1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Што значи војната со Иран за одбранбениот сектор на САД?

23 март 2026

Војната со Иран ја зголеми побарувачката за американско оружје, а американскиот претседател Доналд Трамп врши силен притисок врз производителите да ја забрзаат и зголемат продукцијата.

https://p.dw.com/p/5AYee
Борбени авиони Ф-16 Фајтинг Фалкон, 10 март 2021
Американскиот одбранбен сектор е под сè поголем притисок да го зголеми производствотоФотографија: Savanah Bray/U.S. Air Force/Zuma/picture alliance

Американските одбранбени компании добија повик да ја зголемат производството за да ја задоволат новата побарувачка што произлегува од војната во Иран. Овој развој ја продлабочува постојната напнатост меѓу нив и администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

На 6 март Трамп во Белата куќа ги прими директорите на седум големи производители на оружје – дел од напорите на администрацијата да го засили секторот додека конфликтот со Иран се продлабочува.

Судирот ги откри проблемите внатре во американската одбранбена индустрија, особено загриженоста за залихите на ракети со долг дострел, пресретнувачите за противвоздушна одбрана и способноста на индустријата да го зголеми производството во случај на продолжен конфликт.

Трамп изјави дека на средбата разговарал за „производството и производните рокови“ со компаниите Кокхид Мартин, РТХ (Рејтеон), БАЕ Системс, Боинг, Ханивел Ерспејс и Нортроп Грумен.

Сепак, според извештаите, преговорите меѓу Пентагон и најголемите американски производители на оружје за нови производствени договори не се одвиваат со темпо што го посакува Белата куќа.

Доналд Трамп на средба со водечки американски воени претставници, 2025
Доналд Трамп неодамна се сретна со водечки американски воени претставнициФотографија: dpa/picture alliance

Напнатост меѓу Трамп и одбранбениот сектор

Бајрон Калан, аналитичар во „Капитал Алфа Партнерс“ (Capital Alpha Partners), вели дека водечките американски одбранбени компании со години се критикувани за „избегнување ризик“, бидејќи се фокусираат на исплата на дивиденди наместо на реинвестирање во производство.

„Имаше критики дека најголемите американски производители на оружје се летаргични, дека не ги предвидуваат потребите, не инвестираат и не преземаат ризик“, изјави тој за ДВ.

И пред воздушните напади врз Иран, односите меѓу администрацијата на Трамп и водечките компании беа затегнати. Трамп често ги обвинуваше дека даваат приоритет на акционерските дивиденди и високи извршни плати наместо на модернизација и зголемување на капацитетите.

Тој ја критикуваше и нивната неспособност да ги исполнат роковите и проекциите на трошоци. За Рејтеон – главниот производител на ракети и пресретнувачи што американската армија ги користи во иранскиот конфликт – рече дека е „најбавен во зголемување на обемот на производство, а најагресивен во трошење на акционерите, наместо на потребите на армијата“. Трамп дури се закани дека ќе ги раскине државните договори ако компанијата не ги зголеми инвестициите во фабриките.

Во јануари издаде извршна наредба со која на одбранбените компании им се забранува да исплаќаат дивиденди или да вршат откуп на акции се додека не обезбедат навремено и квалитетно производство во рамки на буџетот. Паралелно, администрацијата е во жесток спор со компанијата за вештачка интелигенција Антропик,  снабдувач на американската војска, поради одбивањето да ѝ дозволи целосен пристап до својот четбот Claude.

Потреба од побрза и поголема продукција

Трамп тврди дека компаниите недоволно инвестираат во проширување на производствените капацитети,бидејќи вложуваат во механизми што ја смируваат берзата, како што се откупи на сопствени акции.

Во последните години, американските сојузници ја зголемија побарувачката за оружје поради војните во Украина и Газа. Трамп ги критикуваше производителите дека не реагираат доволно брзо.

„Многу партнери сакаат борбени авиони Ф‑35, а испораките траат предолго“, рече тој. „Единствениот начин да се испорачаат на време е изградба на нови фабрики. Но, тие не сакаат да градат, бидејќи е скапо“.

Јапонски систем за воздушна одбрана „Патриот“ - 06.10.2023
Има голема побарувачка за системите за ракетна одбрана произведени во САДФотографија: Kyodo/IMAGO

Буџетски предизвици

Филип Ширс од Центарот за нова американска безбедност смета дека инвестициите во американската одбранбена индустрија навистина растат – особено во муниција и ПВО системи – но дека ќе треба време тие да се преточат во зголемено производство.

„Изградбата на нови погони или складирање на суровини може да трае со години“, вели тој.

Ширс додава дека вина за спорото производство има и самата влада, која редовно доцни со усвојување буџети поради политички блокади. „Ако САД сакаат брзо да го развијат одбранбениот сектор, мора навремено да донесуваат буџети“, предупредува тој.

Бајрон Калан додава дека желбата на Белата куќа за поголемо производство би можела да биде загрозена од политичката реалност. Анкетите покажуваат дека Демократите имаат реални шанси да го преземат Конгресот на ноемвриските избори.

„Тоа би можело значително да ги ограничи трошењата за одбрана“, предупредува тој. „Овој конфликт е непопуларен, а демократска победа би насочила повеќе средства кон здравство и инфраструктура“.

Во буџетот за 2025 година, САД издвојуваа 850 милијарди долари за одбрана, со очекување сумата да достигне 900 милијарди во 2026. Трамп побара 1,5 билиони долари за 2027 година – сума што многумина експерти ја сметаат за неодржлива.

Долготраен конфликт со Иран?

Одбранбениот сектор се подготвува за можностконфликтот со Иран да трае многу подолго од предвиденото. Кенет Аделман, поранешен амбасадор на САД во ОН, вели дека овој конфликт може да се претвори во „втор Ирак“.

„Иран се подготвува за ова одамна“, вели тој. „Војната трае подолго отколку што Пентагон очекуваше. А, моето искуство од Ирак ме тера да бидам скептичен кон плановите на Пентагон“.

Долготраен конфликт би значел и зголемени нарачки и повисоки акции за големите американски производители.

Семејството Трамп веќе ги зголеми инвестициите во одбранбени компании. Оваа недела неговите синови Ерик и Доналд Џуниор вложија во нова компанија за дронови, искористувајќи ја забраната за увоз на кинески дронови.

И покрај зголемената побарувачка, акциите на американските производители паднаа по почетокот на војната на 28 февруари. Индексот „Дау Џонс“ за воздухопловна и одбранбена индустрија прво порасна, но потоа се намали за околу 3%.

Артур Саливан, новинар на ДВ
Артур Саливан Новинар со долгогодишно искуство, фокусиран на глобални економски приказни со геополитичка димензија