1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спасовски - Демерџиев: Нема да дозволиме провокации

ДТЗ
30 јануари 2023

Се проширува истрагата за тепачката во Охрид. Бугарскиот министер за внатрешни работи во македонската полиција предал документи и изјави за закани кои ги добил Пендиков, со барање да се спречат инциденти во иднина.

https://p.dw.com/p/4Ms4J
Оливер Спасовски  Иван Демерџиев
Спасовски и Демерџиев со порака: Нема да дозволиме провокации на гробот на Гоце ДелчевФотографија: Petr Stojanovski

Се шири истрагата за нападот на Христијан Пендиков, секретарот на бугарскиот клуб од Охрид, кој се лекува од повредите во болница во Бугарија. Бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој е во посета на Скопје, на средба со македонскиот колега Оливер Спасовски му предал документи и изјави за закани кои ги добил Пендиков, со барање да се преземат мерки и да се спречат вакви инциденти во иднина. Тој бара да бидат проверени наводите и сите што го служат со такви закани, ќе бидат исправени пред лицето на правдата. Двајцата министри упатија порака дека нема да дозволат да се нарушат добрососедските односи и соработката меѓу двете земји, но и дека ќе бидат преземени мерки и во Скопје и во Софија за да се спречат инциденти пред гробот на Гоце Делчев. 

„Јазикот на омразата не е патот кон Европа. Двете земји треба да ги споделуваат европските вредности. Должни сме да обезбедиме стабилност не само во регионот, туку и за стабилноста на целата Европа“, вели Демерџиев. 

Како да се избегнат инциденти?

Иван Демерџиев, заменик претседател на бугарската Влада за Јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи, ја предводи високата делегација која што пристигна во земјава, со цел заедно со македонскиот полициски врв да договорат заеднички активности во пресрет на чествувањето на 4 февруари, а по најавите дека одредени групи од Бугарија би можеле да предизвикаат инциденти.

Спасовски ветува дека се ќе биде преземено во земјата за да се обезбеди чествување на великанот како што доликува.  „Апсолутно не смее да се дозволи инцидент“, вели тој. Неговиот бугарски колега пак, вети дека ќе бидат преземени соодветни мерки и во однос на доаѓањето на бугарски државјани на чествувањето во Скопје. 

„Ќе преземам мерки за луѓето кои што ќе дојдат на чествувањето. Во никој случај нема да дозволам да бидат предизвикани провокации и да дојде до несакани настани. Постигнавме согласност дека се ќе биде во најдобар можен ред, а не да дозволиме некои луѓе и закани да го распалат огнот“, порача Демерџиев.

Засега е неизвесно дали најавената група од Бугарија ќе присуствува на чествувањето или некој од нив ќе биде вратен од граница поради безбедносен ризик.Одлука ќе се носи во наредните денови. Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во моментов нема официјална најава дека делегација од Бугарија ќе дојде во земјава за роденденот на Гоце Делчев.

Нови моменти

Во однос на истрагата за инцидентот во Охрид, кој доведе до заострување на односите меѓу двете земји, Спасовски информираше дека едно лице е во притвор, а се преземаат мерки за проширување на истрагата. 

Гоце Делчев
Ќе помине ли мирно годишнината од раѓањето на Гоце Делчев?Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Тој порача дека МВР за сите случаи постапува подеднакво посветено со цел виновниците да бидат изведени пред лицето на правдата и санкционирани.

„Нашата крајна цел е да се обезбеди сигурност за сите граѓани и лица на територијата на Северна Македонија“, порача Спасовски.

Бугарскиот министер бара случајот да биде истражен објективно и комплетно и да се превенираат вакви случаи во иднина. „Ваквите инциденти ги разоруваат односните меѓу двете земји, кои можат да доведат само до непријатности, а тоа не би било добро за двете страни“, истакна Демерџиев.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема