе:

Социјална нееднаквост во САД: Афроамериканците и натаму посиромашни, поболни, понеобразовани

Осум минути и 46 секунди

Бесконечната борба за еднаквост во САД

Разговорот е секојдневие за црнците во САД

Официјалните статистики покажуваат дека меѓу жртвите од полициско насилство има надпропорционално многу црнци. Затоа за афроамериканските семејства „The Talk“ е секојдневие. Тоа што многу белци не знаат ништо, или знаат многу малку за таквиот разговор, се должи и на тоа што родителите белци едноставно не мораат за тоа да разговараат со своите деца, вели Џелани Мемори од Портланд: „Белците не разговараат со своите деца за расизмот. За родителите црнци тоа е задолжително, затоа што децата ќе бидат сочени со такво нешто еден ден, во градинка, на училиште... Децата црнци многу рано стануваат свесни за својот статус и боја на кожата.“

USA Oakland George Floyd Graffiti

Смртта на Џорџ Флојд ги крена Американците на нозе (фото: уметникот АмендТДК црта мурал од Џорџ Флојд во Оукленд, Калифорнија)

Книга за деца како помош за родителите

Мемори има напишано и книга за тоа - „Книга за деца за расизмот“. Книгата е наменета за деца над петгодишна возраст. На идејата, вели, дошол како татко црнец на шест деца. „Децата најчесто немаат многу проблеми со тоа како се размислува. Најчесто, не за децата, туку за возрасните е неудобно да разговараат за тоа.“ Неговата книга би требало да им помогне да пронајдат зборови за почеток на разговор.

Препорака на авторот: да се биде искрен и работите да се нарекуваат со конкретно име, на децата да им се даде контекст, а тие потоа многу бргу почнуваат да поставуваат вистински прашања. Тој со своите деца разговарал и за актуелните демонстрации: „Моите деца брзо сфатија дека не е во ред да се убие некој.

Гледај видео 01:27

Џорџ Флојд: Илјадници ширум светот се солидаризираат со револтот во САД

Пред се’, ако тој човек е невооружен. Нивната реакција прво беше тага, а потоа бес. Така потоа може да им се објасни зошто доаѓа до протести, па дури и безредија.“

Подготовка за животот

Монтажерот Луис исто така има едно дете - тригодишна ќерка. Веќе сега со неа разговара за теми како неправедност, веројатно наскоро и за расизмот и полицијата, вели тој. Тоа, додава Луис, го прави тажен: „За жал, со тоа и’ одземам парче од детството. Но, мора да ја подготвам за светот и за тоа како во тој свет живеат луѓето кои изгледаат како неа.“

Реклама