1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Според чија волја се управува Северна Македонија?

3 април 2024

Само 14% од македонските испитаници се согласиле дека земјата се управува според волја на граѓаните, 53% не се согласиле, а 29% се колебале, покажува истражување на „Галуп Интернешнел“.

https://p.dw.com/p/4eNBL
Само 20% од македонските испитаници сметаат дека изборите се слободни и чесни, укажува последното истражување на Галуп Интернешнел
Само 20% од македонските испитаници сметаат дека изборите се слободни и чесни, укажува последното истражување на Галуп ИнтернешнелФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Фер и демократски избори", „јакнење на довербата и демократијата“, „го слушаме гласот на граѓаните“, „во име на народот“.., се дел од најспомнуваните фрази во пресрет на претседателските и парламентарните избори. Ново истражување открива што мислат граѓаните за демократијата, за изборите и управувањето според нивната волја.

За мнозинството граѓани на Северна Македонија демократијата сѐ уште е најдобар начин на управување без оглед на нејзините недостатоци, но не веруваат дека изборите се слободни и чесни, ниту дека земјата се управува според нивната волја. Ова е заклучокот од истражувањето на „Галуп Интернешнел" спроведено во 43 држави меѓу 44. 603 лица, од кои и 1.202 полнолетни граѓани на Северна Македонија интервјуирани „лице в лице“.

На прашањето - „Се согласувате или не се согласувате со тврдењето дека ‘демократијата може да има свои недостатоци, но е најдобриот систем на управување'"? 48% од испитаниците во РСМ се согласуваат, 17% не се согласуваат, 30% се колебаат, 5% не одговориле. 

Седуммината претседателски кандидати: На Северна Македонија освен претседателски и претсојат и парламентарни избори
Седуммината претседателски кандидати: На Северна Македонија освен претседателски и претсојат и парламентарни избориФотографија: Petr Stojanovski/DW

И на глобално ниво, демократијата го задржала својот имиџ како најдобра форма на управување - така се изјасниле 59% од анкетираните во 43 земји, само 14% не се согласуваат со тоа, а секој петти ниту се согласува ниту не се согласува.

Падната доверба 

За разлика од перцепциите за демократијата како форма на управување, при што Северна Македонија е позиционирана блиску до просечните нивоа за ЕУ и блиску до некои од нејзините соседи, одговорите на другите прашања (дали изборите се слободни и фер/и дали земјата се управува според волјата на граѓаните) индицираат дека во земјата е сериозно нарушена довербата во темелите на демократското владеење. РСМ не е осамена во тие трендови.

Според резултатите од истражувањето се покажува дека два од основните услови за суштествување на демократијата - веќе се загрозени! На пример, уделот на испитаници на глобално ниво кои се согласуваат дека нивната земја се управува според волјата на граѓаните е 35%, и е помал од процентот на оние кои не се согласуваат со тоа - 40%, а 21% се колебаат.

Парламентарната демократија има свои недостатоци но и натаму е најдобар систем на управување, сметаат повеќето македонски испитаници
Парламентарната демократија има свои недостатоци но и натаму е најдобар систем на управување, сметаат повеќето македонски испитанициФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во Северна Македонија тој процент е уште понизок од глобалниот резултат. На прашањето „Се согласувате или не се согласувате со тврдењето ’Мојата земја се управува според волјата на луѓето’“, загрижувачки дел од само 14% се согласиле дека земјата се управува според волјата на граѓаните, дури 53% не се согласиле, 29% се колебале (ниту се согласуваат ниту не се согласуваат)  а 4% немале одговор.

Недоверба во изборниот процес

Индикативен е и податокот дека довербата во изборите во РСМ е на критично ниво. На прашањето - „Сметате ли дека изборите во вашата земја се слободни и чесни?“, само 20% сметаат дека изборите се слободни и чесни, 45% го мислат спротивното, 31% ниту се согласуваат ниту го отфрлаат тврдењето, а 4% не дале одговор.

Во овој сегмент довербата на граѓаните во Северна Македонија исто така е под глобалниот резултат, каде 44% сметаат дека изборите се слободни и чесни, 33% го сметаат спротивното, а 18% се колебаат.

За илустрација, топ 5 земји во кои граѓаните сметаат дека изборите се слободни и чесни се: Шведска (88%), Португалија (77%), Швајцарија (76%), Германија (73%) и Косово (69%). Топ 5 земји во кои граѓаните сметаат дека изборите не се слободни и чесни се: Босна и Херцеговина (75%), Нигерија (71%), Ирак (63%)  Кенија (57%), а петтото место го делат Бугарија и Казахстан (49%). 

Јасна недоверба во изборниот процес кај македонските граѓани детектира најновото истражување на Галуп Интернешнел
Јасна недоверба во изборниот процес кај македонските граѓани детектира најновото истражување на Галуп ИнтернешнелФотографија: DW/P. Stojanovski

Сликата се менува

Државите од ЕУ во најголем степен се согласни дека демократијата е најдобрата форма на управување и покрај нејзините недостатоци (71%). Овие ставови сепак се посилно изразени во западните држави од Унијата (77%) отколку во источните (60%). И европските земји кои се надвор од ЕУ исто така ја преферираат демократија, но не со иста доверба (57%). Исклучок е Косово со 73%.

Особено интересен е случајот со Русија - таму само 22% од испитаниците се согласуваат дека демократијата е најдобрата форма на владеење, 13% не се согласуваат, дури 32% се двоумат и дури 34% не знаеле како да одговорат.

„Демократијата продолжува да биде најдобрата форма на управување за јасно мнозинство меѓу 43 држави во светот, но убедувањето во тоа се чини дека е намалено во споредба со претходни истражувања, а сега преовладувачко јавно мислење во земјите е дека управувањето таму не е според волјата на луѓето. Така, додека на повеќето места изборите се сметаат за прилично слободни и фер, довербата во нивниот производ очигледно е доведен во прашање, дури и во некои од најстабилните демократии“, наведуваат истражувачите.