Тежок викенд за односите Скопје- Софија
23 јануари 2023Христијан Пендиков, кој минатиот петок беше нападнат во Охрид, се очекува денеска да биде опериран во ВМА, објави бугарската ТВ Нова, посочувајќи дека имал напукнат пршлен на 'рбетот, скршена вилица и повреди на главата. Нападот врз овој македонски државјанин кој се декларира како Бугарин и е секретар во охридскиот културен клуб „Цар Борис Трети“, цел викенд ги бранува односите меѓу двете земји.
Неговиот напаѓач, исто така охриѓанец (24), беше приведен, а Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против него, за кривичното дело -Тешка телесна повреда според член 131 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Неофицијално, сѐ уште се трага по уште две лица кои биле присутни за време на инцидентот, но не учествувале во нападот врз Пендиков. Според неофицијални извори од Обвинителството, тие две лица не се од Охрид.
Македонскиот шеф на дипломатијата Бујар Османи вчера го посети Пендиков во болница во придружба на службениот бугарски министер за надворешни работи, Николај Милков, а тој чин ја подели јавноста. Едни сметаат дека е добро што Османи испратил порака од Софија дека „секое доаѓање во Северна Македонија со цел навреди и негирање на македонскиот народ, ќе последно доаѓање“. Други му забележуваат што молчел на изјавата на Милков кој рече дека „вели ‘не’ на враќањето на тие црни традиции кои историски се поврзуваат со Македонија - на палење, пукање, насилства, и нешта за кои нема место во Европа“.
Кој бил (не)достапен?
Бугари од Македонија, пак, сметаат дека сега е потребен поенергичен одговор од Софија.
„Бугарија треба да ги запре сите разговори со Северна Македонија додека работите нѐ бидат како што треба“, изјави за бугарската ТВ Нова Бекир Кадриески, претседател на Здружение на Бугарите во Струга, со критика дека во РСМ „никој ништо не презема за заканите што тие ги добивале по телефон и на социјалните мрежи“.
Бизнисменот од Скопје, Влатко Начевски, оценува дека тоа што се случува не е ни природно, ни содветно за времето во кое живееме.
„21 век е, луѓето одат во вселената. А ние се расправаме за споменици, за Гоце Делчев, за Даме Груев, за Сандански... Ова не е природно, не е нормално да се случува“, вели тој.
На истата телевизија критики упатил и Петар Колев, кој се декаларира како Бугарин и е претседател на партијата Граѓанско демократската унија (ГДУ) регистрирана во РСМ.
„На денот кога се случи овој напад, македонскиот министер за внатрешни работи не беше достапен на телефон, не слушнавме јасна и дефинитивна реакција од МВР на РСМ“, ја пренесе Бгнес изјавата на Колев. Тој ги повикал бугарските европратеници да ги информираат нивните колеги во Европскиот парламент, за да може со нивна помош сите во Европа да разберат што се случува во Охрид.
Не е јасно на кого не му бил достапен Спасовски, со оглед дека бугарското МВР уште минатиот петок објави дека вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи, Иван Демерџиев, на 20-ти јануари остварил итен телефонски разговор со македонскиот колега Оливер Спасовски, во врска со нападот врз Христијан Пендиков во Охрид.
„Министерот Демерџиев побара навремено да биде информиран за текот на истрагата за тешкиот криминален инцидент. Од своја страна, неговиот колега зеде обврска случајот да биде разрешен. ‘Таква омраза не треба да има’, рече бугарскиот министер за внатрешни работи. Демерџиев ги повика силите на редот во соседната земја да преземат превентивни мерки за во иднина да нема слични случаи. Тој како пример ги наведе напорите на бугарската полиција за зачувување на јавниот ред приотворањето на македонски културен клуб во Благоевград. Двајцата министри се договорија за реализирање на билатерална средба во најкраток рок“, соопшти бугарското МВР.
Отворен истражувачки центар
И додека трае критиката за газење на основните човекови права на Бугарите во РСМ, Бгнес вчера објави дека македонските Бугари сега имаат и свој истражувачки центар, кој го носи името на „Св. Климент Охридски“ и „Центар за стратегиски анализи и планирање“. И двата института биле основани од невладини организации, а нивните канцеларии се наоѓале во центарот на Скопје. Координатор на едниот бил токму Петар Колев.
„Сакаме да претставиме уште една можност за бугарската заедница во Република Северна Македонија да развива активности во сферата на публицистиката, подготовката на анализи, создавање сопствена продукција, нешто што ќе биде повод за гордост за секој од нас. За жал, она што се случи со Христијан (Пендиков), е еден од непријатните настани што ги разочарува сите оние меѓу нас кои веруваат дека правото на самоопределување, правото да ја заштитуваш својата заедница е прашање на основните човечки вредности и тие вредности не треба да станат жртва на агресија и негација. Треба да е јасно, дека бугарската заедница нема намера да прави компромис со нејзините основни човекови права, со нејзиното достоинство, со родовото сеќавање. Ова треба да биде место на просветата, културата, на творештвото. За нас, местото на Северна Македонија е да е дел од ЕУ, и за нас како дел од народите што живеат овде е важно сето тоа да стане факт и законите да важат еднакво за сите“, изјавил на свеченото отворање Петер Колев, координатор на „Центарот за стратегиски анализи и планирање“.
На отворањето присуствувал и бугарскиот амбасадор во РСМ, Ангел Ангелов, заедно со претставници на амбасадата.
„Јасно е дека Република Северна Македонија нема да започне суштински преговори за членство во ЕУ, додека не ги впише Бугарите во Уставот. Тоа што се случи во Охрид е нешто што една правна држава треба да го казни достоинствено. Се радувам што ја отвораме оваа канцеларија, која треба да биде духовен центар, бидејќи духовноста е клучна за Бугарија, која не случајно е нарекувана „земјата на духот“, рекол амбасадорот Ангелов.
Координаторот на Истражувачкиот центар „Св. Климент Охридски“, Георги Трендафилов, највил дека „нивната основна цел е да започнат продукција која ќе создава публикации, соопштенија, ќе организира изложби, ќе шири знаење“. На настанот, освен бугарски дипломати, според Бгнес, присуствувале македонски Бугари и пријатели на Бугарија од Скопје и Велес.